Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска организира чествување по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Kако дел од одбележувањето и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески го промовира електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик.
Речникот е дело на 21 автор, главно научници од Институтот за македонски јазик. Електронското издание на Толковниот речник ќе може бесплатно да го користат сите граѓани и сите проучувачи на македонскиот јазик. „Ова е подарок од Владата на Република Северна Македонија, од Министерството за образование и наука, од авторите и од Институтот за македонски јазик за граѓаните“, се наведува во најавата на промоцијата.
Со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија на 5 мај, пред 76 години македонската азбука е прогласена за официјално и единствено писмо на македонскиот јазик, со службен статус на територијата на Македонија. Македонската абука се заснова на кирилицата со одредени измени приспособени на македонскиот гласовен систем. Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои правописни знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови.
Македонскиот јазик користи кирилична азбука која има долга вековна историја. Развојот на денешната македонска азбука датира уште од појавата на глаголицата, па со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем.