Беше пеколен 15-ти јули во Милано, едвај се дише, на сонце баш и не се стои зошто за многу кратко време ве удира „дамла“. Но, тоа е што е, го прифаќам како факт и продолжувам со подготовките за вечерашниот концерт на еден од моите омилени бендови, Arctic Monkeys.
Беше пеколен 15-ти јули во Милано, едвај се дише, на сонце баш и не се стои зошто за многу кратко време ве удира „дамла“. Но, тоа е што е, го прифаќам како факт и продолжувам со подготовките за вечерашниот концерт на еден од моите омилени бендови, Arctic Monkeys.
Кога ги купував картите за истиот, скоро 10 месеци порано, хиподромот Snai La Maura во Милано ми беше тотално непозната дестинација за концерти, искрено не знаев што да очекувам и ги купив единствените карти што „Тикетмастер“ ми ги понуди на нивниот сајт. Во меѓувреме се обидов да најдам некаква мапа на концертот, но безуспешно. Се помирив со фактот што ќе ги гледам Monkeys со 15.000 публика (така прочитав некаде) и по принципот: кој прв стигне, фаќа подобро место за гледање. Точно 24 часа пред концертот, 10 месеци подоцна, ми пристигна меил токму од „Тикетмастер“ со целосно објаснување за целиот концерт, од тоа како да стигнеш, од каде да влезеш, што во колку часот се случува, мапа на хиподромот и куп други помошни информации за целата организација. Ги отворам картите и тука ме „пукна“ првиот адреналин. Сум купила „пит“. Си велам ете, универзумот препозна колку ги сакам Monkeys и „сосема случајно“ ми ги понуди ѕвездичките на мапата од хиподромот како дестинација на која ќе го видам мојот омилен бенд. Заедно со, по претпоставка, дека сите што ги купиле овие карти, вистински фанови.
Да се вратам на денот на концертот. Организацијата на врвно ниво. Хај-тек озвучување, огромна бина на која без проблем може да музицира цела филхармонија, огромни лед екрани лево и десно од бината, за секој посетител да може да има добар поглед на она што се случува на бина, каде и да стои во толпата. Еден кружен екран на самата бина, зад бендот, на кој се вртеа импресивни визуелни материјали во стилот на 70-тите, па оддаваа чувство како да гледате документарец. И секако, тука беше неизоставниот mirrorball (со испишано името на бендот), кој е дел од лириките на новиот албум.
Првенствено морам да дадам и кредит на предгрупата, нивните сонародници Hives кои иако видно постари од Monkeys, комплетно ја размрдаа публиката и внесоа жешка атмосфера за она што следуваше. Искрено на моменти мислев дека овие „моите“ Италијани од пит беа дојдени повеќе за предгрупата бидејќи наизуст ги знаеја и пееја сите нивни песни. Без многу помпезности и бисови, заврши едночасовниот концерт на Hives и имавме половина час пауза за да се прилагоди бината за главниот бенд.
Закажани во 5 минути до 10 и точни како швајцарски часовник, во тотален мрак на бина и на небо, се вивна првата музичка увертира со семплови од најновиот албум. Прво излезе бендот, па по едноминутни врискотници и аплауз, се појави Господинот Тарнер. Спастрен од глава до пети, во за него типично комбо: бела поло маица која глуми кошула, темен ѕвонаст џинс, со рокабили чевли на потпетица, ноншалантна фризура и секако неговите омилени „рејбанки“, овојпат авијаторки. И покрај тоа што е мрак, тие се тука да останат на добар дел од перформансот.
Мојот прв впечаток за него? Тој е рок-ѕвезда од највисок ранг. Знаете, денес скоро и да не постојат фронтмени на групи кои со таква леснотија ја живеат и ја воспремаат театралноста на рокенролот, длабоко инкорпорирана во нивниот карактер. И ништо од ова не е ниту усилено, ниту вештачко. Се трудам да ја опишам неговата харизма и персона со зборови, но за жал, таа мора да се доживее. На моменти, во него го гледате Боб Дилан, на моменти се појавува Дејвид Брн, а на моменти како од сенка и Леонард Коен и Боуви. Но сепак, Алекс е нов „брид“ на музичар кој ве плени на прво гледање и неговата енергија не зависи од тоа како сте вие расположени во моментот. Воопшто не. Тоа се гледа секојпат кога ја крева раката во воздух по совршено добар риф отсвирен на својата гитара. Во свој филм, го држи целиот концерт во раце и го режира во тек познат само за него самиот, покажувајќи вештина, грациозност и елеганција со кои можат да се пофалат само малкумина негови генерациски колеги музичари. Сцената ја владее и на неа доминира комплетно. И тоа е празник за очи и за уши.
Секако тука се и останатите членови на бендот, кои будно го следат како што некој би следел вистински лидер во било кој сегмент од општественото живеење. Тие толку добро функционираат заедно, што како да не постојат на концертот, бидејќи целото внимание му го оставаат на фронтменот.
За оваа турнеја бендот беше проширен на 7 члена на сцената, чијашто комплементарна хемија е толку добро „навежбана“ што ви дава олеснителна околност комплетно да уживате во целиот сценско-музички спектакл, без премногу да размислувате за жанровските промени на нивото творештво. Тие може да се пофалат со исклучителна вештина сами да си ја мотивираат атмосферата на бината. И во светот на новопечени егоистични музичари кои ќе направат сè за да бидат забележани, Arctic го прават токму спротивното: тие инсценираат претстава, каде единствен протагонист е нивната музика и нивната заедничка хемија. Надополнета со една од најубавите поезии во модерната музика.
