Работата со тесто и подготовката на домашни пецива не бара секогаш голема вештина или искуство. Овој рецепт за ролнички или полжавчиња (како што децата преферираат да ги наречат) се идеалната опција доколку не сте спремни за големи предизвици, а резултатот ќе презентира малку поинаква приказна полна со вкус и текстура, на сечие задоволство.
Ова воздушесто меко домашно подготвено тесто со крцкава кора и несекојдневен фил од песто и сирење е одлична прилика да се направи мала авантура и да се „побегне“ од вообичаените зелени комбинации за полнење на пецива на кои сме традиционално навикнати (како спанаќ и праз со сирење или урда). Ситно сецканиот домат со својата свежина го нагласува присуството на босилекот, а завршницата со путер и крупна сол го врамува целото искуство и ги прави непцата среќни.
Потребни состојки:
ТЕСТО:
- 500 гр брашно
- 300 мл млака вода (~35-40°C)
- 7 гр сув квасец
- 2 лажици маслиново масло (или 30 гр растопен путер)
- 1 лажичка мед
- 1 лажичка сол
ФИЛ:
- 150гр песто (рецепт за домашно песто од индиски ореви може да најдете на Инстаграм профилот на kokarche)
- 100гр рендана моцарела – најдобро од црево бидејќи е посува (или друго сирење по избор)
- 1 домат (средна големина) – исецкан на коцки, без семки и процеден
ДРУГИ СОСТОЈКИ:
- путер за премачкување
- Крупна сол
- Рендан пармезан
Постапка:
- Во длабок сад за месење тесто се ставаат млаката вода, медот и квасецот, се промешуваат со жица за да се раствори медот и се оставаат да отстојат 10 до 15 минути за да се активира квасецот.
- Во меѓувреме, во друг сад со промешување со жица се распоредува рамномерно солта во брашното.
- Во смесата со активиран квасец се додава маслиновото масло, а потоа постепено и брашното. Се меша со дрвена лажица се додека не почне да заличува на тесто, а потоа се продолжува да се работи со раце.
- Тестото се префрла на набрашнета работна површина и се меси најмалку 10 минути додека не се формира мазна топка. Се става во чист сад намачкан со маслиново масло, се покрива со фолија и се остава да нарасне додека не се дуплира во големина. Во зависност од собната температура, процесот трае од 1 до 2 часа.
- Од нараснатото тесто се истиснува вишокот воздух, а потоа со раце и со сукање се обликува правоаголник со димензии од околу 30-35 x 40-45 см.
- Тестото се премачкува со песто, се распоредува рамномерно изрендана моцарела и исецкан и процеден домат.
- Со остар нож се сече на 12 ленти по пократката страна. Од лентите се формираат ролнички и се редат во тавче за печење на растојание (3 реда по 4 ролни) и се оставаат 30 минути до 1 час да нараснат. Со растење ролничките ќе се спојат.
- Стасаните ролни се печат во загреана рерна на 200°C околу 35 – 40 минути или додека не заруменат.
- Додека се топли се премачкуваат со растопен путер и се попрскуваат со крупна морска сол и рендан пармезан.
Количината на состојките од филот можат да се зголемат – повеќе песто за љубителите на босилек или повеќе моцарела или кашкавал за тие кои сакаат тесто со многу млечни конци.
Спремете ги за доручек, како прилог кон главно јадење за ручек или за кошницата од вашиот следен пикник.
Пријатен оброк!