Сеопфатното сексуално образование ги учи децата да го познаваат и да го прифаќаат своето тело, да се грижат за своето здравје и за безбедноста, но и за здравјето на другите. Преку ваквиот вид образование младите согледуваат дека треба да имаат емпатија и почит кон сите луѓе, без разлика на нивната различност по пол, род, социјален статус, етничка припадност, попреченост или која било друга основа. Токму поради важноста ССО да биде вклучено во образовниот процес, преку стручна програма и обучен кадар, разговаравме со Драгана Каровска, програмска координаторка во здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Преку сеопфатното сексуално образование младите имаат шанса да ги преиспитуваат и да ги напуштат предрасудите и табуата што постојат во општеството, поврзани со разни аспекти на социјалниот, емотивниот и сексуалниот развој. Кои се предностите од негово имплементирање во образовниот процес?
Ако имаме предвид колку долго трае образовниот процес и колку многу области се опфатени во него, можеме да увидиме колкаво е влијанието првенствено врз знаењето, но и врз целокупниот развој на личноста преку градењето на вредносен систем кај младите кои поминуваат низ овој процес. Овој оформен систем на знаења, ставови и вредности понатаму влијае на тоа какви граѓани изнедрува истиот образовен процес во една земја и како секој од нив се однесува кон себеси и кон другите во своето потесно и пошироко опкружување: дали ќе бидат тоа личности кои ќе живеат според длабоко вкоренети патријархални норми и предрасуди што придонесуваат за одржување на нееднаквоста во општеството или ќе бидат здрави, критички настроени личности кои донесуваат информирани одлуки и се почитуваат себеси и оние околу нив. Од друга страна, сеопфатното сексуално образование (ССО) ги зема многу сериозно потребите на младите, но и нивното право на образование и пристап до научно проверени информации, користејќи соодветно адаптиран пристап за секоја возраст поединечно. Преку програмата за спроведување на ССО, на секој млад човек му се нудат јасни, прецизни знаења и вештини базирани на докази, на многу лесен и разбирлив јазик, во безбеден простор, без никаква осуда ниту наметнување на вредностите што ги носи обучениот предавач. Конечно, училиштето е местото каде што младите поминуваат најголем дел од денот, наставниците и стручната служба од училиштата имаат постојан увид во она што се случува секојдневно, кои се нивните интереси и потреби, но и актуелни проблеми со кои се соочуваат, сведоци се и на насилството што е во подем според сите последни анализи и истражувања итн. Затоа, несомнено, огромна е предноста доколку токму тука се одвива и ССО. Клучна е соодветната подготовка на кадарот во училиштата за да може навремено да се разговара и да се зајакнат младите со потребните информации, за да се превенираат несакани состојби и да се овозможи поддржувачка средина за нив.
А дека ССО има позитивни резултати покажа и неодамнешната евалуација на пилот-програмата што се спроведе во првото полугодие од ланската учебна година. Имено, сите ученици кои го слушаа ССО како изборен предмет имаат многу поголеми знаења за сексуалното и репродуктивното здравје, но и многу попозитивни ставови за темите што ги опфаќа ССО, за разлика од своите врсници во контролните училишта. Притоа, напредокот во знаењата и вештините се позначителни кај девојчињата.
Најголемата предрасуда е дека ССО е подучување за сексот и за сексуалните односи, што е многу далеку од вистината. Што точно би опфаќал овој предмет како дел од настава во училиштата?
