Случаите на родово-базирано насилство и неговиот најлош исход – фемицидите и (не)постапувањето и несоодветното однесување на одговорните институции
Нормализирањето и релативизирањето на случаите на родово-базирано насилство последниве неколку месеци, наспроти реалната слика дека тоа носи огромни последици за едно општество и за неговите жители, навистина ја зголеми и онака лошата состојба со културата на насилство во оваа држава. Големиот број наслови низ медиумите за насилство врз жени изминатиов период навистина беа вџашувачки и фрустрирачки, што придонесе поголемиот дел од времето свесните луѓе во моето опкружување да ја повторуваат истата реченица „Каде живееме?“ И навистина, тоа е сосема легитимно прашање кога се работи за сопствената безбедност.
А уште полегитимни прашања се „Каде да пријавам, како да постапам, кој ќе ми помогне ако сум нападната, истепана, силувана?“ За жал, одговорот не е секогаш јасен и очигледен (а треба да биде) и тоа се потврди со однесувањето на оние што треба да реагираат соодветно, надлежните институции за правда и заштита во една држава.
Минатиот месец се одржа протест пред МВР инициран од несоодветното постапување на полицајци во случај на родово и сексуално базирано насилство, а директен повод за протестот беше неодамнешниот инцидент во кој див таксист нападна 19-годишна девојка, а потоа да избега од државата. Притоа, тој беше обвинет за непримерно однесување. Под мотото „Не сме безбедни“, граѓани и активисти се собраа на протест пред МВР за да им изразат поддршка на жртвите на родово и сексуално базирано насилство и истовремено побараа од полицијата посериозно и попрофесионално да се зафати со решавањето на вакви случаи. Сексуалниот напад не е непримерно однесување, жртвите двојно се виктимизираат, полициските службеници се несензибилизирани и нестручни при пријави за родово насилство. Тоа беа само дел од пораките што ги упатија активистите. Според статистиките на „Коалиција Маргини“ од последните шест месеци, документирани се 45 случаи на родово засновано насилство, а од нив 35 се жени кои веќе десет години трпеле насилство и се охрабриле да пријават. Според статистиката на центрите за социјална работа, бројот на жртви на семејно насилство лани се намалил за 4,3 проценти во однос на 2021 година, односно новоевидентирани жртви на семејно насилство за 2022 година се 1.543 лица, од кои најголем дел се жени – 1.074, мажи – 252 и 227 деца. За споредба, во 2021 година, бројот на жртви на семејно насилство бил 1.608.
Според статистиката на МВР, пак има зголемување на кривичните дела за семејно насилство, односно во 2022 година биле пријавени 1.117 кривични дела за семејно насилство, а во 2021 година биле пријавени 1.056 кривични дела.
И покрај поголемиот број на пријави и охрабрување од страна на жртвите да го пријават насилникот, не изостанува јакнење на културата на насилство преку говор на омраза кон жените, коментари на социјалните мрежи полни со осуда и двојна виктимизација, како и мизогинија и релативизација на проблемот што некако доведува неизбежно до тоа дека, едноставно, насилството се нормализира кај нас.
Уште пострашно од осудувачките коментари на сметка на жените кои претрпеле насилство е кога тие што треба да ја спроведат правдата и да заштитат постапуваат на ист начин. Во случајот со „дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата“, како што пренесе медиумот ИРЛ, девојката неколкупати давала исти изјави пред полицијата и несоодветно ѝ биле поставени следниве прашања од полициски службеници: „А како бевте облечени?“, „Носевте ли мини сукњи?“, „А зошто вие не го истепавте?“
Полиција или медијатор?
Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“, вели дека полицијата е на првата линија кога треба да се прими пријава или да се постапи во овие случаи и според нивните законски обврски тие се задолжени да ја направат процената на ризик што е од најважно значење за понатамошното постапување и преземањето на идни мерки и активности.
