Кристина Атовска е единствената новинарка, воена известувачка од Македонија за војната од Украина, која со неверојатна професионалност и храброст успеа да известува од воено подрачје и притоа да остане доследна на новинарските принципи и етика. Од друга страна, нејзиното емоционално искуство, стравот и неизвесноста да се биде на терен во војна, како и гледањето на секојдневниот живот на луѓето низ бомбардираните градови во Украина ја поттикнаа да го направи документарниот филм „Приспивни сирени“, за кој освои неколку награди. Филмот, како што вели таа, е „филм за луѓето, но и филм посветен на нивниот секојдневен хероизам, на надежта и на неоткажувањето“.
Вие бевте единствената новинарка од Македонија која известуваше од војната во Украина. Ќе можете ли накратко да ни го опишете искуството како е да се известува од воено подрачје и какви беа вашите очекувања на почетокот, а на што бевте сведок таму?
Со оглед на тоа што свесно тргнав накај военото подрачје, можам да кажам дека очекував буквално сè. Сè може да се очекува во војна. Движењето низ држава со воени активности е опасно и непредвидливо, но искуството да се биде таму е неверојатно. И професионално и лично. Военото известување е сосема поинакво од другите сектори во новинарството, бидејќи таму немате право на грешка. Една грешка на теренот може да ве чини живот. Затоа, потребна е добра психофизичка подготвеност за да се известува од военото жариште. На теренот морате да се грижите за тоа добро да си ја сработите новинарската работа (со оглед на фактот што луѓето во војна се ранлива категорија, морате да имате посензитивен пристап), да не ги прекршите новинарските стандарди, да не дозволите емоциите да ве совладаат во ужасот што го гледате и дополнително да бидете подготвени физички да реагирате во случај на закана. Имав и дополнителни предизвици, бев сама и со недостаток на финансиски ресурси. Така што, трите месеци поминати во Украина, од Лавов до регионот Изјум, за мене се едно неверојатно искуство. За тоа што сè видов таму можам да зборувам со денови. Ги видов најголемите ѕверства што може да ги направи човекот, како масакрот во Буча, но ги видов и најблагородните човечки особини. Неверојатна несебичност, топлина, волја за живот, храброст…
Со оглед на тоа што известувањето од војна е мошне непредвидливо и опасно, дали добивте некаква подготовка и каква пред да одите?
Имав подготовка уште во студентските денови, сега само добив можност да го искористам наученото. Инаку, во нашата држава и нема каде да се добие подготовка, всушност секторот воено известување воопшто и не постои. За разлика од нас, во европските држави денес има многу добри академии со специјализирани курсеви за известување од воени зони што обуката ја вршат со теренски симулации (како дел и од психичката подготовка за одење во воено жариште). Мојата, за жал, беше само теоретска. Со теренот се сретнав првпат. Како и да е, воопшто не е паметно да се отиде на такво место без некаква подготовка. Има многу работи што треба да ги знаете за да си го спасите животот на теренот.
Дали можете да споделите со нас дали чувствувате страв и неизвесност додека известувавте и колку стравот во такви моменти може да ве заштити од непријатни и опасни ситуации? Која ситуација ви предизвика најмногу страв?
Стравот и неизвесноста се неминовни. Одлична ви е забелешката дека чувството на страв може да ве спаси од многу опасни ситуации. Впрочем, воените известувачи имаат правило да не работат со луѓе на теренот кои не чувствуваат страв. Недостатокот на страв води до непромислени (хазардерски) потези, што во таква средина значи сигурна смрт. Се најдов во многу животозагрозувачки ситуации, а градови како Харков или одењето до првите линии на огнот беа интензивно чувство на страв. Тешко ми е да издвојам само една ситуација. Никогаш нема да ја заборавам првата вечер во Харков, кога беше гранатирана соседната зграда. Нашата се тресеше петнаесетина минути. Во моментот на ударот, ми се запалија сите „аларми“ за преживување, но тоа беше една од оние ситуации во кои морав да се помирам со сознанието дека нема што да се направи и сè што ми останува е да се надевам дека мојата зграда нема да биде погодена. Додека работев надвор, и покрај тоа што паѓаа бомби на секои пет минути, сепак постоеше чувството на некаква привидна сигурност поради сознанието дека има простор за реакција, но навечер, затворена во зграда или во автомобил, чувството е застрашувачко. Се најдов и во ситуација на „пријателски оган“, која исто така беше застрашувачка. Неретко се случува локалец и резервист да влезат во вербална расправија што води до вперување пушка во глава. Таа мошне интензивна расправија траеше два часа и, за среќа, сите излеговме живи од неа. Затоа е важно со кого работите на теренот и како треба да се однесувате во конкретни ситуации. Би го издвоила и одењето до првата линија на огнот во регионот Изјум, кое беше најопасното нешто што сум го направила во животот. Сознанието дека од моментот кога се качив во воено возило сум директна цел, заедно со активната артилериска престрелка среде полињата беа посебен вид срцебиење. Тоа е посебен вид страв помешан со адреналин и неверојатна верба дека од таму се излегува жив. Има една изрека што вели: „Нема атеисти во рововите“. Вистина е. ☺ Така што, во константно опасна средина, на стравот морате да се навикнете, но никако не смеете да го исклучите или „успиете“, зашто во дадени моменти спасува живот.
Дали имаше некои особени случки или известувања од некој град што особено ве трогнаа, останаа со вас подолго време или научивте некое ново искуство од нив?
