Вики Чадиковска повеќе од три децении е дел од македонската новинарска сила, омилено телевизиско лице и пример за впечатлив новинарски израз. Вистинско задоволство е да се разговара со неа на многу теми, ние избравме неколку, за да успееме малку подобро да ја запознаеме и доближиме до нејзината публика и нашите читатели. Уживајте!
Повеќе од три децении сте дел од македонските медиуми, најнапред како радио водителка, потоа како добро познато телевизиско лице. Која е најубавата страна на вашата професија?
Да ја истражуваш вистината, затоа што јавноста ја заслужува. Нема поголем предизвик од тоа да ја истражуваш вистината, затоа што таа е единствениот патоказ кој води до слободата. Токму и затоа, новинарството е четвртиот столб на демократијата. Оваа професија бара детална внимателност, вклучување на сите страни од приказната и објективност без исклучок. Факт е дека секој медиум, има свој начин на работење, но во суштина, вистината која почива исклучиво на проверени и докажани факти, ги обединува сите медиумски форми. Новинарството е страст. Професионалните новинари посветено и стручно се грижат за својата работа, за професијата, но и за демократските процеси и капацитети на општеството. Колку е слободно новинарството, толку е помоќно општеството. Би сакала да укажам дека често во јавноста се случува да слушнеме или прочитаме дека новинарите биле негативни или скептични. Кога ја истражуваат вистината, новинарите не треба да манипулираат со неа, само поради тоа некој да биде среќен, расположен или задоволен. Новинарите треба да бидат и негативни и цинични и нетолерантни. Вистината и слободата немаат цена. Скептицизмот на новинарот е незаинтересиран и објективен, затоа што тој постои за обезбеди на виделина да излезе вистина во целост. Не се работи за лична одмазда или профитирање. На крајот, новинарите во ниеден миг не го гледаат само сопствениот најдобар интерес, туку се обидуваат да го заштитат интересот на другите, а кога е потребно, и да ги предупредат за опасност. Новинарството е гласот на јавноста и чувар на демократија. Нема поважно, поубаво и попредизвикувачки во исто време.
Правописот, литературниот јазик и правилната дикција се ваш заштитен знак. Како се надградувавте и што беше клучно за да имате изграден стил на пишување и говорење?
Татко ми настојуваше секогаш да зборувам литературно. Тој практично е најзаслужен за основата, која ја надградував од дете со многу читање и љубов кон пишаниот збор. Уште ги паметам неговите приказни за создавањето на јазикот, писменоста и луѓето кои тоа го правеле. Со него редовно ги следевме сите изданија на Струшките вечери на поезијата, па на тој начин беше невозможно да не се негува љубовта и почитта кон мајчиниот јазик. Се сеќавам дека и како дете ми ја пренесе љубовта кон медиумите. Редовно секој ден за себе купуваше весници, Нова Македонија, Вечер, Политика, а за мене како мала, Мики Маус, Политикин забавник … Заедно слушавме радио или гледавме телевизија. Тоа беа убави ритуали кои донесоа љубов кон новинарството како професија. Инаку, уште во основно училиште без задолжена за читање на текстови со кои се одбележуваа важни датуми. Набрзо станав дел од радио Охрид, па надградбата продолжи. Во тоа време невозможно беше некој кој нема радиофоничен глас и добра дикција, да добие шанса да застане зад микрофонот. Се сеќавам како по емисија ќе се вратев дома, да раскажам што сум имала, а татко ми често укажуваше на некои работи. Во тоа време тие критики малку ме погодуваа, ама подоцна сфатив дека тие лекции се вистинско богатство. Неговата критичност за правилното говорење, однесувањето кон микрофонот, почитта кон публиката, се најзначајните лекции кои ми помогнале да стигнам до одредено ниво. Со него научив дека гласот е мојот инструмент кој треба да го искористам правилно. Љубовта пак кон пишувањето е посебна. И ден денес сакам кога пишувам, буквите да бидат убави за око, а зборовите да се согласно правилата за употребата на македонскиот јазик. Мојата професорка по македонски јазик, го сакаше мојот „краснопис“, па секогаш наоѓаше начини како да ме поттикнува за да го усовршувам. Денес пишувањето преку дигиталните алатки е можеби побрзо, но тоа не значи дека не треба да го негуваме употребувањето на мајчиниот јазик. Ми се случува и мене да згрешам. Од тие причини, дома често го разлистуваме правописот, јас да се потсетам, да проверам дали нешто сум заборавила, но и на некој начин, љубовта кон јазикот да ја пренесам на синот. Во ова време на дигитализација и глобални трендови, тоа е многу тешко. Но, сите треба да сфатиме дека и нашиот јазик е современ и дека со неговото правилно употребување и развивање, придонесуваме и за зборообразувањето и за правилното говорење и пишување. Така ја градиме нашата писменост како вештина, која треба постојано да се усовршува, еднакво како и секое друго знаење кое го имаме.
Неодамна започнавте нов телевизиски проект „Приказна“ во кој одредени теми ќе ги истражувате, анализирате и претставувате преку личните приказни на вашите гости. Што е најважно при избор на соговорници?