„Имаме случаи што најчесто се жалат на овој дел, односно неправењето на соодветна процена на ризик. Начелото на итност во постапувањето, несоодветно направена процена на ризик, ревиктимизација на жртвата со сето она што се соочиле жртвите кои пријавиле во полициска станица. Многу често полициските службеници се ставаат и во улога на медијатори, на помирувачи и знаат да ја релативизираат случката и/или заканата. Исто така, треба многу да се работи на едукација и сензибилизирање на полициските службеници. Имавме случај кога една жена пријавила насилство во полициска станица што го извршил нејзиниот поранешен сопруг (со кого е разведена и имаат две малолетни деца) и полициските службеници не го препознаа тоа како семејно насилство. Пријавата не се процесираше понатаму и таа беше заведена како поплака. Сепак, морам да нагласам дека инспекторите за семејно насилство како и другите (за крвни деликти, за малолетници) имаат многу повеќе знаење и сензибилизација при постапувањето. Сепак, останува генералниот впечаток, особено за полицијата во униформа, дека не постапува секогаш согласно нејзините ингеренции. Морам да напоменам дека кај нас статистика за пријави за извршено родово базирано насилство сè уште не водат ниту МВР, ниту центрите за социјална работа, туку се водат како семејно насилство. Се надевам дека сите ние, и како индивидуи и како колектив, сакаме да живееме во општество без насилство со нула толеранција кон него. Лично сметам дека едукацијата од најмали нозе е основа за градење на вакво општество. Дополнително, од нашите последни истражувања, нашата држава најмалку активности спроведува на полето на превенција. Кампањи за подигнување на јавната свест, споделување на информативни материјали се навистина потребни, но многу важна алатка во овој дел се и обуките (и почетни и континуирани) и сензибилизирањето на сите професионалци, а во прва линија лицата кои работата во центрите за социјална работа, полициските службеници, а потоа здравствените работници, учители/наставници и професори, како и вработените во правосудството“, вели Аврамоска Нушкова.
Имавме случај кога една жена пријавила насилство во полициска станица што го извршил нејзиниот поранешен сопруг (со кого е разведена и имаат две малолетни деца) и полициските службеници не го препознаа тоа како семејно насилство. Пријавата не се процесираше понатаму и таа беше заведена како поплака.
Ана Аврамоска Нушкова
Адвокатката Наташа Бошкова вели дека е клучно постапувањето на полицијата во тие први мигови кога жртвата е најранлива и кога е важно да се воспостави однос на доверба и сигурност дека ќе ја добие потребната заштита.
„Овој контакт значајно влијае на текот на постапката, особено односот на жртвата и нејзината мотивација за вклучување во постапката што следува. Практиката покажува различни искуства што го сметам за проблем, особено што обврската на полицијата и сите други институции се должни да постапуваат со потребното внимание во текот на целиот процес. Тоа значи дека одговорот на полицијата не треба да биде условен од местото, времето на пријавување или личните карактеристики на жртвата и сторителот или личните ставови и капацитети на службениците кои постапуваат во конкретниот случај. Туку, постапувањето треба да биде професионално и ослободено од предрасуди. Можам да споделам случаи кога полицијата постапила брзо, ефикасно со почитување на достоинството на жртвата, но, за жал, не е мал бројот на случаи кога полицијата не ја зема сериозно пријавата за насилство, особено ако доаѓа од маргинализирана заедница. Одговорот на институциите, особено на полицијата, е важен за тоа како понатаму институциите ќе го водат случајот, но истовремено влијае и на перцепцијата на јавноста кон проблемот – во случајот на родово-базираното насилство“, вели Бошкова.
Нема посебно кривично дело фемицид
Последните две анализи на „Глас против насилство“ за фемицидите во Македонија покажува дека за периодот од 2008 до 2020 година се извршени најмалку 50 фемициди. Според истражувањето на Организацијата на Обединетите нации за дроги и криминал (UNODC), објавено во 2019 година (кое е единствено истражување што обезбедува статистика за бројот на убиства на жени на глобално ниво), шест од десет жени во светот (58%) се намерно убиени од интимен партнер или друг член на семејството. Фемицидите се најтешката форма на насилство врз жени и девојчиња.
Според Аврамоска Нушкова, проблемот за неговото дефинирање и препознавање сепак е системски.
„Причините се наоѓаат во историски нееднаквата дистрибуција на моќ помеѓу мажите и жените, во системската родово заснована дискриминација, како и во патријархалните вредности и традиции што се применуваат во нашето општество. Непостоење на законска рамка што промовира родова еднаквост и/или нејзино неимплементирање придонесува кон нееднаков пристап на жените и мажите до образование, здравствена заштита, социјална заштита, платена работа, стекнување со имот, финансии и многу други сфери. Нееднаквите можности на жените и мажите доведуваат до зголемен ризик кај жените да станат жртви на насилство. Дополнително, недостига и специфично препознавање на оваа форма на насилство во Кривичниот законик, кој треба да биде усогласен со одредбите на Истанбулската конвенција. Во однос на превенцијата, системот треба да се развива паралелно во неколку аспекти. Првично, мора да се инкриминира нешто, за да биде препознаено. Односно, почнувајќи од промена и дополнување на националната легислатива за препознавање на овој тежок вид насилство, како и на собирање на статистички податоци за него. Јасно и прецизно дефинирање на сите форми на родово засновани убиства на жени“, вели таа.
