Финска е прогласена за земја со најсреќна популација шеста година по ред, според новиот извештај „Среќата во светот 2023“.
Македонија се најде на 87 место од 137 држави на новиот извештај „Среќата во светот 2023“ кој го објавуваат Обединетите Нации што земјава ја стави на последното место на Балканот и меѓу најнесреќните држави во Европа.
Од окружувањето најдобро е рангирана Словенија (22 место), Косово (34), Србија (45), Хрватска (48), Грција (58), Црна Гора (67), Босна и Херцеговина (71), Бугарија (77) и Албанија (83).
Од државите во Европа полош резултат имаат само Грузија (90 место), Украина (92) и Турција (106). Оваа година С. Македонија се наоѓа во друштво на држави како Република Конго, Венецуела и Лаос.
Извештајот, кој се занимаваше и со ефектите од кризата предизвикана од коронавирусот врз благосостојбата на луѓето, секоја година го составуваат научници во САД врз основа на анкети на Институтот Галуп.
Најнесреќна држава оваа година е Авганистан со просечен резултат од 1,859, додека на последните пет позиции се уште и Либан, Сиера Леоне, Зимбабве и Демократска Република Конго.
Ова е 11-та година откако се објавува извештајот „Среќата во светот“ на 20 март – Меѓународен ден на среќата според Обединетите нации.