Кон „Нема да си сама“ во режија и сценарио на Горан Столевски, кинематографија на Метју Чуанг
Во последните неколку години како да се случи една „ренесанса“ на класичната хорор „антихероина“, волшебницата од фолклорните приказни. Филмовите како „Вештерката“ на Роберт Егерс и „Суспирија“ на Лука Гвадањино успеаја успешно да го „рециклираат“ имиџот и да дадат одредена комплексност и длабочина на нивните длабоко меланхолични вештерки, па не е чудно што овој тренд на продукција на помалку различни, независни хорор-сценарија го разбранува едноличниот Холивуд. „Нема да си сама“ на австралискиот режисер со македонско потекло Горан Столевски влегува во овој „елитен“ клуб поради овие сличности, но е доволно уникатен во својата инспирација црпена од непресушниот бунар на македонскиот фолклор за да стои рамо до рамо со нив.
Волкојадачката Марија (Анамарија Маринца во една тивка изведба што влева страв во коските) е суштество што е добро познато на балканското поднебје – олицетворение на злото што се храни со живо месо. Нејзиниот облик е гротескен од многуте лузни на телото и „вреска“ опасност, нешто што Јоана (Камка Тоциновски) добро го знае кога Марија ќе дојде по нејзиното новороденче, Невена (Сара Климоска). Спогодбата што ја постигнуваат е еден ужасен компромис – кога бебето ќе наполни 16, Јоана доброволно ќе го даде на вештерката, која после може да прави сè што сака со неа.
Вака почнува животниот пат на младата Невена, кој уште од почетокот небаре е осуден на пропаст. Таа е изолирана од светот целиот живот, дива, без никакво знаење за сè што има надвор од една пештера и од друштвото на суровата Марија. Таа копнее по нешто повеќе – одбива да живее полна со огорченост и тага како својата маќеа. Субверзивниот тек на нејзиниот карактер ја носи приказната во една сосема позната егзистенцијална ситуација – дали може Невена да научи како да живее како човечко битие, што значи тоа и што носи тоа со себе? Всушност, целиот филм претставува едно суптилно душевно патешествие на развојот и самоспознавањето на хероината од дете во една млада „жена“. Велам „жена“ во наводници, зашто таа никогаш нема да биде тоа што сака да биде.
Ова е прв долгометражен филм на Горан Столевски, но начинот на којшто ја развива приказната покажува таква зрелост што тоа речиси не може да се забележи. Комбинацијата на морбидно-меланхолична музика проследена со тивката нарација на речиси заборавен дијалект само го потенцираат развојот на карактерот на Невена од „табула раса“ во душа која љуби и сака да живее. Единствениот пропуст може да се најде во некохерентната промена на нејзините улоги – Сара Климоска е режирана да ја игра младата вештерка како на работ на разумот, додека преостанатите актер(к)и интригантно ги доловуваат новите доживувања на главниот лик во секоја телесна преродба.
„Нема да си сама“ е амбициозен, сериозен и емоционален филм што успева да внесе нов живот не само во жанрот хорор туку и во интернационалната кинематографија. Како што би се рекло – светско, а наше.
4,5/5