Новите трендови околу кујните како значајно место во домот ни ги претставија од Ателје Проектинг.
Кујната доживува ренесанса во поглед на нејзиното користење, со популаризирање на нејзиното значење во домот сè повеќе се посветува внимание и од аспект на дизајн. Сигурните – неутрални комбинации сè повеќе им отстапуваат простор на впечатливи комбинации на бои и материјали. Најчесто се среќаваат отворен тип на кујни кои нудат комуникација и визуелно интегрирање со останатиот простор. Шанковите и островите се зоните за дружење, кои освен како дополнителна работна површина се и простор за краток пијалок или сервирање на храната. Актуелни се различни трендови, кои нудат најразлични инспирации и може да се вклопат во повеќе стилови. Како најдоминантни ги издвојуваме следните трендови:
ТЕМНИ БОИ
Иако белите кујни се секогаш сигурен избор, сè повеќе се популарни кујните во темни бои. Доколку сакате да оставите впечаток со смел стил, тогаш вистински избор е кујна во тегет, сива или црна боја. Често се користи и мермер или камен во антрацит боја, за работната плотна и облога на ѕидот. Вратничките на кујната најдобро изгледаат кога се изработени од медијапан во темна боја со мат завршница. Кујните кои целосно се во темна боја се посебно драматични и авангардни. Доколку сакате поуниверзален изглед, темната боја на елементите може да се разбие со работна плоча и ѕидна обработка во светла боја или дрво.
МЕРМЕР
Мермерот т.е. композитен материјал со дизајн на мермер последните неколку сезони е многу актуелен во уредувањето на кујни. Со неговата примена се додава доза на луксуз и елеганција во кујната. Најчесто се среќава мермер во бела боја и тоа како обработка на ѕидот наместо плочки, како работна плоча, а најефектен е кога целиот остров или шанк е изработен од овој материјал. Мермерот во црна или сива боја се користи најчесто дозирано- како акцент во просторот.
ДРВО
Дрвото, т.е. дрвениот фурнир кој најчесто се користи при изработка на кујните редовно се среќава во трендовите. Тоа што секоја сезона варира е типот, нијансата на дрво и завршниците (дали се мазни, со текстура,сјајни и сл.). Во моментот во тренд се кујни со дрво во светла боја, со природен „натур“ изглед. Во зависност од просторот се дизајнираат и кујни со елементи во комбинација на боја и дрво со цел да се избегнат големи површини со дрво.
НЕОЧЕКУВАНИ БОИ
Примената на боја во кујната е за најуникатните и најчесто млади луѓе. Актуелни се пастелни бои како сина, розова, тиркизна и резеда. Но во тренд се и јаки тонови на сина, жолта и зелена боја. За успешна примена на овие бои во кујната, треба да се избалансираат со работна плоча, плочки на ѕидовите и подот во неутрални бои и материјали. Пастелните бои убаво се комбинираат со светли типови на дрво, а исто така се применуваат и во кујните со ретро дизајн.
РЕТРО
Кујните со ретро елементи изгледаат секогаш забавно доколку се стилски добро вклопени со остатокот од просторот. Не е неопходно кујната да изгледа комплетно како од минатото, помодерен изглед се постигнува со еклектичен спој на материјали и бои. Ефектот може да се постигне со избор на плочки со ретро дизајн, рачки и оков со специфичен дизајн, чешма, хауба за аспиратор, па дури и фрижидер со ретро дизајн. Со детали и декорација може да се надополни посакуваниот изглед. Рачки, чешми и други метални завршници во златна или бакарна обработка се актуелен тренд кој додава автентичност на кујната.