Од месецов омилените Lego коцки ја збогатија својата колекција за новиот прв ЛГБТИ сет наречен „Everyone Is Awesome“. Сетот содржи 364 делови и 11 фигури, секоја во посебна боја на виножитото, кое е инспирација за моделите.
„Сакав да направам модел кој ќе симболизира инклузивност и ќе ги слави сите, без разлика како се идентификуваат или кого сакаат. Во Lego делиме љубов и креативност како и само-експресија преку лего коцките, а овој сет е мојот начин да ја покажам мојата благодарност за инспирацијата и љубовта која секојдневно ја добивам“, изјави дизајнерот Метју Ештон.
Лего коцките се омилени на многумина без разлика на возраста и нивните сетови се најсаканите играчки од детството во многу домови.
„Со тоа што сега имаме ЛГТБИ-инклузивни играчки создава простор на многу фамилии да им покажат на нивните ЛГБТИ деца дека се сакани и прифатени. Растејќи во свет кој постојано ти кажува дека нешто „не е во ред“ со тебе може да доведе до големо чувство на срам, кое понатаму има долгтраен ефект на менталното и физичкото здравје“, изјави Џо Нелист од британската ЛГБТИ фондација за Си-ен-ен.
За време на пандемијата со Ковид-19, минатата година како резултат на карантинот, компанијата Lego имаше пораст на продажбата за 11 проценти односно 622 милиони долари. Овој „ Everyone Is Awesome“ сет е продолжение на трендот изминативе години кога неколку компании претставија инклузивни играчки, како Мател компанијата која во 2020 претстави две нови Барби кукли, една која нема коса и една со витилиго. Во 2019 истата компанија претстави посебна линија на кукли наречена „Creatable World“ со родово-инклузивни играчки.