Социјалните мрежи целосно го променија начинот на кој жените денес откриваат, избираат и користат производи за убавина. Индустријата станува побрза, подинамична и постојано поставува нови правила, а публиката сè повеќе бара автентичност, лично искуство и содржина со која може да се поврзе.
За промените што ги донесе дигиталната ера, за современите навики на потрошувачите и за тоа како луксузните брендови ја задржуваат својата препознатливост и ексклузивност, разговаравме со Маја Божовиќ, едукациски менаџер за регионот Адриатик за брендовите Estée Lauder, Tom Ford, La Mer и Jo Malone London. Таа зборува за новата естетика во индустријата за убавина, за влијанието на „реалната“ содржина и за тоа зошто денес производот е многу повеќе од обична козметика.
Индустријата за убавина денес функционира многу побрзо отколку порано. Кои се моментално најголемите трендови што го обликуваат начинот на кој жените избираат и користат производи за шминка?
Денес големо влијание имаат социјалните мрежи, кои од една страна создаваат возбуда и поттикнуваат желба нешто да се поседува и купи, а од друга страна често создаваат чувство дека нешто пропуштаме ако го немаме. Производот за убавина денес не е само дел од рутината за разубавување, туку станува и дел од животниот стил. Начинот на кој се облекувате, вашата естетика, кого следите, каде патувате, што носите во чантата сето тоа станува дел од приказната. Трендовите се менуваат преку ноќ, постојано се појавуваат нови брендови, изборот на пазарот е огромен и лесно е човек да се изгуби во морето информации. Лично, им верувам на стручњаците, на светски познатите шминкери, на јавните личности чија естетика ја сакам и ја следам, како и на релевантните медиуми. Денес сè е достапно со еден клик, има многу трендови и важно е да се знае што навистина вреди да се избере.


Колку социјалните мрежи како TikTok и Instagram ја променија индустријата за убавина и начинот на кој брендовите комуницираат со публиката?
Социјалните мрежи ја забрзаа размената на информации, поради што купувачите денес се исклучително информирани. Тие имаат информации за одреден производ уште пред тој воопшто да пристигне на нашиот пазар. Порано продавачките во парфимериите беа главниот извор на информации и совети за тоа што е ново и популарно, а денес ситуацијата е обратна. Купувачите се тие што знаат сè за производот, читаат рецензии и се добро информирани. Благодарение на социјалните мрежи, сите сме побрзо поврзани и размената на трендови, новитети и информации е огромна, можеби дури и преголема, што понекогаш создава заситеност и недоверба.
Публиката денес сè повеќе бара автентичност и содржини од секојдневниот живот. Дали класичните кампањи за убавина полека им отстапуваат место на искрените препораки и дигиталната содржина?
Класичните кампањи за убавина секогаш ќе постојат, но се согласувам дека постепено им отстапуваат место на нови форми на претставување. Луксузните брендови денес организираат работилници, тематски дружења, едукативни настани и ексклузивни средби за своите лојални купувачи. Се создаваат помали кругови на влијание каде што купувачите можат да го доживеат брендот во поинакво опкружување и да ја создадат својата рутина со персонализирани совети, надвор од традиционалното продажно место. Таквите настани се наменети и за создавање содржина, каде секој креатор може да ја претстави сопствената визија за брендот и своето искуство. Токму таквата содржина од реалниот живот е многу попривлечна за публиката отколку класичната реклама. Кога производот ќе стане дел од нечија естетика и начин на живот, тогаш има многу поголемо влијание врз следбениците отколку традиционалното огласување.
Луксузните брендови за убавина денес им се обраќаат на сосема нови генерации потрошувачи. Како изгледа рамнотежата помеѓу престижот на брендот и потребата од современ дигитален пристап?
Точно е дека брендовите се обидуваат да го задржат својот престиж и ексклузивност, а истовремено да се приближат до помладата публика која пораснала со социјалните мрежи. За да постигнат рамнотежа, многу брендови се насочуваат кон соработки, привремени продажни простори, поврзување со познати личности, но и кон претставување на своите препознатливи производи во помали пакувања, како мал луксуз по подостапна цена. Сето тоа мора внимателно да се осмисли, бидејќи ако сте достапни за сите и насекаде, тешко е да се зачува чувството на луксуз. Затоа некои брендови намерно остануваат ексклузивни преку онлајн продажба или многу внимателно избираат со кои продажни места ќе соработуваат.





