За време на празниците најчесто подготвуваме традиционални специјалитети, но ако сте расположени за нешто ново и супер вкусно – ви го препорачувам овој млечен тарт кој ќе ве освои со својот вкус! Одамна сакав да го пробам и прочитав еден куп рецепти и начини како да се подготви, па на крај избрав нешто што мене ми звучеше лесно за подготовка. Овој јужноафрикански рецепт е совршен за сите љубители на млечни десерти, цимет и вкусно тесто со многу путер. 😊 Не пропуштајте го!
За подготовка ви треба тава за тарт 20-22 см или мали калапи за тарт 4 х 10 см. Ако немате тава за тарт, слободно пробајте го и во обична тава! Само потрудете се да го направите тестото како калап со еднакви страни.
Состојки за тесто:
- 150 г брашно за колачи
- 100 г путер (омекнат на собна температура)
- 1 јајце (L големина)
- 35 г шеќер во прав
- 30 г мелени бадеми
- прстофат сол
Состојки за фил:
- 620 мл млеко
- 2 стапчиња цимет
- 2 јајца (L големина) на собна температура
- 100 г шеќер
- 40 г нишесте
- 20 г брашно
- 2 лажичиња ванила екстракт
- прстофат сол
- 30 г путер
Прво подгответе го тестото. Во длабок сад миксирајте го путерот со шеќерот додека добиете мазна текстура. Потоа додајте го јајцето, мелените бадеми и солта и миксирајте додека се соединат. Додајте половина од брашното и измешајте. Додавајте ја преостанатата половина од брашното полека и замесете тесто. Доколку тестото е многу лепливо, додајте малку брашно но не претерувајте. Ако случајно тестото стане пресуво и кршливо додајте 1-2 лажичиња вода.
На лесно набрашнета површина расукајте го тестото во круг кој е малку поголем од тавата. Замотајте го на сукалото и префрлете го во тавата за тарт (претходно премачкана со малку масло). Вдлабнете го добро по краевите на тавата за да формирате калап и пресечете го вишокот тесто кое излегува надвор од тавата. Доколку тестото се распука на некои делови, пополнете го со вишокот тесто. Избоцкајте го долниот дел на тестото со виљушка и потоа оставете го во замрзнувач околу половина час. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 165 степени.
Тестото се пече без филот на начин кој на Интернет најчесто го сретнувате како blind baking. За оваа цел го покриваме изладеното тесто целосно со хартија за печење (тестото не треба да ѕирка од ниедна страна) и средишниот дел на калапот го полниме со ориз или грав за да му дадат тежина на средишниот дел и да се спречи подигнување на овој дел од тартот при печењето. Печете во загреана рерна 15 минути на овој начин, потоа извадете ја хартијата за печење заедно со оризот/гравот и печете уште 15-20 минути додека зарумени тестото малку по краевите. Не треба да добие темна боја, но внимавајте да нема непечени делови во центарот. По печењето оставете го да се излади до собна температура.
За филот сипете го млекото во длабоко тавче и додајте ги стапчињата цимет. Гответе на средна температура додека се појават меурчиња во млекото, но внимавајте да не зоврие. Во длабок сад изматете ги јајцата, додајте шеќер, сол, нишесте и брашно. Мешајте додека снема грутки. Кога ќе почнат да се појавуваат меурчиња во млекото, тргнете го тавчето настрана и додавајте по 2-3 лажици од млекото во садот со јајцата. Мешајте веднаш после секое додавање. Јајцата треба да почнат да се готват на овој начин, но не смее да добиете кајгана во процесот! 😊 Затоа внимателно, додавајте малку од млекото и мешајте веднаш после секое додавање. Кога речиси целото млеко ќе биде префрлено во садот со јајцата, сипете ја смесата назад во тавчето и гответе на средна температура со постојано мешање додека се згусне убаво смесата (10-15 минути). Потоа тргнете го од оган, додајте ванила и путер и мешајте додека се стопи целосно путерот.
Сипете го филот во испечениот тарт и израмнете ја површината. Посипете го со цимет и оставете го да се излади добро во фрижидер најмалку 5 часа или преку ноќ. Послужете го тартот целосно изладен. Филот не треба да биде премногу цврст, па затоа е најдобро да се сече и служи додека е ладен. Декорирајте по желба и уживајте во неодоливиот вкус! 😊