Овој викенд во нашата земја се случува големо спортско натпреварување Европско ракометно првенство за сениорки, ЕХФ ЕУРО 2022 и нашата земја има голема чест и одговорност да биде домаќин. Мојата лична фасцинација беше огромна и кога го знаев фактот дека на оваа кандитура за земја домаќин и претстоело работа од речиси шест години, односно нашата ракометна федерација уште во април 2017 година, поднела официјална апликација и комплетна стратегија и идејна скица за реализација. По речиси шест години, несебично залагање на претседателот Живко Мукаетов и целата ракометна федерација, конечно овој викенд македонската и европска публика ќе имаат можност да видат дека и нашата земја е подготвена за големи нешта. Токму поради тоа посакавме да поразговараме со нашите репрезентативки, за од нивна страна видиме како се одвива целиот процес на подготовка.
Во секоја земја најголема чест и обврска е да настапуваш за националниот тим. Каков беше вашиот ракометен пат, од почетоците па до националниот дрес?
Ива Божиновска:
Почнав да тренирам ракомет на 12 години, во тимот на Зоран и Индира Кастратовиќ и веднаш се заљубив во овој спорт. Потоа го сменив тимот, настапував за РК „Вардар“. Како се зголемуваше мојата љубов и посветеност, растеа и успесите што ме мотивираа да продолжам понатаму, настапував на две Европски првенства со младинската репрезентација, потпишав за РК „Металург“ и стигнав до ова што ме очекува. Ова Европско првенство ми е многу важно, зашто е сениорско и е многу голема шанса за нас помладите.
Ангела Јанкуловска:
Секое големо натпреварување бара посебни подготовки, целосен фокус и дисциплина. На што најмногу внимававте и како изгледаа подготовките за ова првенство?
Морам да нагласам дека во нашата репрезентација дисциплината е на многу високо ниво. Имавме многу напорни тренинзи, но добро ги сработевме, работевме на нашата психолошка подготвеност, нашиот стручен тим внимава на секој најмал детал, се храниме многу здраво, во карантин сме и сите, секој член од нашата репрезентација дава сẻ од себе да се претставиме во најдобро можно светло. Постојано гледаме добро подготвени видео анализи од играта на нашите противници Франција, Холандија и Романија. Јас лично сум многу задоволна од атмосферата и условите во кои го дочекуваме ова првенство и верувам во успех.
Нашата земја е една од земјите домаќини на ова Европско првенство, заедно со Словенија и Црна Гора. Што значи за вас како играчи одговорноста да си домаќин на едно вакво престижно натпреварување?
Сара Ристовска: По повеќе од десет години учествуваме на Европско ракометно првенство за сениорки, овој пат и како домаќини и тоа навистина е огромна чест, радост и одговорност за нас како играчи. Јас како капитен и сите други девојки премногу се радуваме што ќе играме пред нашата публика, во родната земја, на едно вакво големо натпреварување. Жал ни е што нашиот капитен од кого ја преземав капитенската лента Елена Ѓеоргиевска поради повреда не може да игра, но ќе се потрудиме да ја направиме горда на нас. Нашата репрезентација има млади, квалитетни ракометарки, за кои ова првенство ќе биде прекрасна можност покрај играчко искуство, да се здобијат со некоја нова сигурност, но и на европската јавност да и ги покажат своите квалитети и својот талент. Чувствуваме позитивен притисок, кој не ни е наметнат од јавноста, ниту од раководството тука од почитта кон еден ваков вид на натпреварување и тежината што тоа го носи. Престижот да се игра и да се бори со репрезентации што го сочинуваат ракометниот врв си го прави своето. Иако велат дека сме во тешка група, мислам дека за сẻ во животот можеш така да мислиш, важно е како ќе се поставиш. Сметам дека ние треба да сме растеретени од притисок, се враќаме на големите натпреварувања по неколку години и важно е да изиграме најдобро и постојано да сме дел од ваквите првенства. Постојано им зборам на девојките да се опуштат, да играат најдобро како на тренинг, ракометот е весела, борбена игра и тоа треба да го доближиме до публиката. Нашата мотивираност и спремност можеби ќе биде мотив за некое дете да започне да се занимава со ракомет.
Анастасија Николовска:
Секоја од нас има вложено голем напор и труд за да влезе во овој потесен репрезентативен список. Чувствувам позитивна трема и притисок , но сметам дека сме подготвени на најдобар начин пред нашата публика, да го презентираме тоа што сме го научиле до сега. Нашата група е тешка, квалитетни се сите репрезентации, но мислам дека ако ние ја изиграме нашата игра, играта за која не подготвуваа и која можеме да ја дадеме, успехот ќе биде само дополнителна награда. Нашиот фокус е да изиграме најдобро што можеме.
Каква а атмосферата во репрезентацијата, моментално сте во карантин постојано заедно, имате ли ваши заеднички ритуали?
Ива Божиновска:
Од самиот почеток на овие подготовки работиме во многу пријатна атмосфера, како на тренинг, така и во нашите карантински дружби. Слушаме многу музика, имаме огромна просторија каде ни прават терапии, таму се дружиме разговараме за изминатиот ден, за самото првенство, за наши поранешни искуства. Навистина сме сите блиски и сме во добри односи со сите од федерацијата и стручниот штаб. Го дочекуваме ова првенство смирени, релаксирани и подготвени, сметам дека имавме навистина професионални подготовки и сакаме да ви покажеме што умееме. Сите сме сплотени и имаме иста цел.
Вашите натпревари се закажани за 5,7 и 9 ноември во Арената „Борис Трајковски“ со почеток во 18 часот. Очекувате ли полна сала и поддршка од публиката?
Ангела Јанкуловска:
Секако дека очекуваме поддршка од нашата публика. Колку побројни се нашите навивачи толку поубава ќе биде атмосферата во салата, а со тоа секако расте мотивот за игра кај нас. Јас лично се чувствувам почестена што го носам македонскиот дрес, едвај чекам националната химна да се слушне во салата. Инаку Арената „Борис Трајковски“ е подготвена по сите, највисоки, светски и европски стандарди и има идеални услови за игра. Буквално сẻ е подготвено останува уште само да играме најдобро што знаеме и да уживаме во овие многу убави и важни моменти за секој играч.
Вие сте професионални спортистки, имате живот исполнет со многу труд напор и одрекување. Колку е тешко да се занимаваш професионално со спорт?
Сара Ристовска:
Ова првенство иако бараше многу напор и труд за подготовка, носи можност и шанса за многу девојки да си ја продолжат својата кариера во реномирани ракометни клубови. Така е за сẻ во спортот, се даваш и вложуваш но имаш огромен фидбек и непроценливи моменти. Јас сум веќе пет години излезена од Македонија, настапувам во странски клубови, не би рекла дека сум дала жртва за ракометот, сум избрала на овој начин да го градам патот на мојот живот, да правам она што го сакам и да живеам како сакам. Едноставно што ни паѓа тешко е што сме разделени од нашите семејства, но така најмногу се гради карактерот. Ракометот ми пружил можност да запознаам нови култури, да видам прекрасни места, да видам како размислуваат луѓе со поинаков менталитет и да ги направам горди моите родители, кои беа иницијатори за да почнам да тренирам. Ракометот помогнал да сме самостојни, јаки жени и да чекориме како што имаме замислено.
Девојки ви благодарам за преубавиот разговор, сите во сабота 05.11 во 18часот-НАВИВАМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!!!!