Самоуверена, достоинствена, еднаква е жената во деловниот свет на компанијата „Алкалоид“. Како компанија која секогаш на прво место ги става вработените, овој 8 март, Меѓународниот ден на жената, „Алкалоид“ докажува дека е деловна средина во која се цени еднаквоста и се препознаваат вредностите на кадрите независно од полот.
Алкалоид како компанија во која над 60 проценти од вработените се жени, во која еднаквоста на вработените е независна од полот и е дел од деловната култура на компанијата, децении наназад, почнува кампања за подигнување на свеста за еднаквоста на жената во деловниот свет. Базата на „Алкалоид“ АД во Скопје брои 1.832 вработени, од кои 1.127 се жени. Мотото на кампањата „Самоуверена, достоинствена, еднаква“, е за сите жени кои одлучуваат да се борат против предрасудите, се борат за родова еднаквост и успеваат во деловната средина поради своите способности и квалитетот на работата.
Четири жени на од компанијата одлучија да ја споделат својата професионална, но и лична приказна. Тие повикаа свои колешки и пријателки да споделат сопствени искуства од начинот на кој се соочуваат со предизвиците и се справуваат со рушењето предрасуди и комплексности од своето секојдневие. Секоја од овие жени е самоуверена, достоинствена, повеќе од еднаква!
Само со високи критериуми кон нови, повисоки достигнувања
Маја Стефкова
Менаџерка за истражување, развој и регистрации во сегментот Билкарство
Уште за време на студиите на Фармацевтскиот факултет, моја најголема желба беше да работам во „Алкалоид“. Така и се случи. Умешноста на селектирање и на креирање нови формулации за брендот Good Nature се дел од моето секојдневие, во кое несебично ги вложив своето знаење, искуство и експертиза. Креативноста и размената на идеи во компанија во која над 60 % од вработените се жени се катализатор на продуктивноста и на иновативноста во процесите. Поставените високи критериуми ме водеа напред кон нови, повисоки достигнувања. Во сите мои деловни потфати моја најголема поддршка е моето семејство.
Секој ден е нов предизвик, а мојата цел е да направам позитивна разлика
Теодора Јолакоска
Референтка за бизнис-планирање, контрола и известување
На работното место секое утро доаѓам со позитивен став и со огромна желба да научам некоја нова вештина или да совладам нов предизвик. Во динамичното работно опкружување учам од искуството на другите, а како рамноправен член на тимот секогаш се трудам со својот придонес да направам позитивна разлика. Жената во бизнис–заедницата повеќе не е тема која предизвикува сомнежи. Жената во бизнис–заедницата покажа знаење и достоинство храбро да се соочи со предизвикот на рушење предрасуди.
Одговорна, самоуверена и повеќе од еднаква!
д-р Сандра Чомовска-Мадевска
Раководителка на Одделот за глобална фармаковигиланца
Комплексната проблематика на мојот делокруг на работење бара следење на најновите достигнувања во медицината и нивна примена во развојот на производното портфолио на „Алкалоид“. Излегувањето од зоната на комфорот и соочувањето со ситуациите во кои треба да застанам исправено, да поместам граници и да покажам став се дел од моето секојдневие. Вербата во себе, вложувањето во сопствениот напредок, истрајноста, посветеноста и можноста деловно да се надоградувам во средина во која се ценат моите способности му даваат тежина на секој епитет кој го носи жената денес, не само како колега туку и како мајка, сопруга, ќерка, пријателка…
Фокус, дисциплина, посветеност и упорност
Маја Лазарова
Раководителка на Одделот за пакување лекови во ПЦ Фармација
Прецизноста, концентрацијата и дисциплината се главните одлики на мојот работен ден. За мојата работа потребен е максимален фокус и цврста желба за приспособување на динамичното секојдневие. Научив дека пред секој предизвик мора да застанам одлучно, а посветеноста и упорноста се максимите кои ме водат напред. Успеав да ги сплотам големината на својата улога во семејството и одговорноста во средината во која работам. Големината на својата мисла и на сопствениот глас во целина која ме прави повеќе од еднаква!