На почетокот, на сите треба да ни е јасно дека подучувањето за сексот и за сексуалните односи моментално доаѓа од интернетот и од социјалните мрежи. Мислам дека секој свесен родител досега согледал што сѐ им стои на дофат на младите, кои огромен дел од времето го поминуваат токму на интернет. Не ви треба многу време за да откриете дека информациите достапни во онлајн-просторот не се само погрешни туку и несоодветни, па дури и вознемирувачки. Оттука, апсурдно е и неодговорно да се даваат паушални изјави дека ССО ги учи младите за сексот, односно дека ССО е своевидна „обука за тоа како да имате секс“. Веќе се јавно достапни мноштво материјали што информираат за тоа дека ССО во нашата земја се спроведе како пилот-програма: ССО беше спроведен во рамките на воннаставните активности како изборен предмет во деветто одделение во три основни училишта. На тоа му претходеше соодветна обука на наставниците, како и изработка на наставна програма изработена според препораките на УНЕСКО за возраст од 13 до 14 години, која опфаќа седум компоненти: род; врски и односи; тело и слика за телото; сексуално и репродуктивно здравје; насилство; сексуалност и граѓански аспекти. Преку секоја од компонентите младите ќе добијат простор за дискусија и одговори на прашања, на пример, кои се разликите помеѓу девојчињата и момчињата, дали жените треба да имаат еднакви права со мажите и зошто не се еднакво вреднувани, што е сексизам, што се сексуални ориентации, зошто хомосексуалноста не е прифатлива за општеството, како да се заштитиме од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, како правилно се употребува кондом, зошто лицата кои живеат со ХИВ се дискриминирани, како да влегуваат во пријателски врски засновани на почитување, што треба да знаат за романтичните и долготрајни врски, што е согласност, како да препознаат насилство во врска и како да се заштитат, кои се нивните права и како да ги остварат, кои промени се јавуваат во пубертетот, зошто физичкиот изглед не е најважен, што е сексуалност итн. Подетално може да се најде информација на www.seksualnoobrazovanie.mk.
Најголем број од информациите младите ги наоѓаат на интернет и често се неточни и штетни. Зашто е важно сексуалното образование и кои придобивки ќе ги имаат децата кои ќе го изучуваат?
Да, се согласувам дека влијанието на интернетот и дезинформациите на кои се изложени младите прават голема штета. Единствен начин да се избегне ова е да се овозможи навремен пристап до точни информации од соодветно обучен кадар во целосно безбедна средина. Податоците од истражувањата докажуваат дека сексуалното образование, било да е во рамките на формалното образование или да станува збор за неформална врсничка едукација, не ја зголемува сексуалната активност, сексуално ризичното однесување или стапките на инфекција со ХИВ. Напротив, во земјите каде што ССО е задолжителен дел од формалното образование, младите подоцна влегуваат во прв сексуален однос – затоа што сметаат дека се премлади за да стапат порано! – користат модерна контрацепција, имаат пониска стапка на малолетничка бременост, има помал број сексуално преносливи инфекции меѓу младите, редовно посетуваат гинеколог и се советуваат за своето репродуктивно здравје. Истовремено, секогаш ги потенцираме и емоционалните и социјални придобивки за развојот на младите. Едноставно кажано, младите кои посетувале ССО точно ќе знаат како да изградат здрави врски, засновани на доверба и почитување, разбирање и емпатија и кога велам врски, се разбира не мислам само на романтичните врски туку и на врски со своите родители, пријатели, врсници, сите со кои доаѓаат во комуникација. Ќе знаат дека љубомората не е љубов, ќе знаат како да се заштитат од сексуално преносливи инфекции, кому да се обратат за дополнителни информации и поддршка и колку е важна согласноста во тие релации дадена без присила – и дека еднаш дадената согласност не значи дека таа е дадена засекогаш. Ќе знаат да ги почитуваат и да ги прифаќаат различните од себе, нема да дискриминираат и ќе бидат претпазливи при појава на конфликти и насилство, ќе знаат како да се заштитат и себеси и оние околу нив. Ќе го разберат концептот на родова еднаквост, колку е таа важна за напредокот не само на жените туку и на општеството во целина. Со еден збор, целта е да се придонесе кон добросостојбата на младите преку обезбедување простор во кој тие ќе можат да градат и да развиваат самодоверба, емпатија, толеранција и свесност за разликите што ги опкружуваат и способност да носат здрави одлуки за себе и другите околу нив.
