Филипинското издание на магазинот „Вог“ ја откри 106 годишната Апо Ванг-Од на насловната страница на априлското издание и со тоа тату артистката стана најстарата личност која некогаш се нашла на насловна на „Вог“. Ванг-Од која е позната и како Мариа Огај, техниката за тетовирање ја научила во тинејџерските години од татко и, а живее во селото Бускалан на Филипини.
Станува збор за жена која веќе со децении им ги пренесува своите вештини на помладите генерации, но луѓето се пред сè фасцинирани од фотографиите кои ги потпишува Арту Непомуцено, како и тоа што „Вог“ одлучил токму неа да ја стави на насловната страница.
На Инстаграм профилот на филипинскиот „Вог“, фотографијата доба повеќе од 300.000 лајкови и над 4.000 коментари.
„Таа ја симболизира силата и убавината на филипинскиот дух. Таа е последната тату мајсторка на својата генерација и ги истетовирала симболите на племето Калинга на илјадници луѓе кои го посетиле Бускалан“, напишаа од „Вог“ во објавата и издвоија еден нејзин цитат.
„Кога ќе дојдат посетители од далечните земји, јас со задоволство им тетовирам обележја од Бускалан и Калинга. Ќе го правам тоа додека сум жива“, изјавила Апо за магазинот.
Насловната страница на новото издание на филипинскиот Вог стана огромен хит на социјалните мрежи, а некои дури ја прогласија за најдобра насловна страница на сите времиња.