Здрав живот се живее единствено преку здрави навики
Војдан Стојановски е еден од најуспешните македонски кошаркари кој е синоним за професионалност и упорност. Тој долги години е предводник на нашиот национален тим, лидер во тимовите за кои настапува и идол за многу идни кошаркари и спортисти. Неговата успешна кариера е резултат на неговата истрајност, практикување здрав живот но и здрави навики, кои дисциплинирано ги практикува.
Туширање со ладна вода
Секој ден го почнувам со оваа навика, што сега веќе ми претставува ритуал со кој го почнувам секое утро. Со години ја практикувам и веќе уживам во бенефитите од неа. Редовното туширање со ладна вода, ја подобрува циркулацијата , го забрзува метаболизмот, се зголемува желбата за физичка активност, се предизвикува поголема будност и позитивно влијае на менталното здравје. По напорни натпревари многу брзо се чувствува процесот на закрепнување.
Внимавање на исхраната
Здрава, избалансирана исхрана е моја цел и затоа многу внимавам секој ден да имам три, здрави оброка, со потребните нутриенти. Пробувам да избегнувам шеќери, адитиви и процесирана храна. За да се храниш здраво многу е важна организацијата и планирањето на оброците, настојувам во секое време да имам многу овошје и зеленчук. Кога ги имаш вистинските намирници на дофат, а воедно и немаш храна што би те довела во искушение да излезеш од шемата на здрава исхрана е многу полесно. На оваа здрава навика сум одобено горд, зашто ми се покажала како многу важна за мојата професија и навистина е многу лесно кога не ти е тешко односно си нваикнат да се храниш здраво.
Физичка активност
Мојата професија е најтесно поврзана со добра физичка подготвеност, па затоа можеби оваа навика едноставно е дел од мене. Настојувам секогаш кога ќе заврши сезоната да немам паузи во тренажниот процес, постојано да сум активен и во добра физичка форма. А за тоа има само еден начин а тоа е континуитет. Па така секојдневната физичка активност, ме ослободува од стрес, ме прави поопуштен, посреќен. Едноставно ми е како секоја друга навика на пример за основна хигиена и затоа немам падови во формата.
Големи количини на вода
Од рано детство и од најраните мои кошаркарски почетоци, постојано ми беше нагласувана важноста на водата за мојот организам и моето здравје. Подоцна читав сериозни, стручни анализи за незаменливата улога на водата и моето секојдневие не поминува без минимум четири литри вода. Познат е фактот дека на спортистите и луѓето со поголема физичка активност им треба повеќе вода, зошто многу лесно може да дојде до дехидрација, па затоа сум внимателен и одговорен. Водата во нашиот организам има улога во која се одвиваат сите хемиски и метаболитички процеси и има директно влијание врз спортските перформанси на организмот.
Добар сон
За жал оваа навика како старееме и созреваме е многу тешко за одржување и бара вистинска работа. Иако сите тежнееме да имаме добар, квалитетен сон, неопходен за функционирање, стресот, анксиозноста, уморот што ни се таложи од секојдневието прво се одразува на сонот. Мене сонот директно ми влијае на сите мои дневни активности, па затоа практикувам неколку ритуали пред заспивање, особено кога сум во тренажен и натпреварувачки процес, како исклучување на електронски уреди, не вечерам никогаш пред спиење, квалитетна перница, душек и слично.