Речиси две третини од анкетирани ученици во средните училишта во Скопје сметаат дека има врсничко насилство во нивното училиште, а околу една третина биле жртви на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година, покажува истражување спроведено од Институтот за човекови права. Од декември 2021 до февруари 2022 биле анкетирани 995 ученици и 255 наставници за темата булинг, говор на омраза и дискриминација. И учениците и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспостранет на социјалните мрежи.
Според наодите од истражувањето мнозинството испитаници сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основно училиште. Во однос на полот, девојчињата за разлика од момчињата, сметаат дека врсничкото насилство е поприсутно во нивното училиште. Учениците сметаат дека говорот на омраза најчесто го има на социјалните мрежи и во изминатата година oколу една четвртина од нив биле изложени на некоја форма на говор на омраза.
Ова е само едно од истражувањата со поразителни резултати кое говори за различните форми на насилство кои демнат во училиштата. Непрепознавањето на насилството е честа појава во училиштата до степен што некои форми се и нормализирани помеѓу учениците. Елена Петровска од Коалиција Маргини, кои неодамна го реализираа јавниот форум „Родово-заснованото насилство во образованието“, вели дека според степенот на образование постојат различни механизми како да се пристапи во однос на препознавање на насилството.
„Во напредни земји постојат концепти за спречување на врсничкото и родово базираното насилство уште од најмали нозе. Уште од градинките се негуваат најбазични меѓусебни односи кои треба да го подготват патот за понатамошното основно и средно образование. Според нашите сознанија од педагози, психолози и стручен кадар, најчесто насилството не е препознаено помеѓу учениците. Тие не знаат за што се работи, таквото однесување е нормализирано дали како резултат на копирање или следење одредени матрици, семејни односи, врсничко однесување… Се случува и во училниците и во училишните дворови, но и во сајбер просторот. Нашето образование не е родово сензитивно, фали едукација на оваа тема. Сè уште имаме учебници и материјали кои ја поттикнуваат родовата нееднаквост, потоа има стереотипи и предрасуди од домот, не нуди образованието основни и афирмативни знаења за родовата еднаквост. А родовата еднаквост претставува превенција од насилство“.
Таа додава дека постои заинтересираност кај наставниот кадар за едукација и превенција, има наставници кои се запознаени и зборуваат за ова има и професионалци во стручните служби, но тоа е сведено на минимум.
„Време е да се вложат финансиски средства и инситуциите како МОН и Бирото за образование да направат стратегија и модели за превенција на родово базираното и врсничко насилство. Постојано се соочуваме со кратење на буџетите во образованието, а праксата на терен покажува дека има заинтересираност помеѓу учениците и помеѓу наставниците да се спроведе едукација за ова прашање. Потребата е неминовна и бројките на жртви на дискриминација, говор на омраза и булинг се сè поголеми. Има голем проблем со спроведувањето на меките политики кои ги имаме како држава. Голем број од децата не се ни свесни дека вршат насилство, а не можам да не ги споменам и родителите кои треба да покажат поголема свесност за родовата еднаквост и дека насилството не е нормална појава. Од друга страна имаме и родители кои не знаат каде да се обратат доколку децата им се жртви на насилство и самите се борат, без институционална поддршка, па најчесто ги отпишуваат децата од училиштето и ги преместуваат во друго. Ова особено се случува на родители чии деца се од ЛГБТИ заедницата и не можат да најдат решение, освен сами да се снаоѓаат.“, објаснува Петровска.
Сексуалното образование како едукативен модел за превенција од насилството
Според Мери Цветковска, проектна координаторка по сеопфатно сексуално образование и млади во „ХЕРА“, податоците од истражувањата покажуваат дека сексуалното образование има позитивно влијание врз животните вештини, самодовербата кај младите и носење одлуки, што се важен елемент за препознавање, превенирање и кажување гласно НЕ за насилството.
„Истото важи и за врсничкото насилство кое драстично опаѓа по воведувањето на овие содржини во училишниот курикулум. 1.120 милиони девојчиња ширум светот (малку повеќе од 1 од 10) искусиле принуден сексуален однос, принудни сексуални дејствија или други форми на насилство од интимен партнер. Во земјите каде што секусално образование е интегрирано во училиштата и наставните програми, податоците покажуваат дека младите чекаат подоцна возраст за да го имаат првиот сексуален однос; имаат помала стапка на тинејџерска бременост и абортуси; имаат повисоки стапки на употреба на контрацептивни средства; пријавиле помалку дискриминација врз основа за сексуалната ориентација и родови нееднаквости. Во 2020 година WHO, UNFPA BZga спроведоа преглед на 64 студии (вклучително и во Руската Федерација) кои вклучуваат над 87.000 млади луѓе, а преку која се потврдува позитивното влијание во училиштата каде што е препознаено сексуално образование. Студијата укажува на зголемена и ефикасна употреба на контрацепција (вклучувајќи кондоми) и намалени ризични сексуални искуства; Во Германија на пример, има значително зголемување на употреба на кондоми при првиот сексуален однос во последните три децении, што е во корелација со воведувањето и проширувањето на секусално образование во земјата. Студија од 2017 година на млади луѓе во Холандија, утврди дека бројот на млади кои имаат прво сексуално искуство на млада возраст – помеѓу 12 и 14 е намален во рок од 5 години. Важно е да се напомене дека млади луѓе кои почнуваат да имаат сексуални односи на многу рана возраст, почесто го прават тоа без дадена согласност, неретко се принудени на тој чин и најчесто имаат незаштитен секс“, објаснува Цветковска.
Потребата од ССО ја истакнува и Петровска велејќи дека е еден модел на едукација и треба конечно да почне да се практикува, бидејќи засега постои една дискрепанца помеѓу потребите на младите и тоа што го нудат училиштата.
„Резултатите од многуте истражувања се поразителни, а тоа е знак дека системот не функционира во вистинска насока. Училиштето мора да е безбедна средина за секој ученик, без разлика на неговото потекло, финансиска позадина, етничка припадност… особено кога живееме во едно хаотично време како сега. Да напоменам дека е потребно да се направат и нови истражувања за изворите на насилство, на булинг, на говор на омраза. Зошто едно дете тоа го прави, која е причината? Врз сите фактори можат да влијаат наставниците преку соодветен пристап теоретски и во пракса и има простор за многу работа, а не на тоа да се смета на нешто што не е сериозно за подоцна да има последици и трауми и кај жртвите и кај насилниците“, вели Петровска.
На новата веб страница од „ХЕРА“ посветена на сексуалното образование seksualnoobrazovanie.mk, може да се најде кои сѐ компоненти ги опфаќа ССО и што се учи на часовите по ССО, кој ги спроведува едукациите, според кои стандарди и искуства се спроведува програмата, од кога постои приказната во Македонија и кои се компаративните искуства на темата.
„Ќе најдете секција со митови и факти за ССО, младински активизам и најразлични креативни пристапи за комуникација на овие прашања од страна на младите. Најголемата заслуга за успехот на ССО во нашата држава ја имаат токму младите, врсничките едукатори и младите од ХЕРАмлади, па затоа нивните активности се најприсутни на страницата . Бурата од дезинформации, говор на омраза и лажни вести од одредена група на луѓе и антифеминистички групи може да се најголема закана за ССО, па за да не дозволиме црната пропаганда да ни ја одзеде оваа можност ССО да стане реалност и во нашата држава, важна е пред сѐ политичка волја и јасен став по ова прашање, како и гласна поддршка од страна на јавноста, родителите, наставниците, медиумите и сите поддржувачи“, вели Цветковска.