Зоки Бејбе е вистински пионер на македонската клупска сцена, култен диџеј, музички новинар, но и прекрасен соработник, вљубеник во добра храна, позитивни луѓе со отворен ум и креативна мисла. Повеќе од 25 години е дел од македонскиот ноќен живот и секогаш дава несебична поддршка на сите нови луѓе кои сакаат да работат и да творат.
Со години сте синоним за добра музика, но и сериозен музички новинар со широки познавања и големо искуство од клабинг-сцената. Што беше пресудно да ја изберете музиката за ваша животна професија?
Во моето детство неколку работи имаа клучна улога во мојата љубов кон музиката. Радиото е првата, кое постојано емитуваше добра музика. Слушав сѐ, од поп до сите други музички форми што се емитуваа на трите канали на македонското радио. Бев вљубен во музичките програми на телевизија и сеопфатно бев страстен околу сѐ што подразбира музичко шоу. Истовремено, моите родители имаа навика да слушаме плочи и купуваме редовно во тогашните плочари кои ги сакав повеќе од кој било јавен простор. Кога ќе кажеше татко ми утре одиме во „Југотон“ јас не спиев од среќа. Прво, во 1991 година станав радиоводител и уредник на емисии во првото приватно радио Канал 4, па потоа во 1993 година почнав со работа во Канал 103 од неговото оформување и неговата прва редакција. Потоа следуваше мојата телевизиска емисија „Поплава“ на А1 телевизија и за да можат младите читатели поубаво да разберат, тоа беше магазин што се емитуваше на национална телевизија пред интернет-ерата. Нешто како сега да правите емисија што оди и на „Инстаграм“ и на „Тикток“ заедно. Популарноста не само на мојата емисија туку и на сите други по концепт различни музички програми беа меѓу најгледаните воопшто во ТВ-етерот. Во мојата емисија ја третирав клупската култура, буквално од првата журка што се случи во Македонија. Пред тоа ги покривав сите алтернативни настани, како работата и првиот фестивал на Канал 103 или документарецот за легендарниот „Т фестивал“. Во 1996 година се отвори клубот „Дали“ и на инсистирање на моите другари и другарки станав диџеј. Тие сакаа музиката што ја колекционирав на винили и цедеа да ја слушаат во клуб. И така веќе 25 години мојот живот е журка овде, но и по светот.
Последнава година сте автор на емисијата „Прва убава работа во денот“, каде што сте домаќин на голем број артисти, културни работници и врвни имиња од различни области. Како се роди овој прекрасен проект и каков одѕив имате од вашата публика?
Со Зија Вишко сме најдобри другари, но и колеги од радио. Од моментот кога првпат работевме заедно на радио, јас не ни можев да замислам да прозборам во емисија, а тој да не е со мене. Тој е одличен продуцент, дискофил и диџеј, покрај тоа што знае да каже дека научил многу од мене, јас би рекол дека заедно научивме многу повеќе, а нашето дружење исто така созреваше со сите убавини и, нормално, курцшлуси, кои се природна работа за луѓе кои се повеќе од две декади речиси секојдневно заедно и во добро и во лошо. Кога се случи пандемијата јас останав сосем без приходи, бидејќи клубовите и баровите се затворија, а тој исто мораше да ги затвори двата локала „Радио Бар“ и клубот „12 12“. Вишко секогаш ме прашуваше кога ќе правиме нешто заедно на музичкото радио на интернет, кое е составен дел од „Радио Бар“. Една карантинска ноќ на камера секој дома, тој предложи да правиме нешто што ќе ми донесе, пред сè, мене некаков приход со кој би можел буквално да преживеам во пандемијата. Незаборавен другарски гест! Снимив дома демо и кога си го слушнав гласот по 11 години пауза од радио, толку се потресов што мислам дека ги исплакав сите неправди поради кои бев оддалечен од она што знам да го правам многу добро. Јас на радио и, за среќа, во диџеј-кабината не сум можеби најдобриот, но секако и секогаш поинаков од сѐ друго. По толку години поминати во работа, самоуверено знам колку е тоа мој најсилен момент што ме тера да се менувам и да се визионирам секогаш кон она што е најново во електронската музика. Никогаш не се натпреварував со никој освен сам со себе и тоа каде сакам да се видам следно, а тоа да биде територија што никој не ја згазил пред мене, да ми простите на еготрипов. Во пресрет ни излегоа пријателите од компанијата „Гемак“ со кои и двајцата имавме позитивно искуства. Емисијата требаше да биде музичка, но во последен момент, речиси неколку дена пред емитувањето на пилотот, кој се совпадна со петтиот роденден на „Радио Бар“, сфатив дека морам да направам нешто што ќе инспирира и ќе поттикне позитивни емоции кај слушателите во време кога стравот оправдан од корона-вирусот беше неподнослив за трпење. Тоа беше време кога голем број семејства изгубија блиски и кога бројките на починати беа очајно големи. Од тие причини го сменив концептот, зашто сите гости се убав пример за тоа како можеш да дејствуваш прогресивно во својот град и да задржиш бескомпромисен начин на живот, со она што им претставува страст и љубов, а станало со едукација и талент животна професија. Со години на радио бев тој што раскажуваше, сега уживам да бидам љубопитен и да ги поставувам прашањата на нашите гости со вистински интерес, отворен да дознам или да сознам низ нивните одговори и нешто што нам и нашите слушатели ќе нè инспирира. Се сетив колку уживав како гостин во емисијата „60 минути“ со Соња Исмаил, која се емитуваше на Канал 103, емисија чијшто концепт го преземав, а многу ми недостигаше за слушање кога престана да се емитува. Во „Прва убава работа во денот“ имаме среќа и чест да ни гостуваат личности кои секако ќе бидат запаметени по нивната квалитетна работа, но и влијанието што го има личноста врз светското препознавање на овој град како метропола.
