Изложбата се одржува во МКЦ од 26 октомври- 1 ноември, 2020.
Што е VITA?
Филип: “Vita” е мултимедијална изложба која го критикува објективизирањето на женското тело, односно како истото е објективизирано низ фотографии од првата половина на 20 век и ја истражува женственоста и комплексноста на човечката емоција. Проектот вклучува краток филм во режија на Филип Петковски, авторски фотографии на Жарко Чулиќ, како и фотографии направени од непознати фотографи од првата половина на 20 век. Имено, овие црно-бели фотографии се едни од најраните извори кои ја прикажуваат модата во тоа време, укажуваат на една поинаква естетика диктирана од социјалните норми на патријархалното општествено уредување и ни даваат една поинаква визија за концептот женственост.
Костимите на сликите се носии за невести или девојки од различни краеви на Македонија кои сопствениците рачно ги изработувале, а тој процес некогаш траел и до две години. Нивните одлики како техниката на везење, мотивите и боите прикажани во облековните елементи, материјалот од кои се изработени, како и начинот на украсување на главата и телото јасно укажуваат на нивната етничка припадност, социјален статус или економска состојба. Фасциниран од естетиката на секојдневието во тоа време, често пати се прашував за комплексноста на животите на претставените ликови во строгите патријархални средини во кои живееле.
Како настана идејата за ваков тип на изложба и обработка на оваа тема?
Прашањето од каде се јави потреба за „Vita”, е ефемерноста на фотографиите на жените во минатото и минливоста на емоцијата која ја носат со себе: Кои се овие жени? Каков век векувале? Каде биле и каде продолжиле по свечениот миг на фотографирање? Зошто никогаш не се насмеани? Биле ли малтретирани и тепани? Биле ли заљубени, среќни и задоволни од нивните животи? Биле ли исплашени за иднината?
Невозможноста да ги одговорам овие прашања беше и главниот мотив да се фокусирам на филмска драматизација која прикажува различни аспекти од сите оние емоционални состојби кои не можеме да ги видиме на црно-белите фотографии, а со тоа нѝ дозволуваат и на кратко да погледнеме во нивните животи. Во своето семиналното дело Камера Луцида: Осврт кон фотографијата, францускиот филозоф Роланд Бартс, кој нè оттргнува од семиотиката на бинарни опозиции пишува дека што и да му дава на нашиот призор и кој и да е нејзиниот пристап, фотографијата е секогаш невидлива и не е тоа што гледаме. Во случајот на „Vita”, мотивот е невидливоста на фотографијата, т.е. невозможноста да генерира комплексни теми како женственост, без притоа да се стереотипни проекции. Потребата да визуелизирам емоција доаѓа од одбивноста да женското тело биде прикажано како минлив субјект, а акцентот да е ставен на естетските особености на целосниот сетинг во кое тоа се наоѓа. Иако една од најраните идеи за видео портрети потекнува од делата на Енди Ворхол и неговите Screen Tests, конкретно за овој проект бев инспириран од видео портретите на режисерот Роберт Вилсон кој користи синтеза на неколку медиуми како кореографија, наратив, музика и вокали.
Концепт и режија: Филип Петковски
Камера и фотографија: Жарко Чулиќ
Монтажа: Кирил Манчевски
Дизајн: Ивана Мојсовска и Филип Петковски
Насловна фотографија: Филип Ѓорѓиоски
Учествуваат: Наталија Теодосиева, Ана Мојсовска, Слаѓана Вујошевиќ, Анастасија Данчевска, Мими Поп-Алексова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Долорес Поповиќ.
Костимите се дел од приватните колекции на Филип Петковски, Антонио Стојчески и Ване Наков. Огромна благодарност до МКЦ, Ивана Мојсовска, Антонио Стојчески и Ване Наков кои помогнаа при реализирањето на проектот.