На 6, 7 и 8 мај во МКЦ ќе се одржи деветтото издание на фестивалот на свежа домашна музика „ЗЕМЈОТРЕС“. Од МКЦ известуваат дека „Земјотрес е масивен музички и социјален удар, кој го слави животот со двојно повеќе живи од човечката загуба во 1963. Прослава на живата култура и младешка енергија, која му пркоси на концептот на деструкција. Оваа година ќе пркосиме скромно, но решително. Земјотрес мини. Земјотрес #9.“
„Скопје е град под опсада.
Ребрендиран страв навлегол по куќи и станови, па анксиозно ползи долж пукнатините на подот и ѕидовите. Внесува немир во ноќните преговори помеѓу будните и заспаните. Глупав, досаден страв, кој додатно ја компликува размената на мислења на љубовниците помеѓу вечерата и појадокот. Најкасно до 5 часот и 16 минути наутро, секој од нас го пие првото утринско кафенце, подготвен да се втурне во денот, во кој нема каде да се оди и нема со кого да се види. Градот е под опсада. Ја викаат пандемија. Ја викаат страв.
Баш мислевме што да направиме. Мора нешто да се направи, почна да нѐ боли газот од седење. Помисливме, ајде да испровоцираме серија микропотреси, онакви мали земјотреси што удираат секои два-три месеци, колку да нѐ потсетат дека сме живи. Да потврдиме дека сме живи, а? Да се сетиме дека сме музика. Серија мали, маааали, малецки концерти по два на ден во три дена. Три дена ЗЕМЈОТРЕС. Мал, мини, сладок, земјотрес. Колку да не му се тресеме на стравот и да ѝ се насмееме на опсадата директно во глупавото лице.
Ние, децата на Скопје, го паметиме и она што било пред да се родиме. Паметиме како изгледа кога најубавата младина на оваа земја ќе проструи низ коридорите на наше МКЦ.“, велат организаторите од МКЦ.
„ЗЕМЈОТРЕС 9“ програма:
6.5.2021 (четврток) | почеток: 19:00
• Дина Јашари
• Перија
7.5.2021 (петок) | почеток: 19:00
• 3ject
• The Local Blue
8.5.2021 (сабота) | почеток: 19:00
• Александар Велики
• Кантон6
Билетите по цена од 200 денари се достапни на билетарница во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk
Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален (70 седишта), носењето маски е задолжително за време на целиот настан. Фестивалот е поддржан од Град Скопје.