Васко Атанасоски е вокал, гитарист, басист, автор на текстовите, музиката, аранжманите, но за нас беше интересна неговата бунтовна страна и изразена индивидуалност.
„Bernays Propaganda“ е дел од светскиот, музички андерграунд повеќе од една деценија и зад вас стојат години макотрпна работа но и големи успеси. Задоволни ли сте од импактот што вашата музика го оствари со јавноста низ сиве овие години?
Можеби не сум толку задоволен колку што сум среќен со тоа што ни се случуваше и сè уште ни се случува со оваа група. Кога почнувавме пролетта 2006 ретки беа оние кои ни даваа шанса за светла иднина, но веќе наредната пролет работите околу нас почнаа да добиваат сосема поинаков тек. Отсекогаш нè краселе упорноста и самодовербата и токму поради тоа некои критичари па дури и непријатели нè прогласија за бесмртни и непобедливи. Секако, ние знаеме дека тоа не е вистина. Од друга страна убаво е чувството кога во Македонската рок енциклопедија сме еден од бендовите за кој се напишани најмногу страници, а воедно нè има и во екс-Ју рок енциклопедијата, списанието „Ролинг Стоун“ го прогласи нашиот деби албум за трет најбитен албум на подрачјето на таа екс-Ју од 1991 до 2015, бевме група, а денот на најголемото инди радио во светот KEXP од САД….иако сето тоа не значи ништо овде затоа што често едвај крпиме крај со крај и го преживуваме месецот. Ама, нели бевме панкери?
Неодамна излезе вашиот петти студиски албум „Втора младост, трета светска војна“ на кој има две електронски теми, но и делови карактеристични за филмовите на Емир Кустурица. Што означува овој албум лично за вас и си играте ли повторно со музичките стилови?
Музичките стилови никогаш нè ни значеле премногу и токму тој наш став некогаш знаеше да биде проклетство, а некогаш благослов. Музиката за мене е безбедно сончево место каде сè е во ред и таму најубаво се чувствувам. Негогаш за мене најлошиот концерт е подобар и од најдобриот ден. Инаку, тоа со делови карактеристични за филмовите на Кустурица го измислија нашите издавачи затоа што ретко кој слушнал надвор од Македонија за филмовите на Бранко Гапо.
Секогаш се залагате преку конструктивна критика да ги посочите неправдите, корупцијата и сè што не оддалечува од здраво, демократско општество. Каква „војна“ водите на последниот албум?
Учесници сме во војната која не ја започнавме ние, обичните мали луѓе. Војната ја почнаа економско-мафијашките елити со нивните платеници политичарите, судиите, полицајците… и тоа е војна против сите нас. А ние, како и сите кои се нападнати едноставно се браниме и се надеваме дека еден ден сето ова ќе заврши и сонцето повторно ќе изгрее за нас. Вистинските Македонци никогаш не напаѓаат први! Тешко ми е само кога таа борба ќе се префрли дома и ќе почнам да војувам со најблиските и најсаканите. Така знам дека таа битка е изгубена, па со тешки рани продолжувам во наредната и се молам војната да заврши што побрзо, секако со пораз на лошите…но секогаш со горчина поради залудно изгубените животи, разрушените куќи, растурените семејства, изгубениот мир и пропуштените животни шанси.
Вие создавате музика со идеологија, која секогаш испраќа многу сериозна порака. Сте имале ли посериозни проблеми поради вашата бунтовна креатива?
Поголеми проблеми имавме кога немавме шанса да го искажеме своето мислење. Инаку, бројни се притисоците кои се вршеа врз нас овие 13 години поради нашата бескомпромисна критика на власта уште кога тоа беше далеку од модерно и пред сите да станат активисти и револуционери. Имаше сè и сешто: закани за физичко повредување, ветување дека нема никогаш да јадеме леб овде, изјави дека сме се продале, сериозно мрзење и омаловажување на сè што сме направиле, тешко игнорирање кога сме имале најдобри плочи признаени од еминентни критичари ширум светот, но нели е тоа приказната на поголем дел на жителите/ките на Македонија така да немаме право да плачеме дека само на нас тоа ни се случувало. На крајот на денот никој нè не тера ова да го правиме со сила, а во оваа земја има многу подобри од нас, а и многу поголеми проблеми од нашите. Таков е животот, на крајот секогаш мора да се плати сметката.
Многу е ретко некој уметник да има толку јасни, непокорливи ставови, силно изразена индивидуалност и сè тоа одлично да го вметнува во својата работа. Забележувате делови од својата бунтовност кај вашата публика? Ветуваат ли новите генерации дека ја разбрале вашата борба?
