Ова е разговор со ДУКАГИН ЛИПА – исклучително харизматичен и отворен карактер со кого може да разговарате буквално за се. Ретко е на една локација и ретко кога има време да здивне. Го направивме овој разговор пред да започне пренос во живо помеѓу него, градоначалникот на Приштина и неговата ќерка Дуа Липа. Дукагин е основач на првиот голем фестивал во Приштина – SUNNY HILL FESTIVAL, кој со своите две изданија буквално ја промени климата во регионот – Miley Cyrus, Calvin Harris, Dua Lipa, Action Bronson, Martin Garrix и уште многу други беа дел од артистите кои ја дадоа својата поддршка со свој настап и му помогнаа во остварувањето на неговата желба – да го стави Косово на светската фестивалска мапа. Револуционерниот чекор во 2018-та беше забележан и поддржан од најрелевантните светски медиуми, а веќе во второто издание беше најавена SUNNY HILL Фондација, посветена за поттикнување, инклузија и развој на потенцијалите на граѓаните на Косово. Дукагин е дел од менаџерскиот тим позади една од најважните фигури на модерната поп сцена – ДУА ЛИПА, сопруг, татко на три деца, промотер и музичар.
Некаде помеѓу првиот голем фестивал во Косово, домот во Лондон, светската популарност на Дуа Липа, децата и нивното детство, работата и љубовта, сте вие. Кога помислувате на вашите дневни обврски и приоритети, линијата е хоризонтална или вертикална? Справувањето со многу аспекти мора да побара основни правила како да се остане позитивен и присебен. Може ли да споделите дел од вашите начини со нас?
ДЛ: Кога ќе го погледнам сето тоа во една реченица, ме преплашува, но ова е мојот начин на живот со кој отсекогаш сум се справувал и се чини дека колку повеќе проекти доаѓаат, колку темпото е побрзо, толку повеќе енергија добивам.
Правејќи го тоа со години се тренираме и учиме самите да се „поделиме“ и да се посветиме себеси на повеќе места и таа поделена посветеност мора да биде сепак, 100 проценти од нас.
Секоја ера во музиката има своја естетика и глас. Како би ја карактеризирале актуелната, вредностите и пораката која ја испраќа?
ДЛ: Светот околу нас константно се менува, начинот на кој ние го резонираме светот и како тој нас не обликува. Во секој аспект од животот се провлекува таа наша тенденција да ја истакнеме својата самостојност во размислувањето и сопствена експресија и верувам дека музиката е една од најмоќните гласници во оформувањето на перцепцијата, промовирање на вредности и на позитивни пораки. Артистите мора константно да бидат свесни за нивната моќ, би рекол и одговорност како и улогата на role models, посебно со експлозивната употреба на социјални медиуми од страна на младите генерации кои се во потрага во артисти кои ќе им бидат инспирација.
Животот на турнеја вклучува голема екипа на луѓе потребни да се грижат за различни сегменти во поглед на артистот и самото шоу. Што е најважно?
ДЛ: Да се биде на турнеја е една од најтешките и една од физички најистоштувачките работи кои може да се замислат, а грижата еден за друг е веројатно најважниот елемент за успешна турнеја. Имаме среќа што сме опкружени со некои од најдобрите луѓе во музичката индустрија, кои се дел од тимот уште од првиот ден и веќе се дел и од нашата фамилија. Турнеите траат со месеци и е екстремно многу важно за артистот, бендот и екипата да бидат опкружени со луѓе кои се блиски до нив, кои го имаат тоа поврзување со цел да може да се справат и создадат здрава средина безразлика на уморот, за артистот и на турнејата генерално.
Од многуте притисоци кои музичката индустрија ги има врз своите работници, потребата да се пронајде уникатен пристап, победничка формула, е она што ја развива и ги мотивира сите вклучени во индустријата. Музичката индустрија е начин на живот, може ли да се обидете да ја доближите до оние кои штотуку започнуваат со своите кариери?
ДЛ: Без да звучам клише, вистината е дека како млад артист мора да го следите вашето срце, музиката која што ја сакате и она што го правите со вистинска страст. Моментот кога ќе се застрани од оригиналниот порив и израз со цел „да се успее“, влегувате во еден непознат тунел каде најголемата веројатност е дека нема да го најдете излезот. Она што се обидувам да го кажам е, следете во вашиот сон и дадете сè од себе. Оваа индустрија е екстремно многу тешко пристапна, но немаше да биде забавно ако беше лесно. Излезете и дадете сè од себе.
Бевте член на музичка група, во вашата младост. Од таа перспектива, што значи да се биде храбар како артист и колку таа храброст може да исплива на површина, кога се седи на маса со издавач, менаџер, агент?
ДЛ: Ова е доста блиско до мојата претходна мисла, каде држењето цврсто до својата автентичност и храбро чекорење е единствениот начин… Седење пред големи агенти, менаџери и издавачи на музика, како и сите останати тимови, и доближување на твојата љубов, она што го правиш, она во што веруваш, тоа не лаже, само додава вредност на твојата сериозност и оригиналност.
Се движите помеѓу Источната и Западната страна на Европа. Кои се вашите омилени карактеристики од двете страни?
ДЛ: Јас сум Албанец од Приштина, Balkan Boy и многу сум горд на тоа. Ние му даваме некој дополнителен „зачин“ на западниот свет, додека западот суптилно го скротува нашиот помалку див дух. Обожавам колку знаеме гласно да зборуваме од срце, кога не сме многу тактични и сакам што западниот свет не учи да бидеме претпазливи и питоми.
Во основа сум многу среќен што ја имам можноста да го имам најдоброто од овие два света.
Што може да ве задржи буден во доцните часови?
ДЛ: Работата која стои ме држи буден навечер. Размислувам, планирам, победувам во замислени расправии… 🙂
8. Запознавате многу луѓе секојдневно. Што останува со вас од нив, што ви го задржува вниманието?
ДЛ: Многу сакам да запознавам нови луѓе, да комуницирам, да се социјализирам и дружам и би сакал да мислам за себе дека тоа е една од моите најдобри страни. Заинтересиран сум за туѓите животи, нивните приказни, секогаш сум отворен за нови и креативни бизнис идеи и не престанувам да се воодушевувам од огромниот број на луѓе со неверојатни идеи. Тие се насекаде околу само треба да бидеме отворени.
Визуелизација или зборови? Кој е вашиот начин на експресија?
ДЛ: Она што луѓето го нарекуваат „daydreaming“, јас го викам визуелизација. Пред да ја преточам идејата во зборови или понуда, дефинитивно го визуелизирам секој детал. Кога тој „daydreaming“ момент ќе ја отвори вратата и ќе влезе во реализација, тоа е најубавиот адреналин што постои. Покрај визуелизирањето на идеи и проекти, ние сме битија кои сакаат да додадат малку гестикулација, малку драма, природна телесна експресија додека комуницираме вербално, и го обожувам тој начин. Тоа е нашата уникатност, тоа нè прави она што сме.
Што го одржува вашиот дух и креативност во форма?
ДЛ: Се трудам да читам, колку што времето ми дозволува. Сакам да се навраќам на стари (или не баш стари) филмови и да слушам цели албуми, наместо синглови. Силно верувам дека само целосен албум може да ни даде комплетен интерен поглед во светот на артистот, а од таа слика ние можеме да си креираме свои паралели. Во последно време слушам Jacob Banks, Tom Mitsch и отидов малку назад кај еден од моите омилени бендови – Stereophonics!