Од „Пасворд“ продукција известуваат дека музичките фестивали „Таксират“ и „Д Фестивал“ се во трка за „Европски фестивалски награди“ – признание за музичките настани во Европа.
И двата фестивали кои се во организација на „Пасворд“ се номинирани во две различни категории заедно со 45 други фестивали од 19 држави.
Зимскиот „Таксират“ влегува во категоријата за најдобар фестивал во затворен простор, додека, пак, „Д фестивал“ е номиниран за најдобар мал фестивал, односно категоријата во која спаѓаат фестивалите со капацитет од 10.000 посетители дневно. По оваа исклучително значајна номинација, за изборот на победниците следно е главниот збор на милионската публика од целиот свет, која веќе гласа за своите омилени фестивали. Гласањето е отворено за сите, па и за македонската публика. „Европските фестивалски награди“ се најзначајното меѓународно признание за препознавање на квалитетот на фестивалските организации на кои се должи европската разновидна и енергична фестивалска сцена. Токму затоа за победниците од секоја категорија одлучуваат оние што се најважен дел од музичките фестивали – публиката! Преку отворено гласање на официјалната онлајн платформа, јавноста ќе може да гласа во сите категории и, секако, да ги поддржи „Таксират“ и „Д фестивал“ со својот глас, до 7 декември.
Прогласувањето на победниците ќе биде на 18 јануари 2023, на свеченото доделување на наградите во Гронинген, Холандија. За конечните победници во секоја од категориите се одлучува според гласовите од публиката, но и стручното жири, кое го сочинуваат истакнати личности од светската музичка индустрија.
Нашите најдобри фестивали и претходните години се закитуваа со номинации на „Европските фестивалски награди“, а „Таксират“ дури успеа да влезе и во најтесниот избор меѓу десетте најдобри фестивали во Европа.