Ирена, Бојан и децата Ева и Андреја Милиновиќ се петчлено семејство (вклучувајќи го и кучето Марфи) кое живее динамично за време на работната недела: работа, училиште и секојдневна борба против сите електронски уреди, а за време на викендите вистински ужива и спортува на некоја од нашите планини. Блогот www.turnimedakinisam.mk преку нивните планинарски семејни авантури е вистинска инспирација за многумина да почнат со планинарење и да се запознаат со прекрасните места низ Македонија и да ги научат и своите деца да ја сакаат и почитуваат планината и природата.
„Корените за планинарењето се всадени многу одамна, од страна на тетка му на Бојан, Слободанка, доајен во македонското планинарство, која сè уште ни прави друштво на многу тури. Бојан со неа планинарел од мал и искачувал многу врвови. Кога се запознавме со Бојан, бев автоматски турната и јас „во огнот“ и сум денес многу благодарна што ми ја всади „чивијата“ и што без овие спортови на отворено не можам да живеам. Се подразбираше дека и децата ќе ги растеме во духот на природата и планините, па често сега им велиме, дека таква им била среќата, да се „паднат“ во вакво семејство :)“, вели Ирена.
На Инстаграм водите доста интересен профил „Турнимедакинисам“. Кој стои позади овој профил и како почна вашата приказна со планинарењето? Како дојдовте до идејата за името?
Профилот на Инстаграм го направивме веднаш откако беше готов нашиот блог www.turnimedakinisam.mk. Некако дојде природно, бидејќи на Инстаграм преку моќта на фотографиите и видеата може да го доловиме тоа што сакаме да го пренесеме со блогот и која е нашата цел. Зад блогот стојат две деца, Ева (10) и Андреја (8), а кучето Марфи им е лектор хаха…Се шегувам 🙂 Тие вистина пишуваат на блогот, а ние едитираме и лекторираме. Ева и Андреја се израснати по планини. Нивната баба е планинарка, така што крвта не е вода 🙂 Ги носевме во специјален планинарски ранец уште кога имаа 6 месеци. Ни требаа неколку години додека беа мали, да им ја всадиме љубовта кон планината, чекајќи ги деновите кога заедно сите ќе можеме да освоиме некој врв или да уживаме во подолга тура. И така и се случи 🙂 Името спонтано ни дојде. Сакавме да е автентично и интересно, наше… и да не е клише. А и самото по себе ја кажува нашата цел. Мислам дека е полн погодок.
Како одлучивте вашите авантури да ги објавувате преку блог со тоа што давате и корисни совети?
Последниот период, особено откако почна пандемијата, многу семејства пројавија желба да поминуваат време во природа, да планинарат или да возат велосипеди. Многу наши пријатели ни бараа идеи за убави места во природа, нѐ прашуваа за совети, но и често ни правеа друштво на наше задоволство, што не беше случај претходно. Поради тоа нашата идеја која претходно само лебдеше некаде во нашите мозоци, конечно созреа, во прав момент. Целта на блогот е да ги „поттурнеме“ оние кои имаат желба, ама немаат идеја каде да одат, на која планина, како да се опремат и сл. Сакаме да им помогнеме околу сите прашања: маркација, висинска разлика, должина , опрема, да споделиме GPS запис кој може да си го симнат, да прочитаат некоја наша интересна случка и сл. И повеќе да нема изговори 🙂
Ќе може ли да ни кажете неколку совети за почетници во планинарењето? Од каде да почнат, на што да внимаваат, каква опрема е најчесто потребна?
Љубовта и односот, почитта кон природата се градат од мали нозе. Треба да ја сакаме природата, да ја чувствуваме како дом, да имаме желба да поминуваме време на планина, на чист воздух. Секако, никогаш не е доцна да се почне. Супер е тоа што сè повеќе луѓе и фамилии со деца ги користат викендите за престој во природа и почнаа да менуваат некои навики. За почеток, советуваме да не поставуваат големи цели. Не мора да е планински врв, целта може да е некоја ливада, шума, преубав поглед, река … Треба да имаат удобни планинарски чевли. Облеката да биде секогаш во повеќе слоеви. Да понесат доволно вода, енергетска храна и јакна-ветровка. Никогаш не смееме да ја потценуваме планината. Таа е магична, но и моќна и опасна. На планина временската прогноза задолжително мора да се провери ден однапред. Доколку не дозволува времето, нема одење.