Велат дека за квалитетно живеење секој од нас треба да бара баланс во себе, во своето творење и дејствување. Кој или што е вашиот животен баланс?
Начинот на кој моите родители и неколкумина блиски пријатели гледаат на животот е нешто што ме вади од некаков дисбаланс. Како дете, моја главна детска фантазија беше дека еден ден, кога ќе пораснам, ќе бидам некој толку популарен и почитуван што сите ќе го сакаат. Затоа и многу напорно работев сѐ што правам да биде ново, врвно, квалитетно и невидено. Денес знам дека не мора секој да те сака, но дека е битно за секој, пред сѐ, поради човечките квалитети, да те почитува. Исто така, научив и дека самопочитта е ѕид за секој што од злоба или непрокопсаност ќе покаже непочитување. За мене е лесно, сè што правам од љубов, се враќа со љубов.
Пасиониран љубител сте на лонгборд и тој е дел од вашето секојдневие со години. Има ли подобрување на градската инфраструктура, дали е возможно непречено да се движите без пречки?
Лонгбордот ме спаси од локалните тривијалности и баналности на животот по 35 година, нешто што по природа на мојата работа и личност ама ич не морам да го живеам. Дојде во време кога ми требаше возрасните да ги одморам, кога ќе можам да бидам буквално дете кое си игра на улица. Така и ќе остане!
Викендите повторно ви се резервирани за настапи и добра забава. Како изгледа подготовката за еден сет? Колку местото на забавата има влијание на составувањето на плеј-листата?
Многу се радувам на настапите по пандемијата. За мене ништо не е исто, имав време да согледам што сакам понатаму и релаксирано од позиција на задоволен со сѐ постигнато, си зададов нови цели. Пред сѐ, тоа е многу внимателен однос кон новата млада публика, која е постпандемична и која, за жал, пропушти дел од својата највозбудлива младост под рестрикции. Таа средба за мене е целосен рестарт и ми дава шанса да ги запознам и со музичкиот багаж, кој е многу популарен кај нив, а бил дел од моите сетови во 90-тите години, но истовремено да ги преточам со сосема нова продукција. Морам да признам дека сцената вака шарена со повеќе генерации диџеи, интерес за разни жанрови и меѓусебно дружење, ме потсетува на ентузијазмот што го имав кога почнував со диџејство. Не можам да престанам да се радувам на секој следен настап како да е најбитен во животот.
Често изјавувате дека сте вистински вљубен во Скопје, вашиот роден град. Кои ритуали, навики, места се ваши омилени?
Не, јас не сум толку многу вљубен во Скопје колку што сакам и сѐ што правам е сите други да се среќни и горди на нашиот град. Најдов еден мотив да го сакам Скопје, а тоа е да живеам во него онака како што би ми позавидел кој било што доаѓа од друга голема метропола, особено Берлин или Њујорк. Го живеам градот како никој никогаш да не помислил да се исели од него. Скопје за мене секогаш ќе биде кул! Конечно, нашата електронска сцена е нешто што од почетокот живее на исто рамниште како која било сцена во светот, македонските диџеи, продуценти и промотори се буквално на рамниште со секој колега од која било страна на светот. Една област што никогаш не била инфериорна кон ниту една друга средина на што сум многу горд. Инаку, искрено би сакал да можам да бидам жител на повеќе светски градови, а да го посетувам Скопје и мојот дом. Тоа е мојот нов сон, но и цел.