Кога ни се јавија од Олимпиа моторс аутлет за да работиме заедно на една многу интересна кампања, помислив дека тоа е знак од универзумот. Имено, кампањата има цел да се подигне свеста за предностите и предизвиците поврзани со користењето и купувањето на електрични возила, преку нашето, односно моето искуство од користење е-возило. Сега, велам дека токму ова беше некаков знак, затоа што неколку месеци непрестајно бев во потрага по ново возило, но искрено немав намера тоа да биде електрично возило.
Иако бев свесна за важноста на возилата на електричен погон, за потребата за подигнување на колективната свест за заштита на животната средина и бев запознаена со европската иницијатива преку која во земјите од Европската унија се побарува да се забрани продажбата на традиционални возила (до 2035 година) на бензин и дизел и да се премине кон возила на електричен погон, сепак имав неколку лаички предрасуди во врска со електричните возила поради кои тие не беа на мојот список на желби. Прво, мислев дека процесот на полнење е многу сложен и треба некоја огромна способност. Второ, мислев дека во нашиот град има три-четири полначи, кои ќе бидат распределени на тешко достапни локации (читај: ќе бараат вештина за паркирање), а мислев и дека ценовно се многу поскапи од другите. Исто така, знаејќи го мојот динамичен начин на живот и времето што го поминувам во возило, со три деца, професија што е поврзана со мобилност и постојано движење, не бев сигурна дали нешто што има батерија може да ги задоволи моите потреби. Но, ми се докажа спротивното, за што сум многу среќна!
Кога го земав возилото „фиат 500e“, што имаше најфраерски дизајн, беше модерно и слатко во исто време, веднаш бев фасцинирана од тоа колку е тивко, речиси бесшумно, а сепак премногу моќно. Веднаш ме облеа чувство на гордост. Тоа е она чувство кога знаеш дека си направил еден чекор напред во тоа да си подобар, посвесен, поодговорен жител на светот. Во облачните есенски и студените зимски денови, кога ударна вест е индексот на загаденост на воздухот, чувството дека ти како единка си направил правилен избор е прекрасно. Сите мои предрасуди исчезнаа во еден ден. Полнењето беше наједноставната и најлесната работа, како да вклучуваш во струја кој било друг електричен уред. Користев мапа за лесно лоцирање на местата со поставени електрични полначи овозможена од специјализирана апликација. Користејќи ја, дознав дека има многу повеќе станици за електрично полнење од што мислев, а и процесот на полнење не ми го менуваше текот на другите обврски, односно секогаш наоѓав полнач во близина на мојата канцеларија, каде што пиев кафе, каде што пазарував и слично. Кога за неколку дена веќе беше потребно да го наполнам резервоарот на моето возило, за сериозен паричен износ, ја видов и економичната страна на мојот избор. Трошоците за полнење на електричниот автомобил беа несомнено пониски од трошоците за полнењето на мојот претходен традиционален автомобил.
Во втората недела од возењето на е-возилото, ме изненади иницијативата на ЕВН. Тие реализирале проект со кој сите паркинг-места со поставени полначи се обележани во темнозелена боја, со што секое паркинг-место е добро обележано и се намалува ризикот да се паркира друго возило што не работи на електричен погон. Во однос на автомобилот и неговите можности, возењето 260 километри со наполнет мотор ми беше сосема доволно за секојдневните потреби, без да се грижам за трошоците. Морам да напоменам дека и моделот на автомобилот ми беше вистинско освежување во моето секојдневие, со идеална големина, соодветен да се паркира на многу повеќе паркинг-места од што бев навикната. Тоа е она што му е потребно на секој деловен човек – мало, компактно возило што може лесно да се движи низ градот и да се паркира буквално секаде каде што постои можност.
Сметам дека брзиот технолошки развој за многу краток временски период ќе направи вистинска еколошка револуција, перформансите на електричните автомобили од година во година се зголемуваат, инфраструктурата на градовите што се стремат да се борат против загадувањето ќе мора да се подобрува и да се прават услови за полнење насекаде. Иновативните модели што се нудат на пазарот покажуваат дека изборот да имаш електричен автомобил во денешно време е избор да си дел од борбата за подобра иднина. Токму затоа сметам дека и кај нас е потребно постојано и гласно да се зборува за предностите на овие автомобили, за можноста да се заштеди преку ниските трошоци, а во исто време да се биде дел од една поголема слика, слика на освестено општество со совесни и одговорни единки, кои се грижат да ја зачуваат животната средина.
Според мене, електричните возила се прекрасна инвестиција, која ќе ви врати со многу повеќе придобивки од што мислите. Навременото инвестирање во електричен автомобил ви ја отвора вратата на поволностите, ги едуцира идните генерации и нѐ вози сите заедно до позелена иднина.