Неодамна сретнав една моја, многу драга личност, пријателка на мојата мајка, за која ме врзуваат преубави спомени од детството. Се немавме видено одамна и по прекрасниот разговор, на крај ме поздрави: „Гледаш Ружица не е толку страшно да си распуштеница!“ Јас негувам огромна љубов и почит за оваа жена, но нејзините зборови ме натераа да се запрашам, дали животот на секоја жена, постојано е дефиниран од некоја нејзина улога што и ја наметнува општеството или средината во која живее.
Од раѓање сме ќерка на тој и тој, одлична ученичка, професор и е оној, не работи нигде џаболебарка, келнерка без факултет. Па потоа следува девојка е на тој и тој, се омажи за еден го знаеш, поранешна жена му е, секретарка му е, швалерка му е….Нема крај. Буквално нема крај. Дали целиот терет на оваа мала земја треба да го носиме ние жените на грб? Дали нашиот живот, нашето постоење, единствено има смисла, ако се поврзува со некоја титула, етикета, релација?
Решив да тргнам од себе, да расчистам сама со себе, која сум јас, освен што сум ќерка на Мирко Максимовски, мајка на три деца, нечија поранешна жена, претпоставена, сакана партнерка, другарка, соработничка… Кои се моите особини, желби, стравови, што треба да ме дефинираат? Која сум вистинската јас, која улога ја имам пред себе, ослободена од сè и секого. Кога мислев на минатото ме врзуваа само токсични односи и релации со луѓе, кога мислев на иднината бев заглавена во песимизам што го донесе светската епидемија на Ковид 19. Затоа повеќе од сè ми требаше да знам која сум јас сега, тука во моментов… Станував сè позбунета, ми беше јасно дека познавам човек што навлезе подлабоко, посака да дознае која сум јас позади сите тие улоги, но од друга страна сликата во мојата глава беше следна: ние подготвени, неподготвени, среќни, несреќни талкаме низ секојдневието, и премалку луѓе нè познаваат соголени и без ниедна етикета. Додека го размислував најесенцијалното прашање (која сум јас?) имаше моменти кога си викав ова е класична криза на средни години, се замислував дека следна фаза е јас, фарбана розева, растурам на Тик-Ток. Веднаш се прекорував и карав, истото го правиш и ти Ружица, препишуваш однесување на определена генерациска категорија жени, значи етикетираш.
Знаев дека мора да постои одговор, кои сме ние кога ќе останеме сами, растеретени, излезени од сите шаблони на однесување. Неколку дена ме мачеше темава, немав одговор и тогаш една домашна задача на мојот среден син, ми го даде одговорот што е најблизок до моето срце. Темата на задачата беше што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш и ви пренесувам дел од неговиот текст: „-Јас кога ќе пораснам сакам да бидам ветеринар. Малку сакам да бидам и војник или доктор. Сакам и да бидам професор. Премногу сакам да бидам добар човек, да му помагам на моето семејство. Сакам да им помагам на сите мои комшии и сите бездомни животни.“
Тогаш сфатив дека тоа е тоа! Единствено нашите дела треба да не дефинираат, етикетираат и најгласно да зборуваат за нас. Зашто тие се најголемата реалност, најголемата вистина за кој каков е и што носи во себе. Не можеме да избегаме од општествените улоги, од етикетирањето на околината, но можеме низ сите нив да се однесуваме достоиствено и храбро. Па така за себе одговорно тврдам дека кога ќе останам сама, најблиско и најреално до вистинската јас би било: „Јас сум една храбра будалетинка!“. И тоа ми е доволно…