Филип Деспотовски е долгогодишен амбасадор на македонската одбојка, кој од спортските терени, премина во една од водечките улоги во управувањето во овој спорт. Неговата успешна кариера на теренот ја замени со посветена работа во одбојкарските институции, каде што денес како Гнерален секретар во Одбојкарскиот сојуз, го води овој спорт кон нови височини. Тој е дел од нашата рубрика „Разговори со Роса“ и со него разговараме за сите предизвици и визијата зад неговата работа.
Вашата кариера како професионален одбојкар остави силен печат во спортската историја на македонскиот спорт. Како ги паметите вашите почетоци во одбојката и кои се моментите што најмногу ве обликуваа како спортист и личност?
Сега од овој аспект се делува лесно и интересно, како игра со топка што всушност и претставува мојот спорт одбојка. Но кога ќе се сетам на сите откажувања кои се случиле заради спортот и не е така едноставно. Кој поминал низ тоа знае и разбира на што мислам. Одличен факт е дека спортот и конкретно одбојката не учи на култура и не обликува како личности во многу позитивна смисла, која се разликува од сите други учења во животот. Спортските контакти и пријателства, остварени преку спортот остануваат засекогаш и се тешко раскинливи. Можам да кажам дека почетоците мои во клубовите Вардар и подоцна Работнички ме насочија да чекорам по некој професионален, чесен, спортски пат кој подоцна прерасна во 17 годишна интернационална спортска кариера.
Кои предизвици и одговорности ги носи улогата на генерален секретар на Одбојкарскиот сојуз на Македонија, особено во споредба со активната спортска кариера?
И предизвикот и одговорноста како Генерален Секретар на ОФМ се многу јасни и многу големи. Се работи за мојот спорт кој треба да расте, да оди напред, исто како дете што расте и се развива. Предизвик е да се успее да се одржи исто ниво со конкурентните земји знаејќи дека сме мала држава, но спортскиот дух и инат кој го поседуваме ни овозможува да веруваме дека е се возможно. Имаме одлични генерации, само треба многу работа и заеднички да изградиме уште подобра иднина за нашиот спорт. Ништо не може да се спореди со активната спортска кариера нормално, но и во шансата што ја добив да работам во ОФМ, суштината е одбојка и само одбојка. Професионалниот спорт бара врвна физичка подготвеност и дисциплина, но овие принципи остануваат важни и по крајот на кариерата.
Како поранешен спортист, како ја одржувате физичката кондиција кога сте сега ангажиран во административната работа?
Тоа искрено беше најголемиот проблем по откажувањето, покрај внатрешната мисла која веројатно никогаш нема да исчезне. Целата таа промена на ритам, по професионалната спортска кариера, го нарушува метаболизмот и некако сам по себе останав физички доста активен и по завршувањето на кариерата. Наоѓам време да истрчам 7-10 км три пати неделно и два пати посетувам теретана. Борба жива и истовремено мртва трка со времето ама сега за сега се снаоѓам.
Како успевате да балансирате меѓу професионалните обврски и времето со семејството? Што ви помага да одржите хармонија?
Поддршка која не престанува цел живот. И во активната професионална одбојка и сега како административен работник во спортот подршката која ја добивам од семејството е таа што го одржува балансот за хармонија. Со сите обврски, никогаш не ми фали време за семејството, обожавам кога сум со моите деца и пробувам да ги завршам сите обврски додека се во школо и градинка, за после да имаме време за себе. Кога ќе се направи добар план има време за сè.
Еден од најважните аспекти на здравјето и спортскиот успех е правилната хидратација, нешто што често се занемарува. Во текот на вашата кариера, колку беше важна хидратацијата за вашата подготвеност и добри резултати?
Хидратацијата не треба да се занемарува, никако, безхидратација нема врвен спорт. Често додека играв натпревар знаев да испијам и по 2-4 литри вода, во зависност од времетраење на мечот. Водата го чисти организмот од токсини, помага во регенерирање на телото. Водата е нешто, без што врвниот спортист неможе. Правилна хидратација секако може да влијае на добри резултати. Мојата стара, добра навика продолжува и денес, па така за за сокови и други пијалоци не се ни фаќам, пијам само вода.
Кои се вашите визии за развојот на одбојката во нашата земја и каква улога игра здравиот начин на живот кон кој треба да се стремат младите генерации?
Мислам дека прво треба да се размислува професионално,во поглед на одбојката и спортот во целост. Кога пристапот на сите лица вклучени во работата, во спортотби бил професионален, тоа само по себе ќе ги натера младите да размислуваат во таа насока. Кога кажувам професионалност, мислам на сите делчиња кои го сочинуваат спортот. Здравиот живот е составен дел и заедно со макотрпна професионална работа успехот е секако на дофат. Спортот стана наука и таа насока треба да се следи правилно.
Кој е вашиот личен принцип или мотивација што ве води низ животsот, било како спортист или сега како генерален секретар?
Тука ќе бидам краток. Искреност, одговорност, чесност и посветеност во сè што се впуштам. За спортистите, поранешни или сегашни спортот е љубов, а во љубов се верува, нели?