Никогаш не сум се доживувал како пример за некого и секогаш сум се сметал како еден сосем обичен дечко од Македонија со сите позитивни и негативни страни на таа состојба. Често публиката е мојата инспирација. Секогаш ме интересирале приказните на луѓето кои доаѓаат на нашите концерти и ја слушаат нашата музика, и покрај тоа што тие ме гледале и слушале и јас сум ги гледал и слушал нив. Мислам дека сум на иста страна со сите тие луѓе кои никогаш за мене не биле само глави во толпата кои плаќаат карта за концерти и ги купуваат моите плочи, туку тоа секогаш се луѓе како мене и тебе, луѓе со свои животи, успеси и падови. Без тие луѓе јас сум една голема нула.
Низ вашата кариера сте биле на стотици настапи, турнеи и гостувања насекаде низ светот. Колку се разликува третманот на артисти од ваш калибар во светот за разлика од кај нас?
Не сме бенд кој бара некаков посебен третман затоа што сме скромни скопски деца. Без разлика дали настапуваме овде или некаде надвор ние сме секогаш некој кој доаѓа од Македонија. Разликата е во тоа што во Македонија сме биле секогаш повеќе популарни од останатите делови на светот, а реално Македонија е и нашата примарна цел, средина и инспирација. Од друга страна убаво е чувството кога поголем дел од нашите плочи ги слушаат луѓе кои не зборуваат македонски. 800 од своите 1000+ настапи сум ги отсвирел во странство и тоа некогаш ме правеше среќен, а денес ме прави ужасно тажен.
Четврт век сте музички гласноговорник како соло артист, преку „Хахаха“ и други бендови, па сè до „Bernays Propaganda“, се потпишувате како продуцент, автор на текстовите, музиката, вокал, гитарист и басист. Иако сите овие работи се тесно поврзани, имате ли некој дел што ви е омилен, во кој повеќе се пронаоѓате?
Дури на ова прашање разбирам дека ми персирате. Ве молам да прејдеме на ТИ. Фала 🙂 26 години сум дел од оваа приказна затоа што едноставно мајка ми Љубица и татко ми Бранко направиле уметник. Тоа е нешто што тотално ме опседнува уште од дете иако искрено мојата првобитна желба беше да бидам центарфор на ФК Вардар. Откако сфатив дека тоа нема никогаш да се случи се одлучив за резервната варијанта, независен уметник од Македонија, така да омиленото никогаш не ми се случи.
Твојот соло албум носи наслов „Пази куче“ и на него исто така имаш работено со неколку твои долгогодишни соработници. Како ги бираш соработниците и имаш ли во план некоја идна соработка која досега се нема остварено?
Мојот прв албум се вика „ПАЗИ КУЧЕ“, вториот „ЛЕБ И ЗАБИ“ а третиот на кој токму сега работам ќе се вика „ЗЛАТНИ ДЕЦА“. Секогаш ги канам моите пријатели да учествуваат во тој мој соло излет но најмногу соработувам со останатите 5-6 Васковци кои живеат во мојата глава и најчесто сите зборуваат и свират истовремено. Некогаш од сето тоа излегуваат песни, но најчесто излегуваат проблеми кобни по моето здравје и опасни по себе и околината. Можеби сум глупав и сиромашен ама и тоа за мене е среќа затоа што можеше да ме згази кола пред да ги снимам овие плочи или уште полошо, можев да се родам како политичар или банкар.
Од досегашните твои дела се гледа дека активно, со многу страст работиш на повеќе проекти, и на различни слоеви од музиката. Имаш ли некоја друга пасија, друга страст освен музиката што те исполнува и ти дава креативна сила?
Македонија, пишувањето, историјата, мистиката, фудбалскиот клуб Вардар и слушањето и обожавањето музика од други луѓе. Убаво ми е и кога ќе најдам нешто убаво во моите непријатели и ривали. Тоа ме смирува и ми дава надеж за утеха и мир. Тогаш секој сон за мене станува реалност без која не можам да живеам и се изненадувам самиот себе. Животот е убав!
Повеќе од очигледно е дека секогаш дејствуваш по определени идеологии, кои со тек на животот, испреплетени со твоето созревање и искуство сигурно се менувале. Кои се твоите животни начела кои никогаш нема да се променат?
Слободата е мојата единствена идеологија и верувам дека на човек му треба само 1 процент шанса за да тргне во остварување на својот сон. Од 1991 сонував да бидам на бина и еве ме денес, 41 годишно магаре кое создава музика, а истовремено останува магаре. Поради тоа никогаш не пијам валкана вода, дури и по цена на мојот живот, свирам само свои песни и никогаш не научив да свирам по ноти и акорди туку само по слух и срце. Амин.