По повод јубилејот од 120 години од раѓањето на академикот и ликовен уметник Никола Мартиноски во Крушево ќе биде отворена изложба на која ќе бидат претставени дела инспирирани од уметничкиот стил на Мартиноски, создадени со дигитални алатки.
„Овој јубилеј, како и неговото творештво и допринос кон македонската современа уметност беа доволен мотив да 8 млади дизајнери се приклучат на дигиталната ликовна колонија во Крушево и изработат креативни решенија. Под менторството на уметникот Зоран Кардула, дизајнерите инспирирани од уметничкиот стил на Мартиноски креираа дела со помош на дигиталните алатки“, велат организаторите.
Нивните дела ќе може да се видат на 15 август, 2023 во Крушевската чаршија и на 18 август, 2023 од 12.30 часот во Галерија „Никола Мартиноски“ во организација на Europe House Skopje.
Во Крушево, оваа година се одбележува 120 години од раѓањето на Никола Мартиноски, се навршуваат 50 години од неговата смрт и 55 години од отворањето на Галеријата Мартиноски.