По големиот успех на претходните изданија, Халкбанк со гордост го претставува третото продолжение на кампањата Фустани со џебови— иницијатива која и оваа година го става женското претприемништво во прв план. Кампањата и понатаму го негува својот автентичен пристап и препознатлив глас, но овојпат со нов, значаен фокус: одржливоста. Во Фустани со џебови 3 се запознаваме со шест инспиративни приказни за сопственички на мали бизниси кои не само што создаваат вредност, туку и придонесуваат кон поздрава, поодговорна иднина. Нивните бизниси имаат еколошка основа или пак се длабоко поврзани со принципите на одржлив развој: повторна употреба, природни материјали, нула отпад, локално производство и општествена одговорност. Симболот на фустаните со џебови останува метафора за жената која е самостојна, практична и подготвена да ја носи својата визија со себе — во џебови полни со идеи, решенија и амбиции.Како продолжение на кампањата, на portret.digital ќе бидат објавени интервјуа со нив, преку кои одблиску ќе ги запознаеме нивните животни приказни, инспирации и секојдневни предизвици. Преку овие искрени разговори, ќе добиеме реална слика за патот на една жена претприемач – со сите нејзини успеси, дилеми и мотивации да создава промени.
Во рамки на кампањата „Фустани со џебови“ на Халкбанк, разговараме со жените зад брендот TrekkMe – Маја Чубриќ и Душица Мато. Нивната приказна започнува скромно, со еден мармалад од портокал, а денес, тие стојат зад цела линија на уникатни производи изработени со љубов, знаење и бескомпромисна посветеност. Нивниот пристап кон одржливост, локални вредности и претприемништво е инспиративен, особено за жените кои сакаат да тргнат по свој сопствен пат.
Како настанаа вашите производи, како што се мармаладот од портокал и здравите грицки, и како тие се вклопуваат во вашата бизнис визија?
Мармаладот од портокал едноставно се случи, без план, без идеја, без било каква претпоставка што се ќе повлече и каде ќе не одведе. После тоа некако природно му се придружија уште два цитрусни вкусови – мармаладот од лимон и мармаладот од црвен цитрон и портокал. Додека пак дехидрираните цитруси или како уште ги нарекуваме здрави грицки се производ кој планирано го надополна нашиот не така скромен асортиман.
На кој начин вашите производи ги рефлектираат вредностите на TrekkMe и вашата лична филозофија?
Секој еден наш производ има исклучиво личен печат,секој еден е наш одраз, на нашиот карактер, нашите навики, чувства, особини. “ТреккМе” е Маја и Душица. Секој производ го работиме со исклучителна посветеност и дисциплина во производството што ја оправдува и нашата цел, а тоа е одржлив бизнис, стабилен пласман и задоволни потрошувачи.
Како ги избирате состојките и рецептите за вашите производи и каква е нивната поврзаност со локалната традиција?
Нема некоја особена филозофија во однос на изборот на намирници за подготвка и производство на производите. Заедно со нашиот технолог дефиниравме прецизна рецептура за секој еден производ која не дозволува било каква отстапка.Точно знаеме кои се намирници се потребни за секој вкус, во каков сооднос се комбинираат, колку долго трае процесот на варење и на која температура (која ја постигнува мармаладот во процесот на варење) се полнат теглите. Претпоследна фаза е пастеризација, последна дегустација.
Кои се предизвиците со кои се соочувате при производство и маркетинг на вашите производи, особено во контекст на одржливост и етички практики?
Најпредизвикувачкиот период за еден микро бизнис како нашиот, за среќа е позади нас. Тоа беа почетоците кога ни сами не знаевме кога, како, дали нашиот бизнис ќе биде економски оправдан и самоодржлив. Сега, после 6 години напорно работење малку полесно дишеме. Развивме премиум производи, опстанавме на пазарот во време кога за жал многу од малите бизниси со кои истовремено растевме веќе не постојат, што е и тоа каковпредизвик. Пласманот е исто така сериозна проблематика, не доаѓа сам по себе. Вложивме многу труд и време промовирајќи ги производите, одзивот е солиден, продажбата според очекувањата.
Какво е вашето искуство како жени претприемачи во туристичкиот и гастрономскиот сектор во Македонија?
Во глобала, позитивно. Не е дека не се соочуваме со потешкотии, не е дека немаме проблеми, но, и двете сме многу силни како карактери, знаеме каде целиме, имаме точно зацртан план по кој се водиме и не дозволуваме (иако е некогаш тешко) било што да не запре или одврати од реализирање на бизнис идеите.
Кои се специфичните предизвици и можности што ги имате како жени во бизнисот, и како ги надминувате?
Да бидеме искрени, можностите сами си ги создадовме и сеуште создаваме, без било каква помош и поддршка, за што сме особено горди. Предизвици како што напоменавме погоре, мал милион. Кога сте микро бизнис како нашиот, на почетокот се занимавате и работите се освен вашата примарна дејност. Многу напор за сами да гизавршите сите административни обврски, деноноќно размислување како од “200 да направите 400 ден.”, присутност на социјални мрежи, обезбедување пласман и барање алтернативни канали за продажбаитн. Но, ништо од тоа не не обесхрабрува, напротив, тоа е неизоставен дел од работата кој со тек на време станува ваше симпатично секојдневие.
Како вашата работа инспирира и поддржува други жени да влезат во претприемништвото?
Ова прашање не би можеле ние да го одговориме…можеби вистинското место за адресирање на истото се нашите следачи…за неколку од нив сигурно знаеме дека сме ги поттикнале и инспирирале да започнат сопствен бизнис.
Кои се вашите совети за млади жени кои сакаат да започнат сопствен бизнис во Македонија?
Зарем веќе имаме стаж за давање совети ?!
Нашиот пример вели: идеја, акција, план, неоткажување, дисциплина, конзистентност, работа, работа и само работа.