Протестен марш од 15:00 часот ќе се одржи на Меѓународниот ден на жената организиран од Платформата за родова еднаквост.
„Маршот се одржува за заеднички да упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни, кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит и живееме под закана од насилство и системска дискриминација. Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба и сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме интитуциите МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања. Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство.
Бараме кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции“, се вели во описот за одржувањето на маршот.
Маршот ќе започне во 15:00 часот пред МВР (ул. Димче Мирчев бр.9, главен влез), а ќе заврши во Парк Жена Борец.
„И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите. Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно. Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи држава што не постапува, е држава што силува! Ве повикуваме да се облечете целосно во црно, како израз на гнев и револт. Маршот е организиран од Платформата за родова еднаквост и ќе ќе ги почитува протоколите за безбедност.Ќе носиме маски и држиме дистанца, а адекватен број на редари ќе се погрижат тоа да биде така од почеток до крај на маршот“, велат организаторите.