Под поимот самоконтрола најчесто се подразбира способноста на поединецот да ги контролира своите желби и аспирации за долгорочно постигнување на значајни цели. Таа подразбира регулирање на сопствените постапки, мисли и емоции со цел да се одложи моментално наградување за сметка на подолгорочни и релативно потрајни награди. Истражувањата покажуваат дека самоконтролата на однесувањето почнува да се развива рано во животот. Ниските нивоа на самоконтрола во раните фази се докажано поврзани со низа тешкотии, како што се лоша концентрација, пониски академски постигнувања и вештини поврзани со академскиот успех во основното училиште. Од друга страна, високата самоконтрола почесто е поврзана со подобро приспособување на социјалните интеракции, подобри оценки на училиште и поголем успех во интерперсоналните односи. Многуте конструкти што ги опфаќа самоконтролата ја прават да биде повеќефакторијално условен и дефиниран концепт. Затоа, самоконтролата некогаш е синоним за термините како што се себерегулација, емоционална регулација, регулацијата на афектите, одложување на задоволството и самодисциплина.
Според некои автори, самоконтролата е клучот за морален развој, почнувајќи од раното детство. Во таа насока, еден од најпознатите психолози на минатиот век – Алберт Бандура – ќе нагласи дека моралниот развој најдобро може да се разбере ако се земе предвид комбинацијата на социјални и сознајни фактори, особено оние што ја вклучуваат самоконтролата. Според него, во развојот на моралната слика за себе поединците усвојуваат стандарди за тоа што е добро, а што лошо, кои им служат како насочувачи на однесувањето. Во таквиот саморегулирачки процес тие го набљудуваат однесувањето и условите во кои се јавува истото, донесуваат суд врз основа на моралните стандарди и ги регулираат активностите преку последиците што таквите активности ги имаат по нив самите. Поединецот постапува на начин што ќе му обезбеди задоволство од себеси и чувство на лична вредност. Воедно, се воздржува од однесување што ги нарушува неговите морални стандарди, бидејќи тоа ќе доведе до себеобвинување. Санкционирањето на сопствените постапки го одржува однесувањето во согласност со интернализираните стандарди. Според истиов автор, важен механизам на моралниот развој на детето е имитирање на однесувањето на возрасниот. Набљудувајќи го, детето го интернализира и го повторува моралното расудување и однесување манифестирано од страна на возрасниот модел. Како што овие набљудувања се зголемуваат во длабочина и дијапазон, детето присвојува покомплексни форми на морално мислење. Оттука, нивото на морално расудување на родителите го предвидува нивото на морално расудување на децата.
Развојот на самоконтролата и себерегулацијата почнува во раното детство и динамично продолжува низ средното детство (поточно, од осмата до десеттата година). Потоа, тие остануваат релативно стабилни, иако некои истражувања посочуваат дека нивниот развој може да трае во текот на целиот животен век. Развојот на овие две способности ја оформува суштината на позитивната дисциплина и позитивното родителство. Самоконтролата им овозможува на децата да соработуваат со другите, да ги интернализираат правилата, да се справат со фрустрации и да ги решаваат конфликтите на конструктивен и ненасилен начин. Исто така, таа им овозможува соодветно да ги изразат емоциите, но и ефикасно да се справат со интензивни негативни емоции и афективни состојби во кои ќе се најдат. Учењето и развојот на самоконтролата тече низ секојдневните ситуации, од миговите кога, на пример, доенчето на двегодишна возраст без прашање ја грабнува играчката на друго дете, кое веднаш почнува да плаче, по што и самото тоа заплакува, или кога малото девојче не дозволува да биде исчешлана итн. Притоа, родителот има клучна улога во надминувањето на состојбата на фрустрираност кај детето и надградувањето на неговата способност за самоконтрола, која тукушто почнала да се развива.
Самоконтролата се развива тогаш кога децата почнуваат да прават разлика помеѓу краткорочните и долгорочните цели и резултати. Со други зборови, кога ќе сфатат дека долгорочниот исход е поголем и поисплатлив, тие одлучуваат да го одложат задоволството, бидејќи тоа оди во прилог на нивниот најдобар интерес. Дел од истражувачите (на пример, Расел Беркли) откриле дека способноста да се изберат одложени награди се зголемува со возраста и достигнува плато во раните триесетти години од животот. Притоа, капацитетот да се избере идната цел е функција на префронталните лобуси на мозокот, кој бара посебен вид меморија што овозможува да се имаат предвид информациите за минатото и иднината, додека се изведуваат активностите потребни за постигнување на целта. Доенчињата и малите деца имаат релативно ниска самоконтрола, што е сосема разбирливо од аспект на нивните развојни достигнувања согласно возраста. Потребно е време и постепеност во развивањето на самоконтролата и себерегулацијата, што го следат усвојувањето на правилата на однесување и на општествените норми. Оттука, родителите треба да бидат квалитетно присутни во животот на детето и да бидат позитивен модел на однесување, потоа да бидат топли, срдечни и грижливи, навремено да ги препознаваат чувствата кај своето дете и да знаат како ефикасно да го смират и да го утешат, како и да даваат поддршка во овој ниту малку едноставен и брз процес. Во овој контекст, многу е важно родителите да му понудат можности на детето самото да одбира, но и да поставуваат јасни правила и прецизни барања што ќе бидат придружени со соодветни објаснувања.
Меѓу најважните нешта поврзани со самоконтролата што детето треба да ги усоврши е да научи да почека и да биде трпеливо. Колку детето е помало, толку помалку може да им одолее на желбите и настојува (некогаш мошне бурно и јавно) да ги задоволи во истиот момент. Секако, тоа не е секогаш најдобриот пат кон развивање на висока самоконтрола. Оттука, родителите треба да умеат да проценат кога и како ќе ги задоволат желбите на детето на најсоодветен начин. Практиката покажува дека сигурната социоемоционална приврзаност меѓу децата и нивните родители ја зголемува способноста на детето да ги контролира импулсите и да ја развие самоконтролата. Кон ова се надоврзува и практикувањето на авторитативниот (демократски) стил на родителство, низ кој родителите ги учат своите деца на самоконтрола грижливо и конзистентно. Токму последниве две карактеристики на авторитативното родителство се клучни за детето да ги развие самоконтролата и себерегулацијата. Ова е така, од причина што тие им ги објаснуваат на своите деца причините зошто ги дисциплинираат на конкретниот начин. Авторитативните родители се обидуваат да ја моделираат самоконтролата и не користат методи на казнување или контрола, како што е случај во автократскиот стил на родителство.