Под мотото „И родовиот идентитет е важен!“ по повод 31-ви март Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица, „ТрансФорма“ иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија, испраќа пораки дека трансродовите лица постојат, живеат и се дел од ова општество.
За таа цел ТрансФорма и Медуза подготвија видео со приказни на трансродовите луѓе кое може да се погледне на линкот.
„Денес го одбележуваме денот на видливоста на трансродовите луѓе, кога глобално се прославува трансродовото постоењето и борба. Сепак, кај нас, тешко е да се зборува за видливост, кога трансродовите личности се најчесто невидливи, отфрлени и дискриминирани од најблиската околина, во образовниот процес, здравствените, правните и останатите институции. Тешко е да се зборува за видливост кога не е безбедно да излезеш пред камера и да раскажеш за својата реалност, во свое име. Секоја трансродова личност во себе носи приказни кои вреди да се слушнат и има лице кое вреди да се види. Во свое време. Овој 31 Март, слушнете ги приказните на трансродовите луѓе и придружете се во борбата за видливост. Видеото е во соработка на Медуза и ТрансФормА – Иницијатива за правата на трансродовите лица и Stonewall од Велика Британија“, велат во својата објава Медуза и ТрансФорма.
Активностите на ТрансФормА се реализирани во рамки на проектот „Protection and Promotion of Sexual and Health Rights of Marginalized Communities“, кој е во реализација на Коалиција Маргини, а е финансиски поддржан од страна на Open Society Foundations и Фондација Отворено општество – Македонија.