Голем дел од нашето динамично секојдневие го поминуваме на социјалните мрежи, од нив се информираме, фрустрираме, утешуваме, усреќуваме, натажуваме. На нив ги прикачуваме нашите разубавени фотографии, ги снимаме најубавите моменти, ги криеме нашите недостатоци, создаваме лажна слика за нас и нашето семејство. Затоа неизмерно се радувам што во овој број на магазинот „Портрет“ имавме можност да поразговараме со една од најискрените и најреални блогерки Дуња Јованиќ (@imfashionbabe) која ја разубави нашата насловна страница, но и ни објасни многу работи поврзни со нејзината професија и нејзиното секојдневие.
Во моментов сте една од најпознатите српски блогерки, не само во вашата земја, туку имате веќе и меѓународна кариера. Можете ли да ни кажете малку повеќе за вашите почетоци?
Кога луѓето денес ќе слушнат за мене, најчесто мислат дека мојот успех дошол преку ноќ. Токму од тие причини сакам често да зборувам за моите почетоци, Пред 9 години студирав економија и мислев дека ќе работам канцелариска работа поврзана со моите студии. Но како се доближуваше крајот на моите студентски денови, сẻ помалку се пронаоѓав во тоа. Во исто време почнав да ги следам домашните и странски блогерки и поасакав да имам сопствен блог. Иако се почна со мојот сопствен блог, работите почнаа да се менуваат кога отворив Јутуб канал. Но вистинскиот пресврт во мојата кариера сметам дека го доживеав четири години подоцна, кога едноставно коцките почнаа да се редат и мојата кариера почна да се движи во саканата насока. Во првите четири години можам да кажам дека доживеав многу успеси но и падови, имаше и моменти кога мислев дека сепак најдобро за мене е да се вратам на моите студии и моите амбиции да се насочат кон некоја канцелариска работа. Меѓутоа ако вие дадете сẻ од себе, се посветите најдобро што умеете на вашата работа и вложите многу труд, сигурна сум дека резултатите ќе се неизбежни. Можеби со закаснување, но сигурно ќе стигнат. Таков беше мојот случај. Јас ја имав таа среќа. Често луѓето забораваат да го спомнат факторот среќа, но јас сметам дека е круцијален буквално за сẻ во животот, па така и за работата игра многу голема улога. Јас имав среќа да почнам да растам и да се развивам како бренд во моментот кога на пазарот имаше потреба од овој нов вид на маркетинг. Ако ме прашувате мене кој е рецептот за успех, би рекла многу, многу работа но и среќа.
Колку ви беше тешко да пронајдете мотивација, инспирација и желба за напорна работа кога работите во вашата кариера не се движеа како што посакувавте?
Имаше моменти кога ми беше многу тешко да се „соберам“ и да ги погледнам работите објективно во определни моменти. Во оваа работа за почеток, многу е важно да се одвоиш себеси од својата работа. Кога некој зборува за вашата работа тој зборува за вас лично. Луѓето што ве следат имаат впечаток дека ве познаваат, иако вие нив всушност можете да им покажете од 5 до 15 проценти од вашата личност. Иако имаше моменти и ситуации кога навистина сакав да се откажам, морам да нагласам дека големата љубов што ја носам за оваа работа секогаш ме водеше. Оваа работа е сẻ што сум јас, кога ќе се сетам на некои прекрасни моменти што ми ги донела оваа работа, колку и да е тешко јас навистина не можам да се откажам.
Што мислте дека е пресудно за успех, сте забележале на кој начин содржината која е креирате најлесно допира до публиката?
За успех во мојата работа сметам дека е најважно да поседувате харизма. Тоа не може никој да ви го покаже, ни да ве научи како да бидете харизматични и допадливи. Мислам дека без таа карактерна особина не можете да опстоите во оваа работа. Што се однесува на содржината, од самиот почеток креирав содржина што мене лично кога сум нечиј следбеник, ми се допаѓа. Тргнувам од ставот дека луѓето што ме следат на социјалните мрежи, се слични на мене, односно дека имаме исти интереси, па затоа содржината што ја креирам, гледам да ми се допадне мене, да ме насмее, да е нешто што ми привлекло внимание. Тоа за овие девет години колку сум во оваа професија ми се покажало како најуспешно.
Во последно време многу светски блогери, промовираат и ги повикуваат своите следбеници да објавуваат реална содржина, да не ги обработуваат фотографиите со нереални филтри за убавина и да не наметнуваат лажни стандарди за физичкиот изглед. Каков е вашиот став за тоа?
Мојот најголем страв од користење филтри за убавини или како јас што често ги викам „разубавувачи“ е дека луѓето многу често и многу лесно, знаат да се занесат и да ја изгубат реалноста во врска со нив. На почеток почнува наивно, малку ќе го поправат тенот, па малку поубаво светло, поубав филтер и со само неколку кликови, сосема ја менуваат реалната слика за себе. Мојот најголем страв ми беше да бидам убава само на Инстаграм, а кога ќе ме сретнат луѓето да не ме препознаваат, а и јас лично да не сум задоволна од тоа што го гледам во огледало. Апликациите за разубавување кои сега се актуелни искрена да бидам ме плашат, нив ги користат деца, луѓе со мала самодоверба, што воопшто не е во ред. Таквото искривување на сликата за самиот себе, може да има огромни последици на многу полиња во животот. Навистина се трудам моите фотографии да се природни, кога работам кампањи за брендови, мојата молба е моите фотографии да се обработуваат само онолку колку што е неопходно.
Пред извесен период објавивте преубава вест, го најавивте својот бренд и претставивте неколку парчиња облека што се дел од првата ваша колекција. Како дојдовте до оваа идеја и во која насока сакате да го развивате брендот?