Една од поважните работи е ССО да биде приспособено за возраста и да одговара на емотивниот и психолошкиот развој на децата. Кои работи од ССО се учат на најмала возраст, а кои подоцна?
Да, ССО е секогаш приспособено на возраста и тоа е еден од главните стандарди по кои се придржуваат сите земји што развиваат програми за ССО. А програми постојат низ светот, од оние за претшколска возраст, за основно образование и за средношколци, сѐ до оние за студенти, па дури и за родители. Но, сакам да нагласам дека со примена на стандардите на УНЕСКО, во нашата земја дискутирани се моделите за спроведување на ССО од страна на Бирото за развој на образованието и одлучено е дека најсоодветно е овој тип образование да се почне на 13- или 14-годишната возраст, како што, впрочем, се одвиваше пилотирањето минатата година. Кај нас не се спроведува програма за ССО за најмала возраст, поради што не се ни развиени такви материјали. Сепак, ССО за таа возраст дава насоки дека децата треба да знаат дека треба да се безбедни, почитувани и негувани, ги учат деловите на телото, учат за одржување хигиена, учат да кажат „не“, како да заминат од непријатна ситуација и да побараат помош, да се чувствуваат сигурни да поставуваат прашања, да учат за различности, различни семејства итн.
Што значи ССО во предлог-концепцијата за основното образование?
Концепцијата за основно образование е официјален документ донесен со решение од министерот за образование и наука во 2021 година, достапен на интернет-страницата на Министерството за образование и наука. Еден од клучните принципи на кои се базира концепцијата е родовата сензитивност, при што се истакнува потребата од нејзино воведување од најрана возраст. Како еден од начините да се имплементира овој принцип е воведувањето на ССО како изборен предмет во деветтото одделение. Како што истакнав и претходно, врз основа на тоа, Бирото за развој на образованието формираше работна група која предложи до министерот за образование и наука модел за изучување на предметот ССО во основното образование заради стекнување знаења, учење вештини и градење ставови кај учениците за донесување на информирани одлуки во сферата на врските и сексуалноста.
Но, ССО не се споменува по првпат во концепцијата. За ССО се зборува уште од 2010 година, а оттогаш неговото воведување е предвидено во низа национални документи и закони, вклучително и во Националната стратегија за млади, Стратегијата за образование, Законот за основно образование, па дури и во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, каде што ССО се споменува како алатка за спречување насилство.
Во јавноста беа изнесени многу шпекулации и невистини за материјалите и илустрациите што се користат во пилот-програмата на ССО. Какви материјали ќе се користат и кој ги подготвува?
Од моментот кога видовме дека пласираните илустрации беа целосно преземени од други извори, а не од официјални извори (односно, од Бирото за развој на образованието), јасно стана дека целта е да се искриви сликата за ССО и да се предизвика морална паника и страв кај родителите. Ниту компонентите на ССО во програмата развиена за пилотирањето, ниту нивната содржина не е соодветна на тоа што го споделуваа противниците на ССО, дел од нив до ден-денес анонимни, сакајќи да го сатанизираат ССО, небаре е нешто нездраво и штетно. Одговорно тврдам дека ништо од споделеното не соодветствува ниту може да се поврзе со она што претставува ССО кај нас. Часовите по предметот ССО се спроведуваа според водич и прирачник за наставниците, кој е подготвен од стручни лица за сексуално образование, вклучително и универзитетски професори. Прирачникот содржи информации за над 40 работилници и работни материјали/листови за учениците кои се користат на часовите по ССО. Нема да постојат учебници посебно наменети за учениците. Работните листови, секако, содржат и визуелен материјал, но тој е соодветен за возраста на децата и во согласност со стандардите на УНЕСКО. Илустрации и слики ќе има, како и во секој друг предмет.