Кое ви е вас омилено место, планина, врв во Македонија за планинарење и прошетки?
Македонија изобилува со прекрасни планински масиви и живописни предели за уживање со семејството. Често остануваме без зборови од некој поглед, шума или врв и се прашуваме дали ова е навистина нашата земја? 🙂 Како предлог до сите почетници, би ја издвоиле нашата омилена, а во близина на Скопје – Скопска Црна Гора и врвовите Рамно, Црн Камен, Здравец, или пешачење до Спирова Колиба. Исто и Јакупица или Мокра Планина, до која пристапуваме од с. Патишка Река и има преубави патеки и врвови кои можат да се искачат. И нашата најубава да не ја заборавиме, Шар Планина. Секоја планина си носи своја убавина и тежина.
Давате и совети за планинарење со деца што е одлично за да се почне со планинарење што порано и децата да бидат вклучени во овие активности. Што им е особено интересно на децата при планинарење? Каде најмногу сакаат да планинарат?
На децата им е буквално сè интересно во природа. Таму е сѐ дозволено, да се валкаат, да паѓаат, да скокаат, да викаат, едноставно се чувствуваат свои на своето. Од искуство, интересно им е да се со друштво на слична возраст. Тогаш игрите сами доаѓаат и уморот речиси и да го нема. Сакаат да имаат одговорности, да бидат водичи, да бараат маркација, да носат фотоапарат, челна ламба, да наоѓаат скратени патеки, да бараат разни инсекти и да разговараат за животните кои живеат во тој предел.
На што да внимават родителите при планинарење со деца и најважно како да се охрабрат да почнат, која возраст е најсоодветна, кои патеки и планини се најсоодветни, како да го одржат интересот на децата…?
Родителите ќе се изненадат колку децата имаат енергија. Многу повеќе од нас верувајте. Единствено кога ќе им стане здодевно, тогаш велат дека се уморни. Затоа, може да понесат некое нивно другарче. Доколку се сами, би препорачале некои „трикови“. Нека понесат двоглед или фотоапарат. Разговарајте за растителниот и животинскиот свет кој се јавува во тој предел, ова може да го истражите и пред тргнување. Научете ги на една важна лекција – да не фрлаат отпадоци. Нека наоѓаат скратени патеки, нека бидат водичи, едноставно најдете им „работа“ и учете ги на планинска култура 🙂 Ева и Андреја колку и да се жалат дека им е тешко, кога ќе дојдат дома заруменети, се многу горди на постигнатиот успех. Придобивките од планината се огромни: ја будат креативноста, ги прават децата издржливи и посамоуверени, а да не зборувам за здравствените придобивки. Во ова брзо и чудно темпо на живот, планината е вистински балсам за душата. А за тоа како да ги охрабриме родителите, нека го посетат нашиот блог, нека симнат некоја од патеките, нека прочитаат како ние сме си поминале и верувам дека нема да се двоумат. А кога еднаш ќе тргнат, нема назад, планината те влече, те маѓепсува 🙂
Ќе може ли да ни раскажете некоја интересна случка од планинарење која ви оставила особен впечаток и нема да ја заборавите?
Секако 🙂 Имавме авантура на нашиот викенд во планинарскиот дом Чеплес, кога со велосипеди тргнавме од с. Нежилово до ПД Чеплес, а следниот ден го искачувавме врвот Солунска глава. По патеката по која се движевме со велосипеди за жал го згрешивме правецот, а тогаш немавме GPS уред. Набрзо почна да се стемнува, а ние се „натегавме“ дали да продолжиме и голема беше веројатноста да се изгубиме во ноќта. За среќа нѐ слушнаа ловџиите „Бабунските Рисови“ – спасителите на нашата тура!! Не ни се веруваше кога ни кажаа дека не би било ништо чудно да налетаме на мечка штом се стемни, затоа што баш пред некој ден ги разбудила баба Меца која барала храна во нивната куќичка. Ние дојдовме токму за време на нивниот ручек. Нè нагостија и со теренско возило во ноќта нè пренесоа до ПД Чеплес. Благодарни сме им до небо! За крај… На нашиот блог ќе може да се најдат не само планински, туку и велосипедски тури и SUP тури кои имаме во план летово да ги истражуваме во Охрид . Љубители сме на сите outdoor спортови и ги охрабруваме оние кои истражиле некоја тура, слободно да ни пишат, ние со задоволство ќе ја објавиме.