Вообичаено на месечно ниво, правиме план што ќе истражуваме, разгледуваме кои теми се важни за јавноста. Сакаме да обработуваме различни области. Заеднички разгледуваме кои податоци треба да се истражат со цел да бидат верификувани. Ова значи дека имаме некоја теза, која се обидуваме да ја провериме и докажеме преку анализа на фактите. Во таа насока избираме лица чија професија е поврзана со темата и податоците кои се обидуваме да ги истражуваме. Гостите кои ќе бидат дел од анализираната тема, на некој начин се нашиот ресурс, преку чие искуство сакаме да ја пренесеме поуката и знаењето за конкретната тема. Токму и затоа, сметаме дека личните приказни се поука која треба да се пренесе. Некои приказни се убави, некои тажни, инспиративни. Но, секоја приказна пренесува знаење кое може да биде од корист.
Медиумските работници често се жртви на говор на омраза, закани и навреди. Имате ли вие некое вакво, слично искуство?
За жал, да, имам. По затворањето на А1 телевизија моето семејство беше изложено на силен говор на омраза. Таа емоционална состојба, дури и од денешна перспектива не е едноставна. Колку и да сте силен, остава трага. Во тие мигови се тешев дека ќе помине, дека ќе се заборави. Често се случуваше луѓе кои не се согласуваат со мојот став, да ми се обратат со вулгарни и навредливи зборови. Се случувало луѓе кои не ме познаваат, да ме навредуваат, само затоа што јас имам различен став од нивниот. Секогаш сум се обидувала да реагирам смирено на таквите напади. Не дека било лесно. Се сеќавам на една ситуација која прилично ме вознемири, по една емисија на мојот сопруг, добив навредливи пораки, па дури и желба мојот сопруг да биде однесен со мртовечка кола. Уште се сеќавам дека ова беше на 27 април 2017. Колку и да се обидуваш да реагираш смирено, тие пораки се страшни. Не можам да ја разберам потребата некому да му посакате смрт. Во нашата земја ми се чини дека не сме доволно свесни дека слободата на говор не значи дека сè е дозволено. Слободата на говор не е апсолутно право. Таа има и своја страна на одговорности. Во таа насока, изговорениот збор може да биде еднакво моќен како куршум кој погодува. Ние мора да сфатиме дека не може да правиме сè што сакаме. Тоа не е слобода. Слободата подразбира одговорност и обврска да ги почитуваме другите, без разлика од која вера, род, раса, религија, политичка определба, што и да е. Мора да научиме дека различностите го прават едно општество силно. Мора да ги почитуваме и тие кои се слични како нас, но и останатите.
Кои работи од вашето секојдневие ве исполнуваат и ве прават среќна?
Мали работи ме прават среќна. Често тоа се дневните ритуали со кои си ги „полнам батериите“. Будењето на денот, звуците на природата, разгалувањето со мојот син, разговорите со сопругот, дружењето со другарките, чаша вино покрај камин, читање, готвење и декорирање, цвеќињата кои се почесто стануваат моја пасија, прошетките…
Светската пандемија на Ковид 19, донесе многу нови моменти и ситуации кои се одразија на сите аспекти од нашиот живот. Што ви паѓа најтешко, се борите ли со летаргија и недостиг на мотив за работа?
Загубата на многу пријатели. Си заминаа брзо. Без да се поздравиме. Тоа ме погоди силно. Едноставно сфаќаш дека нема назад. Луѓе кои ги знаеш, ги снемува за миг. Не дека не сме се соочувале со ова претходно. Но, сега, некако станува секојдневно. Вирусот ми ги проретчи другарите, пријателите, колегите, познаниците. Секој ден се соочуваме со некоја таква вест. Товарот од збогување со луѓе кои ги знаеш, со кои се делел животни мигови, станува претежок. Јас сум човек кој бил оптимист, а и личност која е многу емотивна. За жал, последниов период, забележувам апатичност и кај мене и околу мене. Луѓето се исплашени. И јас сум. Не можам да ја најдам таа светла точка која треба да ме поведе. Сфаќам дека коронава ни го јаде животниот век. Брзо, неочекувано и силно. Некако, после сè, сфаќаш дека целата оваа состојба ни наметна едно ново секојдневие, изолирано, без социјален аспек. За жал, оваа состојба трае и веќе никој од нас, не може да каже, еј ќе заврши летово. За првпат сум исплашена, вознемирена. Сфаќам дека работи кои порано ми биле важни, сега едноставно, не ги ни забележувам, сфаќајќи дека постојат други приоритети. Мотив за работа не ми фали, ми фалат луѓето кои си замина неповратно.
За кои работи сте бескомпромисна кога станува збор за воспитувањето на вашите деца?
Сакам да ги научам да почитуваат, да бидат искрени, да го кажуваат својот став, да сфатат дека секој од нас е индивидуа, да се извинат кога ќе погрешат, да се обидат да слушаат внимателно, без разлика колку тоа и да е тешко, да помагаат. И најважно, да сфатат дека и грешките се дел од животните лекции.
Дали некогаш сте биле жртва на дискриминација по било која основа?
По породувањето не бев вратена на работната позиција на која бев пред да заминам на породилно отсуство.
Со која реченица би ја започнале вашата лична „приказна“ ?
И таа имаше многу приказни. Како секој од нас. Радосни и посакувани, но и болни и тажни. Од секоја приказна, ја прифаќаше новата лекција. Научи дека трудот и љубовта не поминуваат незабележани. Научи дека и кога ќе падне, мора повторно да стане со исправена глава. Во нејзините очи секогаш има емоции кои не може да ги скрие, па дури и кога се обидува. Семејството е нејзината сила, која ја мотивира секогаш. Живее за љубовта, затоа што тоа е чувството на кое најмногу верува.