Стојам во кујна. 23:00 часот.
Втор пат во последните петнаесет минути сум пред отворениот фрижидер. Ја голтам храната без пауза, само уште малку од кашкавалот (мојата мисла). Се вртам, земам уште еден бисквит. Потоа кришка леб, без ништо на неа, само затоа што е ете таму.
Утрото се будам со чувство на вина што ме притиска уште пред да отворам очи. Истата приказна, па муабет сама со себе, си ветувам: денес ќе пазам. Или: денес одам на трака дополнителни 30 минути, да ги потрошам калориите од синоќа.
Колку честа сцена. Ова однесување го препознавав кај себе, но многу често го гледам и кај клиенти уште од првиот разговор.
Затоа сакав и токму со оваа тема да ја отворам колумната во Портрет магазин.
Јас сум Олга Дервенџи, сертифициран нутриционистички коуч и основач на REGULA. Работам по методологијата на Precision Nutrition, една од водечките едукации за исхрана и нутриционистички коучинг во светот.
Секои две недели тука ќе зборуваме за она што се случуваоколу храната: навиките, одлуките, средината и сите оние моменти во кои знаеме што треба, а сепак правиме нешто сосема друго.
Цел ден внимавам, навечер сум друга личност
Кога некој ми раскажува вакво сценарио, првата реакција најчесто е самообвинување: „Немам карактер.“ „Нешто не е во ред со мене.“
Реалноста често е поинаква. Ноќното прејадување може да биде резултат на ланец настани од претходниот ден, настани кои поединечно изгледаат безначајни, но заедно можат да нè одведат право до фрижидерот во полноќ.
Ланецот што води до фрижидерот
Кога го анализираме тој ден со клиент, многу често наоѓаме сличен образец: брз или прескокнат појадок, мал ручек за да не се претера, недоволно храна или оброци што не заситуваат доволно. Недоволниот внес на протеини и храна богата со влакна може дополнително да придонесе за тоа.
Ако телото преку ден не добило доволно, вечерта може да бара надомест, и тоа не бара тивко, е тогаш се случува бурата. Телото не заборава.
Полноќниот фрижидер не мора да има врска со карактерот, многу често доаѓа од премал внес наспроти реалната потреба.
Што помага
Прв чекор е да обрнеме внимание на тоа што се јаде преку ден, наместо веднаш да воведеме забрана за вечерно јадење.
Оброк со протеин наутро, може да помогне подолго да се чувствуваме сити. Ручек со зеленчук и извор на протеин, наместо само тестенини или ориз, исто така може да помогне оброкот подобро да засити.
Кај голем дел од клиентите со кои работам се потврдува: кога телото добива доволно преку ден, потребата за јадење доцна навечер значително се намалува.
Полноќниот фрижидер не е непријател, често е глас кој ве вика кога денот не му дал доволно порано.
За две недели: зошто скоро секој план за исхрана што некогаш сте го пробале завршил неуспешно, и тоа не е ваша вина.