Таа додава дека, според наодите што ги добиле од последната анализа (2017-2020), евидентно е дека сепак има поажурно постапување на органите на прогонот и на судовите.
„Имено, во однос на времетраењето на судската постапка, кај четири од предметите имало признание од страна на сторителите и постапките се завршувале во период до три месеци. Споредено со наодите од претходната анализа (2008-2016), се бележи мал напредок во итноста на постапките, односно првата анализа покажува дека постапките траат од 3 до 20 месеци, при што подолги беа само тие каде што сторителот има нарушено ментално здравје и е потребно вештачење од стручно лице“, вели Аврамоска Нушкова.
Изминатите четири-пет години организациите што работат со маргинализирани заедници имаат документирано четири случаи на убиство на жени сексуални работнички за кои не се преземени соодветни дејства за откривање на сторителите, ниту прибирање докази за докажување на насилната смрт на овие жени.
Наташа Бошкова
Адвокатката Бошкова вели дека предлог-измените на Кривичниот законик, кои се во постапка на усвојување во Собранието, не содржат посебно кривично дело фемицид што се дефинира како убиство на жени и девојки.
„Предлог-измените содржат дополнување на постојната одредба што предвидува построга казна доколку убиството е извршено во контекст на семејно насилство, со формулација дека построго ќе се казни и убиство при вршење на родово-базирано насилство врз жените. Со ова се препознаваат жените жртви на убиство кои не биле во семејна, интимна или лична врска со сторителот, а сепак биле жртва на убиство поради тоа што се жени. Со ова, обележјето на кривичното дело убиство се приближува и до дефиницијата на фемицид, која во себе содржи и други обележја што во нашето законодавство се опфатени со други одредби, а не во конкретното кривично дело убиство. Како држава потфрламе во делот на собирање податоци и водење на јасна евиденција за случаите на родово-базирано насилство врз жени, вклучувајќи го и убиството. Оттука, и тешко може да се мери успехот, брзината и ефикасноста на решавање на случаите. Во најголем дел за овие убиства јавноста била информирана преку медиумите и повиканите институции даваат информација за текот и начинот на решавање на случаите преку што може да се добие впечаток дека институциите навремено преземаат дејства за пронаоѓање и казнување на сторителот. Преку случајот во јавноста за убиството на жена во Неготино и квалификацијата на дејствата на сторителот како тешка телесна повреда од страна на Јавното обвинителство се покажа дека отсуствува знаење и сензитивност кај надлежните да ја препознаат родовата компонента на конкретниот случај, дека не станува збор за тепачка што завршила со фатален исход, туку за жртва на насилство која го изгубила животот од рацете на интимниот партнер во домот каде што живеела“, вели адвокатката.
Сепак, додава дека загрижува третманот на случаите на убиство на жени припаднички на маргинализирани групи како сексуални работнички и/или жени кои употребуваат дроги.
„Изминатите четири-пет години организациите што работат со маргинализирани заедници имаат документирано четири случаи на убиство на жени сексуални работнички за кои не се преземени соодветни дејства за откривање на сторителите, ниту прибирање докази за докажување на насилната смрт на овие жени“, вели Бошкова.
Според истражување спроведено од ОБСЕ за насилството врз жените во Северна Македонија „Благосостојбата и безбедноста на жените“, во 2019 година, стапката на пријавување на случаите на насилство се движи околу 14 % во Европа, а кај нас само 2 % од жените кои доживеале насилство го пријавиле тоа кај надлежните институции. Дополнително, коментарите од типот „Што си барала во четири по полноќ надвор?“ или „Зошто дури сега пријавуваш?“ придонесуваат за нормализација на културата на насилство и, за жал, само ја зголемуваат недовербата во институциите што треба да заштитат. На тој начин насилството останува неевидентирано, се шири и се зголемува, а жените остануваат небезбедни секаде, и на улица и во домот.