Верувам дека сите луѓе во определен дел од својот живот се наоѓале во мрачен период, во незавидна позиција и немале излез за решението на своите проблеми. Некаде прочитав дека очајот е оцет, добиен од виното на надежта, и добив кристално јасно привидение за многу мои постапки и однесувања од минатото. Неколку години бев во длабок очај од кој мислев дека немам излез и веројатно сите работи ми изгледаа многу пострашни од тоа што навистина беа, поради тоа што не бев своја. Но сепак, неколку години од кога излегов од тој темен, токсичен круг, сѐ уште се фаќав себеси како се обвинувам, барав некое логично објаснување за многу мои постапки. Ме измачуваше фактот, дека не се препознавав, буквално ми беше како филм во кој гледам ликови што не ги познавам, многу далечни и непознати. Па се прашував дали таа личност е поблиска, до моето вистинско, најдлабоко јас зашто бев убедена дека човекот во очај постапува по инстинкти и интуиција и ми беше логично дека тоа е моето вистинско лице. Тоа сознание ме натажуваше зашто за многу работи не бев горда, многу работи би ги направила поинаку во секој момент да се случуваа сега, едноставно сметав дека тоа е најлошата моја верзија. И секој ден мислев на тоа, премногу се грижев, се обвинував и не можев да си простам.
Во вакво расположение еден ден мојот среден син, ми прочита прекрасна кинеска приказна, која ќе пробам да ви ја раскажам, накратко. Во некоја кинеска провинција, живеел сиромашен писар, кој имал син единец. Кога се разболел и знаел дека се ближел денот, кога ќе треба да се разделат, тој на својот син му дал кутија и му кажал дека внатре има две писменца, сино и црвено. Црвеното да го отвори кога ќе биде најочаен, најнесреќен и најуплашен, а синото да го отвори кога ќе ја доживее најголемата среќа во својот живот. Таткото починал, и настапиле тешки и мачни години за синот. Немал работа, немал ништо за јадење и живеел во голем очај секој ден. Кога еден ден се онесвестил од глад и почнал да добива црни мисли за својот живот, решил да ја отвори кутијата од татко му, и да го прочита црвеното писмо. Го отворил и прочитал само една реченица: – И ова ќе помине! Разочаран зашто очекувал, некоја животна мудрост, убава вест или решение за сите проблеми, се посомневал во постапката на својот татко. Но во тој момент, непознат човек, што работел во блискиот град го побарал и му кажал дека нивниот писар починал и тој мора итно да ја преземе неговата работа. Продолжението го претпоставувате, човекот почнал да работи, напредувал во работата, премногу се заљубил, добил деца и имал многу убави моменти со нив. Го отворил и синото писмо, во моменти на неизмерна среќа со своето семејство, и тоа ја имало истата содржина: -И ова ќе помине! Кога го прашав мојот син како ја разбира приказната, веднаш ми одговори, па кога ти е многу лошо и ти се случуваат лоши работи треба да истрпиш зашто пак ќе дојдат убави, па пак лоши и така…
И на крај дојдов до најпростото логично решение, и заклучок дека дефинитивно некои клишиња се создадени од вистински приказни. Можеби некои работи, не можеш да ги смениш, можеби некои моменти те болат, натажуваат, те прават слаба и ранлива, но дефинитивно се патот до сите луѓе, случувања и моменти што доаѓаат. Па така сега кога мислам на истите работи, ме облева љубов и спокој и многу големо разбирање за онаа стара Ружица. Можеби е слаба, исплашена, очајна ама е патот до оваа новата. Што многу повеќе ми се допаѓа.