Со песната „Идила“ која излезе денес, Каролина Гочева и Авалон продукција го најавија новиот албум, проект на кој работеа заедно Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски. Целиот албум ќе излезе наесен.
„Животот дојде таков да во моментов треба да си прилично глупав за да веруваш во иднина. Реално, ни сегашноста денес worldwide не е нешто wow… Затоа пак, сите ние имаме минато, минато со многу поубави отколку лоши моменти во него. Од тоа минато, најрафинираното македонско, произнесе новава песна на Каролина, Дуке и Исмаил. Нова, а доволно стара да го осетиме сите времето од кое излегла. Чисто, невино, перспективно, убаво. Повеќе од ова би било премногу да се каже. Уживајте во ‘Идила’“, напиша Бобан Милошевски во најавата на Фејсбук страницата на Авалон Продукција.
Гочева пред неколку дена објави дека албумот бил снимен на почетокот на оваа година, во јануари, додека идејата за истиот се родила уште во 2016, после нивниот прв заеднички настап, на еден концерт на Дуке.
„Избравме и преработивме 11 од најубавите македонски евергрини од 50ти, 60ти, 70ти години- златната ера на македонската музика, потпишани од некои од нашите најмаркантни автори Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица… Секако дека планираме и нестрпливо го чекаме денот кога со вас ќе се дружиме и во живо, што ќе се случи во прва прилика штом ќе може да се работи онака како што се работеше до пред појавата на пандемијата. Се надевам дека ќе уживате во овој проект толку колку што и ние уживавме во целиот процес на неговото создава“, објави Гочева.