Има многу такви, и добри и лоши. Мислам дека секогаш ќе останат со мене. Не се само случки и известувања туку и луѓе. Поголем дел од нив не сакаа да зборуваат пред камера, но времето поминато со нив за мене е бесценето. Запознав неверојатни луѓе, еден од нив е последниот жив ликвидатор на радиоактивниот материјал од Чернобил, кој со години пишува поезија. Многумина ме трогнаа, ќе ми требаат многу страници за да ги споменам сите.
Како луѓето кои останаа во градовите се справуваа и живееја со постојаното бомбардирање, што особено забележавте и ви остави впечаток таму од нив?
Кога првпат влегов во Харков, не ми беше јасно како може толку голем број луѓе да останат да живеат под дожд од бомби. Особено ми беше тажна сликата на полно детско игралиште со деца кои ниту малку не се плашат од звуците на бомби и од тресењето на површината под нозете. Луѓето таму се решени да не дозволат некој да им го одземе правото да живеат нормално. Се будат наутро, го чистат хаосот од ноќното бомбардирање, одат на работа, повторно го чистат хаосот од дневното бомбардирање и во последните часови пред полициски час (кои се најтивките два часа во денот) ги прават истите работи што ги правеле пред војната: си ги носат децата на игралиште, возат велосипед и слично. И сето ова го прават со неверојатна топлина, неверојатна љубезност и солидарност, со вистинска желба да се помогне и со многу волја за живот. Со огласувањето на сирената за полициски час, паѓа и првата бомба и следува жестоко бомбардирање во текот на ноќта. Многу е морничава атмосферата кога во близина ќе падне бомба среде ноќ. Сите деца одеднаш се будат и почнуваат да плачат и низ населбата се шири гласно ехо од детски плач. Знаете, многу е тешко да се живее во такви услови, толку долго и да се задржи ведриот дух. Импресионирана сум од луѓето во Харков. Можеби животот таму ми беше најмногу загрозен, но луѓето направија да се чувствувам згрижено, топло, добредојдено. Тоа се луѓе со неверојатни манири во однесувањето и со искрени емоции. Навистина, престојот во Харков ми беше еден голем емоционален ролеркостер. Затоа се вратив таму вторпат и сигурна сум дека повторно ќе одам. Но, не се само луѓето во Харков. Сретнав многу луѓе кои ми беа фасцинантни поради начинот на кои се носат со наметнатата ужасна реалност и секогаш ќе останат дел од моите емотивни впечатоци.
На што најмногу треба да се внимава додека се известува од кризно и воено подрачје во однос на новинарскиот дел, да се запазат новинарските правила?
На многу работи. Прво, јавноста мора да знае дека пристап до информации од втората страна нема, не по вина на новинарите. Впрочем, и дел од информациите што ги изнесува нападнатата држава се тешко проверливи, на пример бројот на загинати војници; бројот на уништената техника и слично. Токму затоа, новинарите на теренот се сосредоточени на цивилниот фактор, на кршењето на човековите права, на она што може да се докаже и покаже. Секако, новинарите на теренот доаѓаат до секаков вид информации и понекогаш се воздржуваат од нивно брзо објавување за да не предизвикаат дополнителна штета. Секако, пристапот во воено подрачје мора да биде многу сензитивен со оглед на состојбата во која се наоѓаат луѓето таму. Впрочем, новинарите треба да покажат различен степен сензитивност и различна реторика кога разговараат со жртви на сексуално насилство или деца. И секако, новинарите мораат да останат присебни и да не дозволат емоциите да им го поматат расудувањето или да влијаат на известувањето.
Сепак, не може да се игнорира ни човечкиот, личен, емотивен дел во такви ситуации. Како успевавте да направите баланс во известувањето?
Како дипломирана новинарка која десет години се занимава со новинарство, можам да кажам дека почитувањето на новинарските стандарди за мене не е тешко и сè она што ме погоди, лично и емотивно, остана зад камерите. Јас сум личност со можеби пренагласена емпатија и навистина сочувствував и многу тешко ги доживував сториите на луѓето, многу често плачев со нив, но ако ги погледнете моите известувања во живо и репортажи, ќе видите дека се „by the book“ (според сите прописи). Токму затоа и го направив документарниот филм. Филмот е друг вид медиум и дозволува личен и емотивен приказ на моето искуство. „Приспивни сирени“ настана веројатно поради тоа што се чувствував недоискажано.
Според вашето искуство го снимивте и документарниот филм „Приспивни сирени“, кој имаше голем успех и освои награди. Што ви беше најважно да претставите преку документарецот, на што се сосредоточивте?
Фокусот е на цивилите. Ова не е филм за бројки и чисти факти, ова е филм за луѓето, за тоа како се чувствуваат, какви одлуки носат и како живеат во услови во кои секој миг може да им е последен. Но, ова е и филм посветен на нивниот секојдневен хероизам, на надежта и на неоткажувањето.
Искуството како новинарка од војната во Украина сигурно ви донесе голем поттик и понатаму да се трудите да известувате и да пренесувате важни животни приказни и светски случувања. На што сте сосредоточена сега и дали некогаш повторно сметате дека би оделе да бидете воен известувач?
Секако дека би сакала да сум со луѓето на теренот, дури и во најекстремните услови. И секако дека би се вратила во Украина. Во периодот зад нас, со мојот тим, Виктор Петрески и Мајда Бошњак Атанасовска, работевме на фестивалското претставување на филмот, направивме домашна премиера и изложби на фотографии од војната во Скопје, Тирана, Приштина и Софија. Сега, сосредоточена сум на барање начини за враќање во Украина.