Карактерите во дигиталните илустрации на Flimovski ја одразуваат детската наивност и искреност на едноставен и сладок начин. Поразговаравме со овој дизајнер за неговата работа и начинот на создавање на овие илустрации.
Како започнавте со илустрациите и од каде црпите инспирација?
2003 година ја земам како годината кога почнав да се занимавам со илустрација. Тогаш настанаа моите први цртежи кои ги објавував на онлајн платформата Deviantart, каде што запознав многу локални млади таленти со кои продолжив да творам и изложувам на заеднички изложби.
Инспирацијата ми доаѓа од повеќе извори – илустрација и постери од 60-тите години, space age дизајн правецот, уличната и современата уметност. Редовно ги следам новините од светот на илустрацијата и се обидувам да посетам изложби во рамки на слободното време.
Дали повеќе ве привлекува дигиталната илустрација или традиционалната уметност?
Би рекол дека највеќе се пронаоѓам во дигиталната илустрација, како омилена гранка од дигиталната уметност. Се обидувам преку визуелниот јазик и израз да создадам наратив без да користам зборови. Исто така дигиталната илустрација е многу згодна за изработка – нема бои, не треба простор за платно и материјали, нема миење на четки… Можете секаде да ја практикувате сè додека имате таблет или лаптоп со вас.
Како би ги опишале вашите илустрации и досега што ви претставувало најголем предизвик во работата? Како дојдовте до идејата за тие интересни, преслатки дизајни?
Мојот визуелен израз веројатно би го сместил во категоријата илустрација за деца. Сакам да создавам карактери со минимален број на плохи и бои, да ги поедноставам сите параметри на илустрацијата исто како и децата. Сцените ги ослободувам од сите правила на логиката и физиката, децата лебдат во воздухот и се дружат со чудовишта и птици. Мислам дека детскиот цртеж е секогаш искрен и наивен како и самите деца. Таа наивност ја губиме како созреваме, па можеби и затоа ми се допаѓа да создавам во овој илустраторски правец, сакајќи да не пораснам на некој начин.
Колку секојдневието ви дава материјал за работа?
Секојдневието е исполнето со работни обврски па илустрацијата ја оставам за викендите кога сакам да ги избистрам мислите или едноставно да се опуштам. Почнувам со некоја основна идеја и секогаш сум нетрпелив да го видам конечниот резултат и до кој степен ќе излезе како замисленото. За една илустрација ми треба пар часа па затоа бирам релаксирани викенд периоди во кои можам целосно да потонам во работа.
Дали ви се случило да западнете во креативна блокада и како излегувате од истата?
Верувам дека креативната блокада му е позната тема на секој креативец. Се јавува периодично и мојот совет е да се направи пауза од работата неколку часа, па да се наврати на неа. Малиот одмор прави чуда во креативниот процес. Доволно е да го оставите делото подалеку од себе и да му се вратите со нова перспектива после прошетка или одмор. Сите решенија на кои не сте се сетиле наеднаш ќе бидат видливи.
Дали следите уметници и дизајнери и кои?
Mеѓу омилените уметници ми се Takashi Murakami и Yoshitomo Nara. Отсекогаш ми се допаѓал јапонскиот смел и интензивен сензибилитет. Влијанието од јапонската ликовна и применета уметност е видливо во моите цртежи. Исто така сум голем фан на големм број улични уметници како Invader, Swoon и Os Gemeos.