Иако оваа турнеја им се вика „The Car“, баш како и последниот албум, сепак преовладуваа песни од постарите албуми. Почнаа многу енергично со „Brianstorm“, на чиишто громогласни тапани публиката буквално полуде, пеејќи од почеток до крај, скокајќи со рацете во вис. По неа следуваше оптимистичниот пулс на „Snap out of it“ и „I bet you look good on the dancefloor,“ па микс од не толку познати нумери од нивните први пет албуми. Се нанижаа „Don’t sit down cause I’ve moved your chair“, „Crying lightning,“ „The view from the afternoon“, „Pretty visitors“, „Perfect sense“, „Cornerstone“. Можеби за некои фанови овој избор беше чуден, но на крајот од денот, никому не беше гајле зошто звучеа толку добро. А и навистина не можеме да ги обвиниме бидејќи новите генерации сепак „се ложат“, на сметка на поновите два. Па оттука целата еклектична сетлиста од 21 песна, од која само 4 песни се од новите, не е воопшто зачудувачка.
Но јас сум олдскул фан и сепак ги следам од почетокот на нивната кариера, па уживав со сите сетила во целото нивно творечко наследство, а најмногу во новите Monkeys. Песните од „The Car“ на самиот концерт не звучеа толку рок и инди како Arctic Monkeys, туку повеќе како самостојните проекти на Алекс Тарнер поткрепени од Monkeys. Поспори, поџези, но сепак со многу енергија во себе. Поинаква. „There’d better be a mirrorball“ беше првата нумера која ја изведоа од овој албум, прекрасна балада која звучи како да е позајмена од Бонд филм. И тука целиот концерт доби нова нота. Суштинска. Магична. И во тие пет минути времетраење на песната, се вљубивме, копнеевме, прошетавме, сонувавме и се разбудивме. А убаво не предупреди Тарнер уште со првиот отпеан стих: „Don’t get emotional. That ain’t like you“. Ја изведоа и „Body paint“, најмелодичната песна од албумот, чиишто виолински секции беа заменети со семпл и посебен аранжман на синтисајзер. Но сето ова не придонесе за намалување на нејзиниот симфоничен раскош.
По нив следуваше моќната „505“ од 2007-ма. И таа во нов аранжман и со интро на кое Тарнер свиреше на пијано. Тука по вторпат слушнавме поинакво рецитирање на лириките од она класичното во самите студиски албуми. Првото беше на „Do me a favour“, изведба толку моќна што ја вбројувам во топ три од концертот. Во неа успеаја да се вкрстат драматично-говорната експресија на телото на Тарнер, неговото рецитирање во стилот на претстава од Бродвеј и возбудливите танцови бравури на самата нумерата која бендот ја отсвири хируршки прецизно.
И потоа следеше климаксот. Целата 65 илјадна публика (да, добро прочитавте, ни јас не бев свесна за оваа бројка) ја чекаше нејзиното Височество: „Do I wanna know“. Хитот на хитовите. Звучеше совршено. И самиот бенд знае дека не смее да има пропуст на оваа нумера бидејќи присутните фанови ја чекаа повеќе од еден час. Совршено хармонична и беспрекорно отсвирена, уште на првиот такт кој е во ритамот на срцебиење. Ви влегува во глава, под кожа и срцето ви бие обземено од нејзиниот ритам. Сите со телефоните во раце, да се овековечи една од најубавите балади во музичката историја. Се отпеа од прв до последен стих, од прва до последна нота.
И воопшто не бевме спремни за она што следуваше. „Sculptures of anything goes“, најмоќната и најзастрашувачки мрачно-мелодична песна од новиот албум. Во синт-поп стил од 80-тите, со моќни звуци кои во голема мера звучат како под влијание на хит серијата “Stranger things”. Рака на срце, по секое нејзино слушање пред очи ми се појавуваат Ел, Векна и останатите ликови од серијата. Лириките во рецитирачки стил, но овојпат Тарнер звучеше како проповедник за крајот на светот, но во истовреме со повремен оптимизам менувајќи ја нарацијата и давајќи ни надеж за подобро утре на целата уметничка експресија за која пее во песната.
Бисот се состоеше од три нумери, а концертот заврши енергично како што и почна. Секако на крајот Тарнер мораше да не праша: „Are you mine?“ и дали сè уште ја има нашата доверба како фанови, по уникатниот спектакл што го приреди вечерта со бендот. И кога мислевме дека концертот заврши, бидејќи целиот бенд направи едноминутна пауза, во даден момент на адреналинска зашеметеност, секој член, како на тајмер го продолжи свирењето и нè почести со уште неколку минутен век на „Are you mine“, давајќи и нов, фантастичен крај. И во целиот амбиент на хиподромот, мајмуните од Шефилд испорачаа сет чијашто енергија беше толку специјално интимна што секој посетител од публиката би го посакал истиот раскош, повторно и повторно. Нивното наследство нема рок на траење, и е изградено не само на нивните поранешни успеси, туку и на нивната непоколеблива посветеност да ги поместат границите во создавање на музика која резонира со секој слушател. Суштинска и вонвременска.