Родителите се најважната алатка во развојот и воспитувањето на децата во секое општество. Како ССО би им помогнало, како нивна продолжена рака во овој комплексен процес?
Јас, искрено, како родител, но и како вработена многу години во ХЕРА, што подразбира секојдневна изложеност на многу информации, обуки, истражувања и разни искуства во однос на темите опфатени во ССО, сепак се случува да се најдам во небрано кога треба да реагирам и да ја дадам точната информација на најбезбеден можен начин на моите деца. Сите ние сме од генерации кои немале ССО во училиштата конципирано на начинот што го објаснив претходно. Истовремено, сите носиме вредносен систем на кој влијаеле многу фактори и често при воспитувањето на сопствените деца несвесно пренесуваме погрешни информации или несоодветно реагираме, водејќи се од грижата кон нив и убедени дека најдобро знаеме и најдобро одлучуваме за нив. Сепак, имајќи го предвид брзото живеење, малкумина од родителите навистина имаат можност да посветат време во надградба на своите знаења во врска со темите опфатени во ССО или, пак, едноставно немаат пристап до изворите на знаење. Исто така, дури и да имаат пристап до овие информации, не значи дека се подготвени отворено да зборуваат за овие теми. Секоја тема и секоја возраст си бара посебен пристап, па темите што ги опфаќа ССО се теми на кои треба да се зборува цел живот. Од друга страна, мораме да имаме предвид дека поради разни причини сите семејства не се безбедна средина или, пак, можеби, имаат деца со свои специфики и на чии потреби и прашања можат да одговорат единствено со поддршката што ќе им ја даде соодветно обучен кадар од училиштата. Училиштето е место каде што постојат механизми што им овозможуваат и на родителите да бидат информирани, да поставуваат прашања и да бидат соодветно информирани и заеднички со стручните лица ангажирани во него да учествуваат во воспитувањето и развојот на младите. На крајот, најважни се децата и нивниот интерес. Не смеат да постојат табуа за процесите низ кои природно минуваат, не смеат да имаат неодговорени прашања, бидејќи тоа води кон комплексни и несакани ситуации за кои потоа е потребно многу време да се стабилизираат и тие, но и нивните родители.
На што моментално работите како организација и кои чекори се планирани за следната 2023 година? Како сте задоволни од досегашните ваши активности?
ССО е програма што постои во Стратегијата на ХЕРА многу години. Многу посветени луѓе се заслужни за внимателната и стручна подготовка првенствено на програмата, материјалите, но и обучувањето на оние што ги предаваат темите на ССО, било да е во рамките на неформалната врсничка едукација или, пак, давањето поддршка во рамките на пилотирањето на ССО во основните училишта. Токму и во овие две области се движат нашите активности поврзани со ССО. Во однос на врсничката едукација и неформалното ССО, континуирано го развиваме и го прошируваме тимот на врснички едукатори како дел од волонтерската група ХЕРА Млади на која сме особено горди. Тие и следната година ќе продолжат со едукациите, но и со младинскиот активизам заради подобрување на политиките и пристапот до услуги во областа на сексуалното и репродуктивното здравје. ХЕРА раководи и со младинските центри „Сакам да знам“ во Скопје и во Куманово, каде што се нудат токму овие услуги и нивната посетеност говори за довербата што младите ја имаат стекнато и за здравите навики да се обратат за помош кога имаат потреба. Конечно, неодамна се објавија резултатите од спроведената евалуација на пилот-програмата што покажаа напредок во знаењата и вештините кај учениците кои ја следеле програмата, но и поддршка и поттик од наставниците директно вклучени во реализација на наставата. Затоа, подготвени сме да се вклучиме во поддршка на обучувањето на нови тимови наставници од другите училишта каде што ССО би се нудело како изборен предмет во деветто одделение. Нашето искуство покажа дека ССО во голема мера го бараат и самите ученици, поради што остануваме посветени на неговото воведување во согласност со сите потребни стандарди.