Фотографиите и видеата на Тео Ангеловски од „карантинско“ Скопје во полициски час беа навистина неверојатни, а брзо станаа едни од најсподелуваните на социјалните мрежи. Дознајте повеќе за Тео, ентузијаст за воздушна фотографија и видеографија, студент на Архитектонскиот факултет на пост-дипломски студии и активно ангажиран како дел од тимот на Pirka.
За фотографирање се заинтересирав… од раното детство кога почнав со разгледување на фотографии од списанија. На 12 годишна возраст го добив мојот прв фотоапарат и почнав да правам свои фотографии.
Прва фотографија ми беше… моментот на паѓањето на капка вода во чаша со вода и создавањето на вибрациите на мирната водена површина што со обично око не може да се забележи.
Инспирација за фотки добивам од…природните убавини, архитектурата и урбаните ткаења на градовите.
Фотографијата има моќ да… направи замрзнување на моментот, документирање на настан, емоција, спознавање природни феномени и откривање на нови димензии.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… Tom Hegen (@tomhegen.de); 2 UK brothers (@abstractaerialart); Petra Leary (@petraleary); Costas Spathis (@spathumpa).
Фотографиите со дрон даваат поинаква перцепција на гледачот… воздушната фотографија споделува многу вообичаени атрибути со копнената фотографија. Сепак, птичјата перспектива, достапна со воздушната фотографија, отвара потполно нов поглед на земјата, природата и човештвото преку нови хоризонти многу послободни без физички ограничувања.
Неостварена желба ми е… да работам на некој документарец со National Geographic или слична продукција на поларните региони.
Социјалните мрежи ја популаризираа или ја комерцијализираа фотографијата… Некогаш фотографите своите дела ги презентирале во галерии или преку печатени публикации. Интернетот и технолошкиот развој овозможуваат фотографите сега да се рекламираат и промовираат на социјалните мрежи што води прво кон популаризација на фотографот, а потоа и вреднување на неговиот труд.
Омилено место за фотографирање во Македонија ми е… Имам многу омилени. Ќе ги одвојам планинските места кои ги имам посетено: Осоговскиот манастирски предел, врвот Солунска глава, Корабски водопад и Пелистерски очи, како и старите делови на градот Скопје.
Места кои ме поттикнуваат да сликам се… Исланд и неговата драматична природа со глечери и водопади.
Проект/фотограф со кој би сакал да работам е… Florian Ledoux, наградуван фотограф кој ја фокусира својата работа на поларните региони и конзервацијата и е активен соработник на Our Planet (Netflix) и Seven Worlds One Planet (BBC).