Брендот „ BÉBÉ by Dunja Jovanić“ всушност требаше да излезе за мојот 30 родеден, во декември 2019 година, меѓутоа поради сплет на околности, не испадна така како што планирав. Потоа друга варијанта беше да го презентирам на почетокот на 2020 година, но тогаш имаше друг концепт, како бренд за патување. Со оглед на ситуацијата со светската пандемија и сите карантини, морав да го стопирам повторно лансирањето на брендот. Инаку јас обожавам пижами и има денови кои буквално цел ден ги поминувам во пижами. Секогаш кога се враќам во мојот дом јас се облекувам удобно и чисто, многу често се облекувам во пижами, па создавањето на ваков вид на облека некако за мене беше логичен тек на настаните. За време на карантинот кога се снимав од дома, многу често луѓето ме прашуваа за моите пижами и ноќници. Целата измината година и ситуацијата со короната беше многу значајна за мене, зашто во минатото беше најважно што ќе носиш надвор, а сега тоа што го носиш дома да е пријатно, удобно и квалитетно. Сега за сега постојат три производи, во иднина сакам да се развива како квалитетен „loungewear“ бренд со квалитетни парчиња кои жените можат да ги носат каде ќе посакаат.
Врз основа на кои принципи ги одбирате брендовите со кои работите? Што ви е најважно за да прифатите да работите некоја кампања?
Ми требаше големо искуство да научам како да одберам бренд и кампања во која се гледам самата, а како да одбијам соработка во која не се пронаоѓам. По девет години во оваа работа сметам дека веќе сум вешта и одма можам да проценам со кој клиент можам да соработувам, да придонесам нешто за развојот на неговиот бренд, но и сẻ тоа да е забавно, интересно или корисно за моите следбеници. Сметам дека клучно за успешна соработка е клиентот во мене да препознае некој, кој на сопствен начин ќе ги доближи бенефитите на определен производ, до што е можно повеќе луѓе. Мене ми е многу важно да имам одврзани раце во креирање на содржината и да можам да бидам креативна. Кога почнувам да работам кампања се водам од тоа мене што ме привлекува кај тој производ, и во согласност со тоа ја смислувам содржината.
Имате голем број на следбеници, што секако носи одговорност и одредени последици. Дали тоа сознание ви прави притисок и како се носите со тоа?
За мене од самиот почеток, буквално никогаш не беа важни бројките и јас тоа постојано го потенцирам. Својот прв ПР пакет го добив пред осум години, кога имав само 800 следбеници, ме контактираа од „Адидас“ и тоа беше остварување на мојот сон. Тоа ми беше прва потврда дека не се работи само за бројки, туку за тоа што вие претставувате и како луѓето ве доживуваат. Јас не се чувствувам ни малку поразлично денес кога ме пратат многу повеќе луѓе. Секако дека постои одговорност и внимавам да не правам грешки, но сигурно кој работи и греши. Тоа сẻ се лекции. Постои и една друга работа, а тоа е дека сẻ што ќе изговорам е толкувано од многу широк аудиториум и секој може да го сфати на различен начин. Се додека е лекција и можам да се надградам, за мене е во ред.
Која од своја лична карактеристика ја сметате за доблест, а која за маана?
Ова ми е дефинитвно најтешко прашање до сега. Сакам што сум истрајна, амбициозна, креативна, чувствителна и праведна. Сметам дека сум добар човек и добар пријател. Она што би сакала да сменам кај себе е да не бидам толку затворена и полесно да им дозволувам на луѓето да влегуваат во мојот живот, помалку да сум тврдоглава и повеќе да верувам во себе.
Вие сте доказ дека секогаш кога некој напорно работи, успехот е неизбежен. Од денешен аспект на гледање на работите што сметате дека е ваша најголема награда?
Најголема награда за сите овие години напорна работа ми е што кога ќе се разбудам наутро, не се натажувам кога ќе помислам дека морам да одам на работа, туку напротив среќна сум што ќе имам можност, да ги расположувам луѓето, да креирам нешто ново, да ширам и примам позитивна енергија и да си ги остварувам своите соништа. Тоа чувство навистина нема цена.
Со оглед на тоа дека веќе подолго време владее светска пандемија на Ковид 19, како успевате да останете позитивна и да пронајдете мотивирачка содржина за вашите следбеници?
Секогаш не ми е лесно да останам позитивна и никогаш не го исилувам тоа чувство. Кога ќе дојдат тешки денови, едноставно помалку се снимам. Кога сте толку активни на социјалните мрежи, многу е лесно да заборавите која сте вистинската вие всушност. Иако многу луѓе ме познаваат преку мојот профил и канал, на крајот на денот тие ја познаваат @imfashionbabe, а многу малку луѓе ја познаваат Дуња каков човек е, пријател или партнер. Мислам дека јас и сите луѓе што се занимаваат со оваа работа многу е важно да си се сочуваат себе за себеси. За време на целата пандемија ги забавував луѓето и им овозможував бар 15 секунди, колку е времетраењето на едно стори да ги заборават своите проблеми. Пред месец дена ме удри реалноста дека сите ние толку се радуваме на враќање на животот во нормала, а не знаеме кога точно тоа ќе се случи. Некако не бев свесна и кога ме стигна реалноста ме погоди, но јас сум човек што секој животен предизвик го вртам на шега, забава, позитивна енергија па така беше и во овој случај. Мислам дека оваа пандемија ќе донесе и добри работи, многу луѓе се свртија кон себе, многу сфатија без што не можат, а што не им е потребно и можат да дејствуваат и работат на тие нешта. За мене лично 2020 година беше голема лекција и година во која се свртив кон себе и сметам дека сите треба така да ја гледаме.