Тимот на движењето „Fashion Revolution Macedonia“ го претставува настанот Swap ’till Drop, збир од повеќе интересни активности – размена на облека, работилница за редизајн на облека, цртање на чевли, презентација на биоразградлив производ и проекции на кратки филмови. Настанот ќе се одржи во урбаниот простор во центарот на градот „Platform 0.10“ (aдреса: https://bit.ly/3VOkBIW), на 5-ти ноември (сабота), со почеток во 13 часот.
Соработката и активностите со повеќе локални артисти кои создаваат на одржлив и еколошки одговорен начин, се во насока на поголема информираност и кревање на свеста за неетичките практики, конзумеризмот и штетното влијание на модната индустрија врз луѓето и животната средина.
Fashion Revolution Macedonia е дел од глобалното движење Fashion Revolution, кое се залага за модна индустрија која подеднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Ја слави модата, но истовремено има за цел да ја подигне свеста за најгорливите проблеми, да покаже дека промената е можна и да ги охраби сите засегнати страни во создавање на поголема одржливост и етичност во модната индустрија.