Матеја Николиќ е илустраторка од Скопје. Во 2018 година станала магистер инжинер архитект на Архитектонскиот факултет во Скопје. Иако нејзината работа вклучува илустрации направени со традиционални техники на цртање, таа е најмногу фокусирана на дигитална илустрација со големо внимание кон детали и визуелно раскажување. Во последните години е дел и од повеќе регионални и меѓународни изложби, каде освен изложување на своите дела таа се добила и неколку награди. Моментално работи како илустратор и графички дизајнер во креативно студио во Скопје, како и на повеќе лични и комерцијални проекти од областа на дизајнот и визуелните комуникаци.
Моите уметнички дела се олицетворение… на сè она на кое размислувам секојдневно. Најчесто тие се поврзани со моменталните случувања во мојот живот, книгите кои ги читам и нивната тематика, филмовите или сериите кои ги гледам и нивните приказни итн. Понекогаш знаат да бидати одговори на некаков проект и соработка со други уметници или клиенти, како и индивидуална истражувањa. Некои се и дела произлезени од разговор со луѓето кои ме опкружуваат и нивните приказни.
За еден уметник да твори е најважно… да знае што сака да постигне на со секој проект и никогаш да не престане да учи – дури и во процесот на изработка. Да биде издржан во својата замисла, но да дозволи процесот да го менува делото доколку истражувањето го води натаму.
Сакам да цртам илустрации бидејќи… сакам да видам како ќе изгледаат на хартија работите за кои секојдневно размислувам. Во најголемиот дел од времето нашите мозоци се бомбардирани од мисли и информации па знаат лесно да избегаат – идеите, размислите, опсервирањата.. Вака можам на некој начин да ги овековечам.
Инспирација и мотиви за сликање наоѓам во… сè и сите кои ме опкружуваат, како и сите информации кои бирам да ги ги видам, прочитам, истражам. Инспирацијата ја наоѓам и кај работата на други уметници или дизајнери, најчесто преку нивните начин на истржаување и работа.
Со уметност се занимавам од… дете, хаха. Се шалам, цртам од кога зборувам, но професионално со дизајн и илустрација се занимавам од средината на моите студии по архитектура – веќе 3-4 години.
Техниката што најчесто ја користам е… дигитална илустрација, моментално. Но пред да се префрлам на дигитална илустрација најчесто цртав во техника на мастило/туш, а кога работам со боја во акварел или моливи во боја.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добила… е дека не запирам и сум упорна. И дека сум талентирана, но сметам дека талентот од сè има најмала улога во овие ситуации J
А негативна… фека не запирам исто, хаха. Колку што е најдобрата работа, толку може и лошо да влијае. Секогаш треба да се прават паузи и други активности од цртање, да се даде време, за да можеш да ги гледаш проектите со свежи очи и од дистанца. Тоа знае да даде мала објективност, па следствено резултира со подобри проекти.
Најчесто се вели дека сликите говорат за внатрешните чувства на уметникот… И така е, но лично не сметам дека треба да бидат само тоа. Делата се претстава на една човекова и/или општествена состојба или наратив, која е само материјализирана преку гледиштата и искуствата на уметникот, добивајки вредност кога е ставена во контекст.
Изложбите се најголема можност на еден уметник да допре до поширока публика… Во денешно време има повеќе начини како да се допре до поширока публика, преку интернет, медиуми, социјални мрежи, онлајн платформи итн. Но изложбите се она место каде уметникот може физички да ја курира својата содржина, и со тоа да отелотвори мало парче простор. Тоа е незаменливо.
Индивидуалноста и креативноста на еден уметник најмногу доаѓаат до израз… кога доволно време ќе посвети на работење на себе и својот талент и техника. А доколку тоа е општо начинот на кој функционира и го аплицира и во секојдневниот живот – тогаш најлесно ќе го пронајде својот пат во сферата, својот визуелен јазик и интереси.