Иако филмските фестивали во Кан, Венеција, Торонто, Трајбека, Лондон, Берлин за годинава се откажани (или оставени на милост и немилост на пандемијата од Ковид-19), добрите вести се дека You Tube во соработка со филмскиот фестивал Трајбека ќе организира нов дигитален филмски настан со коj се надеваат дека ќе го доловат духот на откажаните фестивали. Настанот се вика „We are One“ и треба да ги прикаже дел од филмовите, документарците, панел-настаните на голем број фестивали вклучувајќи ги, освен гореспоменатите, и филмските фестивали Њујорк, Сан Себастијан, Карлови Вари, Локарно, Санденс… Настанот ќе биде достапен за сите, бесплатно преку стриминг кој ќе трае 10 дена, од 29 мај до 7 јуни.
Засега се знае само дека ќе има мешавина од нови и стари наслови, документарци, музика, комични содржини и дискусии. Но што може да очекуваме од новите филмови? Иако малку е веројатно да бидат прикажани долгоочекуваните наслови од премиерите што беа откажани, сепак ќе има интересна содржина, а и поголема можност за „помалите“ продукции и филмови да допрат до поширока публика. Програмата според организаторите ќе биде објавена подоцна во текот на месецов.
“We Are One: Глобалниот филмски фестивал ќе ги обедини уметниците и раскажувачите и ќе им овозможи да ја забавуваат и да ѝ пружат еден вид олеснување во овие денови на филмската публика насекаде низ светот. Се надеваме дека преку настанот сите ќе добијат претстава за тоа што го прави секој фестивал уникатен и за моќта и уметноста на филмот“, изјави Џејн Розентал, коосновач и извршна директорка на Трајбека филмскиот фестивал, додавајќи дека идејата е да се инспирираат и обединат луѓето преку границите за време на пандемијата.
Успесите на филмските фестивали, како Санденс за нашиот филм „Медена земја“ или Кан за „Паразит“, беа клучни за номинациите на овогодинешните Оскари, така што возбудени сме да видиме што ќе донесат фестивалите оваа година пред филмовите да почнат да се прикажуваат во кино подоцна годинава или следната година.