Oпуштање со чаша бело вино од сортата траминец е сè што ви треба овој продолжен викенд. За тоа од каде потекнува оваа сорта, што содржи и како да го комбинирате, објаснува нашиот соговорник м-р Петар Петров, асистент на Универзитетот МИТ – Скопје, при Факултетот за менаџмент на еколошки ресурси, катедра за безбедност на храна.
Италијанското село Термено
Сортата траминец спаѓа во групата на вински сорти за производство на висококвалитетни полусуви и суви бели вина. Точното потекло сè уште не е познато, но се претпоставува дека води потекло од Италија, во близина на селото Термено, каде што првпат е забележан еден од вариететите на оваа сорта „траминер“. Траминецот како сорта е генетски многу нестабилна, па поради тоа се одликува со голем број вариетети и клонови. Распространета е низ цел свет, а поради својата мутагеност честопати се среќава под различни синоними. Најзастапен е германскиот термин „гевирцтраминер“ (Gewϋrztraminer), што во буквален превод значи „зачинет“, односно „парфимиран“.
Изразен мускатен мирис
Во Македонија, со исклучок на гевгелиско-валандовското, велешкото и струмичко-радовишкото виногорје, е препорачлива како средно продуктивна сорта. Наjзастапена е во тиквешкото виногорје, a најзначајни се трите нејзини главни вариетети, ароматичен, бел и црвен (розе) траминец. Траминецот е сорта чиишто гроздови во физиолошка зрелост се одликуваат со силно изразен мускатен мирис.
Цветен и овошен вкус
Љубителите на вино со изграден висок вкус најчесто избираат траминец. Добиените вина од оваа сорта се одликуваат со темнозлатно-жолта боја со карактеристична бакарна нијанса, што е условена од степенот на зрелост на гроздот. Траминецот е вино што е препознатливо по изразената арома на тропско овошје (манго, грејпфрут) често во комбинација со цветна арома на орхидеја и роза. Кај вината од доцна и ботритизирана берба (вина од подоцнежен гроздобер) доминантна е комплексната арома збогатена со вкус на мед и малку карамелизиран шеќер.
Консумација во помали количества
Вината се одликуваат со висока содржина на алкохол, најчесто околу 15 проценти волумен и висока содржина на шеќери, што е најголем недостаток заедно со ниската содржина на вкупни киселини. Во некои западноевропски земји овој сооднос значително е подобрен со таканаречена замрзната берба на гроздови. Поради високиот гликемиски индекс, траминецот треба да се консумира во помали количества, ова особено важи за лицата со хипергликемија.
Комбинација со кинески, индиски, мексикански јадења
Најчесто се консумира како младо вино, флаширано во темнозелени или светлокафеави шишиња, што се со високо тело и рамно дно. На трпезата се служи на температура од 9 до 11 Целзиусови степени, во чаши со волумен до 390 милилитри, со високостеснета топка и висок столб. Идеална комбинација е со свежите овошни салати и разни видови сирења. Исто така, може да се консумира и со многубројни јадења од риба и морски плодови, пилешко со лути зачини. Добра комбинација е и со кинески, индиски и мексикански специјалитети, а многу сомелиери го препорачуваат и со специфичните јадења од азиската кујна. Поради фактот што спаѓа во групата на десертни бели вина, траминецот може да се консумира без храна, а од десертите поради силната слаткост може да се комбинира речиси со сите видови колачи.