Во време кога уметничките практики сè почесто се движат помеѓу личното и колективното, изложбата „Наследена носија“ на Мила Добревска се појавува како внимателно артикулиран простор на преиспитување. Поставена во Куќата на Робевци, амбиент натежнат со историски и културни слоеви, изложбата отвора дијалог меѓу традицијата и современиот визуелен јазик. Добревска не ја третира носијата како артефакт, туку како жива метафора за идентитетот, припадноста и начинот на кој се обликуваме себеси во однос на другите. Во разговорот што следи, таа зборува за интензитетот на актуелниот период во својата кариера, за интернационалниот контекст како проширување на нејзината нарација, и за личниот процес на враќање кон сопствените корени како креативен импулс.




По учеството на MIA Photo Fair со A Pick Gallery и актуелната самостојна изложба во Торино, како го доживувате овој период во вашата кариера?
Овој период го доживувам како кадар од филм во кој се насетува пресврт. Постојат интензитет и неизвесност што ме држат будна и љубопитна, во исчекување на она што следи.
Што за вас значи да ја отворите изложбата „Наследена носија“ токму во Куќата на Робевци, простор со силна историска и културна симболика?
Изложбата „Наследена носија“ во Куќата на Робевци за мене претставува потврда на вложениот труд, но и природно продолжување на истражувањето зад оваа серија. Просторот носи силна историска и културна тежина, што овозможува директна компарација помеѓу моите дела и артефактите од кои се инспирирани. На некој начин, ова го доживувам и како заокружување на едно поглавје. Момент во кој минатото и сегашноста се среќаваат и се преиспитуваат низ визуелен дијалог.
Колку оваа изложба претставува континуитет на вашето досегашно творештво, а колку е нова фаза или пресврт во вашиот уметнички развој?
Ја гледам како продолжување на моето истражување, но во поинтимна и посвесна насока. Преку оваа изложба се обидувам да го разберам сопствениот идентитет, особено низ искуството на живот во друга земја и постојаната споредба со луѓе од различни култури. Разликите во воспитување, секојдневие и адети се нешто што сè повеќе ме обликува и природно се влева во мојата работа.
Во последниот период сè почесто сте присутни на меѓународната сцена. Дали тоа влијае врз начинот на кој ја градите вашата уметничка нарација и изборот на теми?
Меѓународната сцена не ја менува мојата нарација, туку ја проширува. Темите остануваат исти, но добиваат нови слоеви преку различни контексти и културни средини.
Како се развиваше вашиот интерес за традицијата и културното наследство низ годините, дали тоа отсекогаш било во фокусот или се појави како резултат на одреден личен или професионален процес?
Мојот интерес за традицијата и културното наследство не беше отсекогаш во фокусот, туку се појави по неколку години живеење надвор од нашата земја. Тогаш почнав поинтензивно да ја чувствувам разликата помеѓу средината во која сум израсната и општеството што ме опкружуваше. Тоа ме поттикна да си разјаснам одредени аспекти од нашите адети и традиции, кои дотогаш не ги разбирав целосно. Би рекла дека овој интерес е подеднакво личен и професионален, бидејќи сопствениот идентитет го согледувам и преку моето творештво. Ова е процес на разбирање на сопственото потекло, негово интерпретирање на мој начин и споделување со поширока публика.


Во серијата „Наследена носија“, традиционалниот мотив го трансформирате во современ визуелен јазик. Што ве привлече да работите токму со овој симбол и што тој претставува за вас денес?
Носијата ја користам како метафора, не како објект. Таа е симбол за тоа како се носиме себеси и како нè перцепираат другите, повеќе како одлика отколку како облека. Наместо нејзината физичка форма, ме интересира нејзината суштина, како вредност што нè обликува и претставува.
Вашата работа комбинира различни материјали и техники. Колку експериментот е важен дел од вашиот процес и како доаѓате до финалната форма на делото?
Експериментот е еден од најважните елементи во мојот процес. Работата со различни материјали и техники ми овозможува константна реинвенција и подобрување на изразот. Верувам дека секој уметник на одреден начин знае кога едно дело е завршено, во еден момент едноставно мора да се донесе одлука да се прекине процесот, бидејќи во спротивно тој може бесконечно да трае.
Кога публиката ќе ја напушти изложбата „Наследена носија“, која мисла или чувство би сакале да го понесе со себе?
Се надевам дека секој ќе препознае дел од сопственото наследство и ќе доживее нов начин на негово доживување.



