Петтата самостојна изложба на Нина Симовска под наслов “Inner warriors”/”Внатрешни Воини” ќе биде отворена на 10 јуни во „Котур“. Оваа серија на дигитални портрети започнува како идеја за време на карантинот во 2020 и е слика на внатрешните, длабоки емоции и борби на уметникот за време на социјалната изолација. Барајќи одговори таа создава едно свое „племе“ од ликови и карактери т.н. внатрешни воини кои се презентација на сите нејзини размислувања, емоции како страв, тага, осуда и сл.
Портретите се движат помеѓу реализам и илустрација, со забележително присуство на цветна контура која означува оптимизам, раѓање и нов почеток. Изложбата се заокружува како дневник и патепис на едно интимно доживување на уметникот кој во несекојдневни услови останува да зрачи светлина и да биде одговор, отпор и внатрешна борба во која секогаш ќе победи човештвото.
Нина Симовска која беше наша уметница на неделата (линк) стои позади дизајнерското студио „Јust Because“. Таа е дипломиран археолог на катедрата за Историја на Уметност при универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје. Со цртање започнува уште од најмала возраст, инспирирана најчесто од сликарските платна на татко ѝ. Во својот личен уметнички израз, Нина, е во потрага по своја сопствена естетика и личен печат најчесто барајќи го во несовршеноста на карактерите и портретите кои ги создава.
Таа сака да го предизвика набљудувачот да ги порепознае емоциите вткаени во лицата на нејзините „Внатрешни Воини“ како што таа сама ги нарекува.
Изложбата е од продажен карактер, а на неа ќе може да се купат и принтови во помал формат, дизајнирани маички и бандани по промотивна цена само за присутните гости