Во потрагата по свежи и релативно неекспонирани техники за визуелно изразување Владислав Гавриловски вели дека инспирацијата за изработка на видеото за Скопје е „хајперлапс“ техниката пред сè бидејќи е недоволно искористена кај нас и второ зашто е долг и исцрпен процес со што проектот добива посебна вредност.
„Видеото од прилика се состои од 50.000 фотографии и сигурно уште толку кои не влегоа во финалната селекција при комплетирањето на истото. Речиси целата содржина се одвива навечер со цел да се избегнат несакани дистракции како гужви и сообраќај и да се долови магијата на ноќно Скопје“, вели авторот.
Владислав професионално се бави со видео, фотографија, монтажа, а од неодамна и со филм. Живее и твори во Скопје и е постојано во потрага по нови интересни перспективи на градот. Погледнете го видеото во прилог.