Бернис Дапа од Гана ја започнала иницијативата „Велосипеди од бамбус во Гана“ за да се отворат повеќе работни места и да се намалат емисиите на јаглерод диоксид во воздухот . Повеќе од половината од вработените во иницијативата се жени, а за секој продаден велосипед, еден се донира на ученик за да може да стигне побрзо до училиште.
Бернис го нарекува бамбусот „чудесно растение“ бидејќи расте многу брзо и ги апсорбира емисиите од јаглерод диоксид. Бамбусот го има во изобилство во Гана, а возењете велосипед е одржливо средство за транспорт, па идејата на Бернис прераснала во производство кое прави доволно велосипеди дури и за извоз насекаде низ светот.
За секој исечен бамбус што е искористен за правење велосипед, од иницијативата садат десет нови. Бамбусот е поцврст од металот во смисла на цврстина на истегнување, поевтин е и поодржлив.
Но таа исто така им помага на жените од руралните средини да се вработат и на учениците да го остварат своето право на образование.
Поддршката за учениците Бернис ја добила од сопственото искуство кога како ученичка морала да пешачи по три часа секој ден за да стигне до училиште, а кога доцнела била и казнувана.
Од друга страна им се пружа можност на жените во руралните средини да научат да прават вакви велосипеди и со тоа се намалува невработеноста која во овие средини е доста висока.
Со промоција на културата на возење велосипед, Бернис вели дека се посветени на намалување на емисиите на јаглерод диоксид во транспортот и со тоа придонесуваат за остварување на целите на Обединетите нации за одржлив развој.
„Ја сакам идејата да се искористи бамбусот за да се промовира одржливо возење велосипед. Луѓето сакаат зелени идеи, енергетско ефикасна и одржлива иднина“, вели таа.
Извор: www.weforum.org