Огнен Бражански 28 години е дел од македонскиот кајакарски спорт, чии квалитети се препознаени глобално, што го докажува неговиот ангажман како тренер во Интернационалната кајак федерација. Тој е дипломиран спортски тренер, основач на фитнес клубот „Фитнес Револуција“, а негова специјалност е основна подготовка на врвни спортисти, сила и кондиција. Тој со нас ги сподели неговите здрави навики, кои секојдневно ги ужива и практикува.
Водно
Секој втор ден сум на Водно. Два пати неделно со велосипед, гледам да “испедлам” до средно Водно, па потоа да фатам жичара надоле неколку возења, исто така еднаш до два пати неделно пешки, ќе се паркирам на паркингот на средно со автомобил, ќерка ми на грб во ранец и до Крст нагоре. Мислам дека Водно ни е непроценливо, имаме планина во двор!
Исхрана
Не се придржувам целосно на здрава исхрана, да не се лажеме, но гледам на неделно ниво да бидам коректен спрема своето тело во однос на што ќе внесам во него. Имам една „финта” која се вика intermittent fasting, како здрава навика, поентата е да се јаде во одредена временска рамка во 24 часа. Со други зборови НЕ појадувам. Храната генерално може да биде “гориво” ама и “отров”, така да наутро, работните обврски и една физичка активност ги извршувам на празен стомак.
Истегнување
Пред 20 години гледав видео со еден шаолин монк, имаше 80 плус години и мислам дека како од гума да беше направен, нереално. Растегливоста е моторичка способност која меѓу првите почнува да ни слабее со годините, така да поентата е да се вежба. Секое сабајле утрото го почнувам со истегнување до 15-20 мин (со Германката) и после висам на“fingerboard”.
Вежбање
Коа ќе ме прашаат дали вежбаш, мојот одговор е следен: -Во неделата сум на Водно 3-4 пати, еднаш качувам карпи со јажиња, еднаш до два пати неделно на пинг пон, значи тоа ако се смета дека се активности, за вежбање велам НЕ. Зошто кај нас има некое мислење дека ако не влезеш во вежбална не се брои, инаку вежбам и во вежбална, 2-3 пати во неделата ама многу кратко 20-30 минути, ефективно.
Градски велосипед
Скопје е град кој е создаден за велосипед, имам еден сега“single speed” пребрз е. Стар е, го оставам каде сакам, сегде стигам најбрзо, не чекам гужви, трошам некоја калорија, не загадувам и секаде е паркингот е слободен.