Со диџејот Александар Гроздановски Herzel, добропознат на македонската публика и на клупската сцена, поразговаравме за неговите почетоци, подготвувањето за еден диџеј-сет, настапите низ другите држави, но и за напредокот на клупската сцена кај нас.
Како почнавте со диџејството? Што ве влечеше кон тоа и кон клупската музика?
Откако знам за себе, музиката е моја опсесија. На некој начин, тоа го детерминира изборот музиката да стане моја професија. Уште од средно училиште желбата да споделам со пријателите сè што ме допираше музички во тој период природно еволуираше во тоа да почнам со пуштање музика, прво на домашни забави на касети и цедиња, а подоцна во барови и клубови на винил. Почнав со пост-панк и инди рок-музика, па преку рана електроника до хаус и техно. Од оваа перспектива, мислам дека сè тоа е некаква логична прогресија, која е изградена низ годините преку континуирана љубопитност и љубов кон музиката. Посебно се радувам на новата радиорезиденција на „Refuge Worldwide“ во Берлин. Пасија што исто така почна во моите средношколски денови, кога по првпат сум имал шанса да водам своја емисија на локална радиостаница.
Како почнува организацијата за еден настап? Како се подготвувате?
За диџеј-сет обично преслушувам промоа и „копам“ музика онлајн, а исто така селектирам и од своите лични музички архиви. Каква музичка селекција ќе подготвувам за настап многу зависи од клубот или настанот и, секако, со кого ја делам диџеј-кабината вечерта. Ако се работи за настапување во живо со моја авторска музика, тоа подразбира друг метод на подготовка. Многу зависи од тоа каков хардвер сум избрал за тој настап и со каков звук сакам да се претставам пред публиката. Ваквите подготовки обично траат околу еден месец, а некогаш и повеќе. Целата подготовка се заснова на trial and error принципот и трае сè додека не почувствувам дека сум го достигнал тоа што сум го замислил на почетокот.
Сметате ли дека има напредок во македонската клупска сцена и посетителите знаат да препознаат квалитет? Колку сметате дека се вложува кај нас за да се добие квалитет во музичките настапи?
Напредокот кај нас е секогаш во микрочекори. Нормално дека се менува клупската сцена постојано и се раѓаат нови иницијативи, екипи и артисти. Мислам дека особено помладата публика го препознава и го наградува тоа. Тоа што недостига, според мене, е недостаток на професионалност и посериозно вложување на сите фактори што ја прават македонската клупска сцена. Без сериозна организациска структура и професионален однос кон оваа култура нема да се издигнеме на нивото на кое веќе се наоѓаат некои од музичките сцени во регионот. Мислам дека во моментов ги имаме сите предуслови за тоа.
Имавте настапи периодов надвор од земјава, како Загреб и Берлин. Што ви носат, какво искуство собирате од настапите? Можете ли да направите една споредба со настапите тука?
Ваквите споредби се најчесто неблагодарни и според моето искуство нема правила. Во смисла на професионализам и технички услови нормално е дека не можеме да се споредуваме со Берлин, па дури и со Загреб или со други поважни културни центри во Европа. Но, во таквите големи туристички центри владее презаситеност на клупската сцена од секојдневната понуда што е донесена на ниво на сериозна индустрија. Додека кај нас, каде што понудата на клупски вечери е многу помала, мислам дека сè уште постои таа возбуда и ентузијазам пред секоја поквалитетна забава.
Што најмногу ве инспирира и ве води низ музиката?
Најмногу музиката сама по себе. Она што ме води и ме возбудува во последно време е технологијата на создавање на електронска музика. Ова се манифестира со манично гледање видеотуторијали онлајн за синтисајзери, посетување на музички работилници и „висење“ по продавници за музички инструменти во Берлин. Последниве неколку години работам многу и во полето на звучниот дизајн. Тоа ми дава поинаква музичка перспектива и многу влијае врз начинот на кој работам продукција.
Кои музички и диџејски имиња од нашата и од светската сцена ги следите?
Следам многу артисти, бидејќи на некој начин тоа е дел од професијата. Тие имиња што ме инспирираат и допираат до мене најчесто не се „големите ѕвезди“ од клупскава светска сцена, туку артисти кои се блиски на мојот музички сензибилитет и се пријатели со кои често соработувам.
Дел сте и од многу фестивали кај нас. Колку тие се начин за поддршка на младите артисти и што преставуваат за нашата музика сцена?
Добро е што ги има тие фестивали кај нас и, секако, треба да ги има повеќе. За младите артисти покана за настап на фестивал сигурно значи многу и е важен мотиватор за нив. Организаторите се должни да бидат професионални и да ги третираат домашните артисти со истиот аршин како што го третираат секој гостин кој доаѓа отстрана. Фестивалите се важни за градењето на стабилна домашна музичка сцена, но истовремено се и центри каде што се вкрстуваат другите регионални и светски музички текови.