Во книгата „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ од Бранко Прља се користени илустрации направени со помош на вештачка интелигенција наречена Стејбл Дифјужн (Stable Diffusion).
Се работи за прва таква соработка помеѓу човекот и вештачката интелигенција во историјата на македонската уметност, графички дизајн, литература и издаваштво!
Сликите добиени со текстуален „инпут“ се потоа обработени во типичен стил на Бранко Прља и едицијата „Фактопедија“ со примена „cut-out“ триколор инспириран од делата на Шепард Фери (Shepard Fairey, авторот на познатите постери „Надеж“ за Барак Обама).
Во делото „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ на концизен и едноставен начин се „прераскажува“ кусата историја на Курт Кобејн, гранџ музиката и бендот Нирвана.
„Се работи за 15-та книгичка во едицијата „Фактопедија“. Сите книгички од оваа едиција се достапни за бесплатно симнување на порталот арно.мк“, објаснува авторот.
Целта на овие изданија е неформално образование, оригинален и нетипичен пристап кон обработка на една тема, со фокус на компресирањето информации и нивното пренесување во концизна форма, при што нема да се жртвува содржината. Се работи за концепт на кој Бранко Прља работи од почетоците на неговата писателска „кариера“ (ако може воопшто да се зборува за такво нешто во Македонија).
Едни од првите писателски обиди на Бранко Прља (пред објавувањето на првото негово дело) биле напишани на ливчиња со димензија на кибрит, на кои се обидувал да ги „компресира“ приказните. Инспирацијата за ова е појавувањето на mp3 форматот во раните 1990-ти и концептот за тоа дека со кратењето на високите и ниските фреквенции кои човечкото уво не ги перципира доминантно, може да се сочува звукот и квалитетот, а драстично да се намали „тежината“ на фајловите. Бранко Прља оттогаш се обидува да го направи истото во неговата литература.
Неговите „приказни на ливчиња“ подоцна се појавуваат во поинаква форма – збирка многу куси раскази со името „За секого по нешто, за некого ништо“ (Темплум, 2003) и во неколку други книги во следните две децении.
Фактопедиите се логичен продолжеток на оваа идеја, каде што на мал број страници и во мал формат Бранко Прља ги пренесува најзначајните факти на одредена тема.
„Книгичкиве се мали по обем и број на карактери, но подразбираат едно сеопфатно и исцрпно истражување на темата. Дури тогаш е возможно да се „компресира“ едно море податоци во концизен формат“, вели Прља.
Фактите не се сувопарно пренесени, туку честопати има авторски удел на писателот, кој со своето искуство и стил ги обликува да бидат приемчиви, лесни и интересни за читање.
Книгата „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери“ ја изнесува тезата дека три децении по настанувањето на гранџот во историјата на светската музика не било создадено такво движење, (особено алтернативно) кое глобално ја хипнотизирало светската публика, толку долго останало на врвот на топ-листите и имало масовно влијание врз една генерација.
Причината е во технологијата и перцепцијата на музиката, уметноста и креативните индустрии. Не се работи за тоа дека луѓето станале некреативни и неспособни за музички или уметнички револуции (напротив!), туку едноставно вниманието на публиката се изменило и станало многу покусо.
„Stable Diffusion е вештачка интелигенција, поточно модел за длабоко учење, по принцип „текст-на-слика“ објавен кон крајот на август 2022 година. Се работи за прва вештачка интелигенција која е 100% бесплатна и со отворен код“, вели авторот.
Повеќе за книгата и за користената вештачка интелигенција Stable Diffusion прочитајте на линкот.